2win800x200

„Целиот живот ми помина во светот на серенадите“, вели лауреатот Калица за Апла.мк

Ноември 04, 2020

Во една од неговите легендарни песни „Стариот џумбушлија“ опишувајќи ги боемите напишал „целиот живот му помина по тие пусти меани“, а денес во изјавата за Апла.мк по повод наградата „4 ноември“ за животно дело, Петар Георгиев- Калица вели „целиот живот ми помина во светот на серенадите“.

Од неговото перо и музички талент излегоа десетици песни кои ги надминаа локалните, регионалните и националните рамки, а преку кои ја афирмира Битола, вредностите и животот во градот. Неговите музички творби се толку убави, што лесно се обнародија и денес битолчани ги нарекуваат староградски. Познавачите на неговото дело велат дека тој ги напиша песните низ кои дише градска Битола.

Денес на доделувањето на наградите Калица поради здравствени причини не можеше да присуствува, па наградата во негово име ја подигна неговиот син и адвокат Александар Герогиев –Калица.

Петар Калица во телефонски разговор за Апла.мк рече: „Ова е потврда за се она што сум го работел со љубов за Битола и некако целиот живот ми помина во светот на серенадите и приказните на Широк Сокак, творејќи со силна надеж за една нова европска Битола“.

Тој изрази голема благодарност до битолчани, Општина Битола и сите лица вклучени во процедурата за доделување на наградите „4 номеври“.

Инаку Калица е композитор, текстописец, музички хроничар на Битола, вљубеник во градот, личност која со својата професинална ориентација го прославил својот роден град на сите континенти. Награден е поради неговите достигнувања од областа на музиката како автор на легендарната песна „АКО ОДАМ ВО БИТОЛА“, како и автор на десетици музички дела кои ги надминале локалните, регионалните и националните рамки, а преку кои ја афирмира Битола, вредностите и животот во градот. Негово дело се песните „Ноќва сум мајко кефлија“, „Печалбарска балада“, „Стариот џумбушлија“, „Летај ми летај гулабе“ и многу други.

Како вљубеник на Битола тој е доследен на желбата својот животен и професинален век да ги посвети на средината во која е роден. Човек кој целиот свој животен и професинален век неприкинато живее и твори во Битола. Од 2016 година е адвокат во пензија.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани