АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Учениците, наставниците, а и родителите чии деца учат во ООУ “Тодор Ангелевски” во Битола и подрачните училишта во Стрелиште и Оризари на дело ја покажаа својата хуманост. Под мотото “Лидери на добрина и љубов“” во склоп со интернационалниот проект „A Magical Intercultural Friendship Network“ (Волшебна мрежа на меѓукултурно пријателство) централното училиште заедно со другите две подрачни организнизираше хуманитарна акција. Од учениците за учениците, со вакви зборови може да се опише намената на хуманитарната помош зашто учениците донираа за семејства од ранливи категории чии деца се ученици во истото училиште. Во акцијата се вклучија сите ученици од прво до деветто одделение кои имаа можност да донираат помош за другите.
„Во акцијата се вклучија наставниците, учениците, родителите. Посебна посветеност покажаа учениците. Вистински хуманитарци, вистински лидери на добрина и љубов. Поделија дел од својата храна, средства за хигиена, дел од својот училишен прибор, својата насмевка со другарчињата на кои им беше најпотребно. Учениците го покажаа своето големо срце полно со добрина и љубов. Наставниците се горди на своите ученици, а бидете горди и вие родители со вашите хуманитарци“, изјави директорката на училиштето Љубица Стерјева.
Иако акцијата се случи во кризно време, се собраа доволно храна, хигиенски средства, училишен прибор и друго. Донацијата заврши кај оние на кои им беше најпотребна- кај социјални случаи, самохрани родители, невработени, семејства каде родителите се болни. Она што го донираа учениците од Стрелиште беше наменето на ранливи категории од таа населба, донацијата од Оризари заврши кај семејства од тој дел на Битола, а од централното училиште успеаја да израдуваат 15 семејства со пакети со храна, облека, хигиенски средства и училишен прибор.