АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Силно невреме проследено со врнежи од град вчера предизвика сериозни оштетувања врз градинарските и житните култури во битолското погранично село Егри. Земјоделците се пожалија дека градот им го обра годинешниот род од пипер, жито, јачмен, пченка, бостан...
„Вчера по 16 часот не фати голема несреќа, сѐ што имавме посадено и посеано ни уништи. Пипер, пченка, јачмен. Врнеше 45 минути, паѓаше град голем колку орев. Невидено до сега. Зафати околу 200 хектари од полето. Се случувало и претходни години да врне град во овој период, но толку голем зијан во нашето поле не направил досега “, се пожали Манојле Ристевски, жител на Егри.
Од општина Битола соопштија дека после силните врнежи од дожд и град кои оставија големи последици врз земјоделските насади во неколку битолски села, а со цел локалната самоуправа да им помогне на земјоделците во намалување на последиците со кои се соочуваат, се повикуваат сите земјоделци од општината да достават барање за надомест на штета .
Доставените барања ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проценка на штети од елементарни и други непогоди.
„Денес заедно со колегите од Советот и претставници од Општина Битола ги посетивме оштетените земјоделски површини од град во атарот на с.Егри. Се повикуваат сите земјоделци од општината, во чии што земјоделски површини е направена штета, да достават барање за надомест на штета до Општина Битола. Заедно со барањето, потребно е да достават имотен лист од површината на која се наоѓа земјоделската култура, најдоцна до 24.06.2019 година до 16:00 часот. Веднаш по пристигнувањето на пријавите ќе бидат направени проценки и истите ќе бидат соодветно обештетени“, напиша на својот фејсбук профил началникот по земјоделство Методија Илиевски.
Град со големина на лешник попладнево падна во населите Областа, Касарната, Црн Мост и околу Клиничката болница. Врнежите беа доста интензивни, па градот успеа да побели дел од покривите на објектите. Силното невреме проследено со обилни врнежи на дожд предизвика поплавување на визби во некои згради во овие населби, како и кратки прекини на струјното напојување. Ова е втор ден како Битола е зафатена од обилни врнежи и грмотевици. Силно невреме и вечера го имаше приклештено градот во вечерните часови и го отежна сообраќајот.
Пустош по ресенските овоштарници остави циклонот Флоријан кој вечера попладне ја зафати Преспа со силни врнежи од град. По трет пат ова лето наврна град во најплодниот регион со јаболка во земјава, па овоштарите велат дека сто проценти од годинешниот род е оштетен. Најзагрозени се овоштарниците во селата Јанковец, Сопотско и Златари. Наместо на странските пазари, исчуканите јаболка ќе завршат во индустријата за преработка,каде откупната цена е доста ниска.
Невремето што попладнево околу 15 часот повторно ја зафати Преспа, со дожд и град со големина на орев, ги дотолчи јаболката во преспанските овоштарници.
Невремето што попладнево зафати делови од Пелагонија, предизвика големи штети врз земјоделските посеви, посебно во село Српци и неговата околина, каде врнеше град со големина на орев. Оштетувања најмногу има кај тутунот, но земјодлесците, велат дека уништено е се што е посадено.
-Градот го покоси целиот род, ништо не остана. Тутунот, лозјата, бостанот, пченка и пченица, се е уништено. Врнеше дваесетина минути, најмногу штети има во Српци, велат за жители од ова село за апла.мк
Тие бараат општинската комисија на Могила, формирана пред две недели кога град зафати други села во Пелагонија, да изврши увид и да направи проценки на штетите врз нивните имоти.
Речиси никој од земјодлеците од овој крај немаат осигурување за посевите.