Музејот на Република Македонија пренесува една несекојдневна и топла приказна за мајсторот Велко Николов кој имал свој кројачки дуќан во Битолската чаршија.
Приказната ви ја пренесуваме во целост.
Велко Николов (1867-1930) е роден во селото Белушино. Кројачкиот занает го учи и живее во Крушево до 1903 година, кога се сели во Битола и отвора свој кројачки дуќан, каде што шиел и продавал готови облеки изработени по европска мода. Добро организираната работа и големиот број на работници што ги вработувал му овозможиле на Велко слободното време да го исполни со своето хоби – изработка на килими од парчиња штоф. Направил вкупно пет килими - три големи, кои ги оставил за спомен на своите деца, и два помали. Килимите се постилале во гостинските одаи за празници и визити, а помалите се ставале и на ѕид. Освен килимите Велко изработил и една елегантна женска чанта како и машка торба за лов која на внатрешната страна на појасот има навезен текст: Споменъ отъ Битоля 21 ноем 1915 В.Николов. Покрај торбите, сочувани се само два големи килими кои се сега вредни експонати во збирката на Музејот на Македонија.
Килимите и торбите се изработени во техниката пачворк. Направени се од парчиња волнен штоф исечени во геометриски форми и сошиени така што прават мозаична слика. Секој од овие килими е составен од шест до седум илјади поединечни парчиња и уште толку за исполна на опачината.
Килимите се поделени на помали полиња кои се изработени посебно и потоа се споени со составни ленти. И двата сочувани килими имаат иста композициска матрица со централно поставена осумкрака ѕвезда, впишана во осумаголник сместен во квадратно поле опкружено со три бордури. Мотивите во бордурите се повторуваат во различни колоритни комбинации и секоја поединечна целина, со употреба на штофови од различни текстури и бои, има уникатно колористично решение. Со вештото комбинирање на штофови во контрастни бои е постигнат извонреден оптички ефект на тродимензионалност.