АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со транспаренти „Не за насилство, не за подолеби“ и извици „Сакаме правда за Ромите“ денес во Битола се одржа протестот против полициската бруталност. Ромите протестираа во близина на Главната пошта, токму на местото каде минатиот викенд полицаец истепа битолчанец од ромска етничка припадност откако овој во пијана состојба удри со возилото во електричен столб.
„Ние бевме во кафана и бевме поднапиени и со возило удривме во бандера. Сообраќајката ја признаваме, но немавме никаква помош од полицијата, да видат дали сме здрави, живи. Ние излеговме од возило да видиме што е работата, а тие почнаа да маваат со тупаници, предмети. Во шок сме. На 52 години сум, а немам ни една пријава ни за кражба, ни за друго дело„ рече Сафет Велиоски, еден од Ромите кои беше тепан.
Учесниците на протестот побараа да запре дискриминацијата врз ромското население.
„Битола е град ширум светот познат по неговата дипломатија, култура, град на филмот, но и град каде најповеќе дискриминацијата ја чувствуваме од сите градови во нашата земја.. Апелираме да запре дискримунацијата од полицијата и сите институции. Претходно имавме судски постапки кои ги добивме, а ни беше забранувано влегување во базени, издавање на ресторани за одржување на семејни веселби, влегување во кафулиња“, рече Рамадан Рустемов од „Ромско јато“.
НВО активистката Фатма Бајрам Аземовска од „Сумнал“ порача дека треба да запрат нападите и врз Ромите и врз полицијата. Таа исткна дека тие не се против полицијата, туку против определени фраерчиња кои ја злоупотребиле моќта.
„Како што имаме права така имаме и обврски и ве повикувам во следниот период да не дозволиме да возиме во пијана состојба зашто сите ние можевме да излеземе таа вечер и моето дете можеше дса биде повредено. Ве молам, во иднина да ги почитуваме прописите , но од друга страна полицијата не смее да тепа, требада ги почитува сите постапки и институции кои што постојат“, рече Бајрам Аземовска.
Деца им подарија цвеќиња на полицајците кои го обезбедуваа протестот, а Ремзи Медик од „Баирска светлина“ рече дека тоа е гест со кој испраќаат знак на помирување, но и апел да не се случуваат повеќе вакви работи.
Самедин Канановски порача да не се шири говор на омраза на социјалните мрежи за настанот.
Ианку, уште вчера МВР поднесе кривична пријава против П. Г. полицаец во СВР Битола, за кривично дело малтретирање во вршење на службата. Против полицаецот П. Г. и неговиот колега К. Г. се покренати и постапки за дисциплинска одговорност и суспензија од работното место. К. Г. е суспендиран оти бил присутен на тепањето и не презел никакви мерки за спречување на насилството против битолчанецот.
Во среда во Битола е најавен и протест против насилство врз полицијата.