АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, денеска најави дека во Собранието на РМ ќе иницира процедура со која седиштето на Правниот факултет од Кичево, ќе се префрли во Битола. Овој факултет кој е во рамките на универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, беше обновен во 2008 година, но со седиште во Кичево,a со дисперзирани студии во Битола и Струга.
-Во Собранието најскоро ќе поднесам предлог закон со којшто ќе барам промена и поддршка од колегите пратеници за промена на седиштето на факултетот, наместо да биде во Кичево, да биде во Битола. Но тоа не значи дека факултетот во Кичево и Струга ќе бидат укинати, напротив. Ќе се зголеми квалитетот во истите, од тие факултети ќе можат своите искуства да ги надоградуваат тука во Битола каде всушност ќе биде седиштето. Тоа е и за добро на факултетот, универзитетот и на студентите, изјави Александар Кирацовски, пратеник во Собранието.
На овој начин ќе се исправи долгогодишната неправда кон Битола, затоа што и покрај тоа што градот има богата правна традиција, сепак обновениот Правниот факултет имаше седиште во Кичево.
„Правниот факултет во Битола претставува дисперзирана испостава на Правниот факултет со седиште во Кичево, каде што токму во седиштето имаме негативен тренд на запишување студенти. Од друга страна фактите и аргументите покажуваат позитивен тренд на запишување на студенти и квалитет во Битола. Исто така имаме и голем број институции, Основен и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, 146 регистрирани адвокати и адвокатски друштва, 7 извршители и 13 нотари. Имаме голем број институции, приватни комапнии, невладини организации кои дополнително можат да бидат дел од развојот на овој факултет и развој на студентите. Токму овие аргументи налагаат промена на седиштето на овој факултет, наместо во Кичево да биде во Битола со што ќе се зголеми атрактивноста од една страна, од друга страна преку низа други мерки и активности ќе се обезбеди долготрајност и одржливост на истиот, додаде Кирацовски.
Оваа вест, Кирацовски ја соопшти денеска на трибината на УКЛО на тема „Правниот факултет меѓу традицијата и современите предизвици“, а ректорот на битолскиот Универзитет, проф д-р Сашо Коруновски, посочи дека правните факултети се столбови на универзитетите.
-Она што не учи минатото да видиме кои се предизвиците за Правниот факултет и да го поставиме на вистинските насоки за да добиеме еден функцонален факултет кој ќе биде еден од столбовите на нашиот универзитет. Правниот факултет претходно е еден основачите на УКЛО, и не е тоа случајно, затоа што правните факултети на било кој универзитет вообичаено се столбовите на тие универзитети. Денешното предавање, на некој начин поврзано и со 10 години од реосновањето на Правниот факултет е за да видиме од една временска дистанца, не само на овој Правен факултет туку и на оној кој бил основан во 1970 година, што се случувало и кои се неговите перспективи за развој, изјави проф.д-р Сашо Коруновски, ректор на УКЛО.
Деканот на Правниот факултет при УКЛО , проф д-р Горан Илиќ, посочи дека трибината е организирана со цел да се потенцира значењето на оваа високообразовна установа
-Правниот факултет има огромно општествено значење, заради неговот кадровски потенцијал, образовни перспективи. Ние сме во процес на сондажа, соочени сме со одредени недостатоци кои ни претставуваат пречка во понатамошниот развој. Земајќи го предвид потенцијалот со кој располага самиот факултет, неговото лоцирање во Битола како регионален центар, секако како центар кој заслужува и му следува да има Правен факултет, изјави проф.д-р Горан Илиќ, декан на Правниот факултет при УКЛО.
Покрај наставниот и соработничкиот кадар на Правниот факултет и студентите, гости на настанот беа и претатвници од Основниот и Апелациониот суд во Битола, Основното и Вишото Јавно Обвинителство во Битола, канцеларијата на Народниот правобранител и Државниот правобранител на РМ, како и адвокати од Битола.