АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вербален дуел меѓу советниците Методија Илиевски и Габриела Илиевска
Советот на Општина Битола не ги прифати завршните сметки на јавните претпријатија „Комуналец“, „Водовод“, „Нискоградба“ и „Пазари“ за минатата година. Советниците од владејачкото мнозинство , предводено од СДСМ гласаа против, зашто како што беше кажано ќе следува ревизија на материјалното работење, во периодот на 2017, а некаде и на 2016 година кога со претпријатијата управуваа директори од претходната власт.
Советничката Габриела Илиевска од независната листа „Поинаку“ ги обвини советниците од власта дека гласаат исклучиво партиски.
„На комисиската расправа добивме известување дека во јавните претпријатија состојбата е добра освен за ’Нискоградба‘. За ниедно друго претпријатие не слушнавме дека има долгови и проблеми. Советниците кои до вчера кога беа во опозиција критикуваа, сега имаа само едно прашање за директорот на зоолошката градина колку плаќал за да ја стопли водата за нилското коњче“, рече Илиевска.
Советниците од „Поинаку“ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа да се обезбеди присуство на градоначалничката Наташа Петровска.
„Очиледен е игнорантскиот однос зашто четири месеци не е присутна на седниците на Совет. На дневен ред се завршните сметки на јавните претпријатија чиј основач е општината, а неа ја нема“, рече Борче Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Советот, Валентин Груевски рече дека Петровска не дојде на седница зашто е на службен пат во странство. Околу обвинувањата дека се гласа исклучиво партиски, тој рече дека како советник 9 години гласал против завршните сметки на претпријатијата додека со нив раководеле директори од ВМРО-ДПМНЕ, а и денес го сторил истото иако директорите се сменија.
„Не е точно дека на комисијата никој не поставил прашање, прашувавме и добивме одговори дека во Комуналец ќе има ревизија за 2017 година и 2016 година, која претпријатието ќе ја плати од сопствени средства . Тоа ќе чини околу 250 000 денари. Тоа го дознавме на комисија. Втора работа дека во Нискоградба ќе има ревизија за 2017 година, а потоа и за претходните години, тоа го слушнавме на комисијата. Гласавме против, без разлика какви се бројките. И бројката од добивката не значи дека тие имаат пари кои можат да ги дадат некаде, тие се бројки книговодствени. 180 милиони денари имаа ненаплатени побарувања во Комуналец со години. Ако се отпишеа тие побарувања, Комуналец ќе беше во голма загуба, па ги оставија“, рече Груевски.
Советниците од СДСМ рекоа дека ќе дискутираат по завршните сметки кога за некој месец ќе пристигнат резултатите од ревизијата на материјалното работење во јавните претпријатија.
„Маските паднаа, а тројанскиот коњ на ВМРО-ДПМНЕ се појави во Советот и статусот го докажа. Ќе се препознае кој е. Новите директори беа поставени во декември, десет дена пред завршувањето на годината. Во тек е тендерска постапка за ревизија во работењето на ЈП за 2017 година. Наместо градоначалничката да ја бараат да дојде, требаше да ги побараат директорите на ВМРО-ДПМНЕ зашто лани тие ги видеа претпријатијата“, рече Менде Илиевски од СДСМ.
По ова збор зеде советничката од „Поинаку“ Илиевска која на советниците од власта им рече дека измешале коњи и магариња, но дека таа ќе продолжи да фотографира контејнерите со смет и да зборува за комуналните проблеми во интерес на граѓаните.
Илиевски, пак, додаде: „ Кога станав координатор на советничката група на СДСМ пробав да воспоставам контакти со многу структури, односно да работам за доброто на градот. Едно од кафината што ги испив беше со колешаката Габриела на кое и понудив соработка за доброто на градот. На тие 3000 луѓе што гласаа за вас, да му кажете вие или јас ќе им кажам дека имавте шанса да бидете во колаиција со нас за да работиме сите заедно за доброто на општина Битола. А вие одбравте да бидете на другата страна, да падни маската.“
-Со ова докажавте дека ние сме независна листа и нашите луѓе не се предмет на пазар и за нашите луѓе ќе работиме онака како што бараат. Во нашата изборна кампања ветивме дека никогаш нема да работиме спротивно од она што тие од нас ни го бараат. Ќе останиме независни . И многу ви сум благодарана на јавноста што ѝ кажавте дека ние не сакаме партиски да се обележиме, ни со ВМРО ни со СДСМ- одговори Илиевска.