АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од своето основање на 25 март во далечната 1945 година со решение на Градскиот народен одбор со името Градска народна библиотека во Битола, таа многу пати го менувала името како Градска, Матична, за денес да го носи називот Национална установа Универзитетска библиотека „Св Климент Охридски Битола“. По повод 76 годишнината од основањето, директорот Бојан Стефановски направи пресек на работењето на Установата истакнувајќи ја нејзината важност низ годините и денес за Битола, училиштата, факултетите, читателите.
Поддршка за учениците, наставниците, студентите и професорите во наставата
„Универзитетската функција ја има од самото основање на Универзитетот во Битола и до денес активно учествува и дава поддршка во наставата преку различни активности наменети за студенти и професори. По она што беше од секогаш препознатлива за градот се нејзините библиотекари кои своите професионални компетенции ги ставаа пред граѓаните. Порано, печатениот материјал беше доминантен, па и бројот на читатели беше голем. Напоредно со просторот и кадарот, се развиваше библиотечна дејност, се воведуваа нови содржини програми и креативни проекти. Се организираа промоции, семинари, бројни работилници. Активностите кои десетина години се одвиваат во нашата Библиотека со несмален интензитет се: Родокрајните средби на писателите, креативни работилници за деца, саеми на книги, изготвување на персонални биографии, следење на културни настани и друго. Библиотеката се појавува како издавач на повеќе стручни и литературни изданија, повеќе од една деценија излегува списанието 'Библиотечен тек“, рече Стефановски.
Ги прилагодува програмите за лицата со попреченост
Меѓу бројните активности реализираат и библиотечни прокети за лица со попреченост, маргинализирани групи на граѓани. „Нивната инклузија е приоритет за нашата програма и постојано сме во контакт со лица кои имаат проблем со вид и слух, особено со најмладата популација за да ги прилагодиме нашите програми според нивните потреби“, додаде Стефановски.
Како општествено одговорна институција поттикнуваат соработка и опремуваат простор со книги каде што за тоа има потреба, тоа се Болницата, Старски домови, затворска читална, Пензионерско здружение,помали збирки во рурални средини.
Мултикултурни, зелени библиотеки, дигитална колекција на разгледници, планови за скора иднина
„Во фаза сме на имплементација на програми за мултикултурни, зелени библиотеки и дигитализација на библиотечна граѓа и културно наследство. Веќе приредивме дигитална колекција на разгледници од Битола и Северна Македоинија која наскоро ќе биде целосно обработена со дата податоци и тоа наскоро ќе биде уште една интерактивна програма на нашата институција“, рече директорот.
21 век е век на информации, дигитализација и автоматизација во сите полиња на човековиот опстанок, автоматизацијата на библиотечното работење продолжува и денес. Од првите терминали, работни станици, па се до современи десктоп компјутери и сервери со огромен простор. Библиотеката низ своето 76 годишно работење, денес поседува најсовремена информатичка опрема, а со воведување на кобис програма во библиотечното работење ја започна новата ера на современ начин на работење.
Постоиме за читателите
„Денес сме единствена библиотечна инстутуција која ги има имплементирано сите сегменти од автоматизацијата на библиотечното работење, а базата на библиотечна граѓа постојано се збогатува си нови наслови. Брзото застарување на технологијата е проблем со кој постојано се соочуваме, но она што можеби е најдрагоцено во менаџирањето на овој тип на институација е вложување во професионализација на кадарот и структурирање на нова организација на Библиотеката преку сектори и одговорнби раководители, како и вработени кои посетуваат обуки, едукации, семниари и пишуваат научни трудови“, истакна Стефановски.
-Но освртот кон 76 годишното работење не би бил целосен ако не ги споменеме и оние за кои работиме, а тоа се нашите членови, нашите читатели, чекориме заедно во новиот милениум, ги слушаме вашите идеи, сугестии, читаме, се дружиме, квалитетно го минувамне времето и заедно ја менуваме заедницата“, рече директорот на Универизтетската библиотека во Битола..