АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Расказот „Идат денови“ на битолската писателка Светлана Папачек, кој ја доби втората награда на конкурсот за краток расказ „Раскажувам фотографија“ на Фондот на Холокаустот во основа има вистинска животна приказна од периодот на депортацијата на Евреите во Битола. Само што авторката до некаде ја изменила сакајќи да не ја наруши приватноста на одредени лица од градот.
„Мојот расказ Ja vjeni dies што во превод значи ‘Идат денови’ ја доби втората награда. Знаете дека во Битола живееја многу Евреи кои ги снајде злото наречено Холокауст. Останаа да се раскажуваат настаните поврзани со нив и нивните среќи и несреќи. Токму за една среќа – несреќа се раскажува во моето писание. Штотуку роден син на познат трговец е даден како аманет во христијанско семејство, како брат близнак со цел да биде спасен од сите голготи кои го задесија неговото семејство. И преживува како христијанин, со друго име, за да на крајот кога ќе наполни 18 години ја осознае вистината за неговото вистинско потекло“, вели Папачек за Апла.мк.
Таа открива дека лицето за кое пишува во вистинскиот живот била жена, ја одгледало битолско семејство и живеела до последно во Битола.
Инаку, Фондот на холокаустот за прв пат распиша конкурс за краток расказ инспириран од стари фотографии: „Раскажувам фотографија“. Неколку седмици по ред, во петок, на ФБ страницата на Фондот беа објавувани по три фотографии позврзани со животот на Евреите во Македонија. Трите фотографии беа тематски и беа лајтмотив за расказот. Во расказите требаше да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото.
„Прифатливи беа раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, раскази кои се бават со соочување со минатото, Холокаустот, емпатија, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите“, вели Папачек.
Целта беше да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е многу популарна, современа и широко прифатена од читателската публика и која има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција. Конкурсот почна на 16.10.2020 год. и траеше до 31.12.2020 година.
Резултатите од конкурсот беа објавени денес на 20.01.2021, а наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 27.01.2021 година, кога се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот. Најдобрите раскази, според жири комисијата, ќе бидат објавени на ФБ и веб страниците на Фондот. Сите издржани раскази ќе бидат објавени во публикација. Темите беа следните: ,,Мостови" ,,По улиците на Еврејските маала" ,,Евреите занаетчии" ,,Ехото на синагогите" ,,Свадбите во Еврејските маала" ,,Обележани со жолта Давидова ѕвезда" ,,Евреите партизани, борци за слобода" ,,Антисемитизам, дискриминација, дехуманизација" ,,Депортација и патување без повраток" ,,Спасители – праведници меѓу народите" и ,,Спасени".