АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Секој септемвриски почеток е убав, за сите кои ја сакаат наставата, односно, за сите оние, кои со задоволство одлучиле да учат во животот, да се описменуваат и секако, да вадат писмени генерации од училиштните клупи. Да, барем за мене е посебен почеток, затоа што со многу љубов и задоволство, гледам на работата со учениците. Професијата, за која што секој се определил во животот, треба да се работи со задоволство (макар, колку да не чинат и да не одат некои работи), секогаш може да биде подобро. Позитивниот пристап кон нештата, отвора нови хоризонти и предизвици!
За кој предизвик знаеме години наназад?
Седнувањето во училиштните клупи, после летниот распуст, значи радост, а со неа и обврски кои се отвораат пред секој ученик и пред претпоставениот, односно наставникот кој ќе го учи тој ученик. Најважна е целта, која ќе се постави уште на самиот почеток. Целта е јасна: од ученичето, треба да направиме прав ученик, кој ќе може да мисли со своја глава и кој ќе го разбира светот што го опкружува. Само така, ќе бидеме успешни во мисијата која што нѐ чека во текот на новата учебна година. Нормално, уште на првите наставни часови, секој наставник укажува што ќе биде потребно за работен прибор и материјал, со оглед на предметот што го предава и барањето од него. Тука, понекогаш се случува, родителот да реагира во смисла дека наставникот премногу бара, а сега и со високиот пораст на инфлацијата, цените на сите производи станаа невообичаени. Ќе имаме разбирање, како и секогаш што сме имале. Но она што мора да се купи и обезбеди по предметот, тоа е веќе задолжително. Книжарниците, вообичаено се скоро полни, така што, може да се најде секој прибор за работење. Повторно кажувам: не задава наставникот премногу, ами тоа го бара самиот наставен предмет (некаде, на пример, може да се помине само со 1 тетратка во текот на целата наставна година). Обезбедниот наставен материјал и прибор за работење на часови, ја одвива наставата. Точно дека, учебници ќе недостигаат на почетокот на учебната година, но најавено е, дека сепак ќе стигнат. Впрочем, тоа не е обврска на школото, за тоа се задолжени МОН и БРО. Предизвикот на новиот септемвриски почеток го засегнува и самиот наставник, кој покрај во електронска форма (доставува планирања, програми, формулари... до стручната служба во училиштето), печати многу други материјали и прилози за наставата, со цел да може одговорно и доследно да пристапи на предметот кој го предава. Како и да е, скоро секогаш сме се снаоѓале и сме биле навремени и коректни, како ние наставниците, така и учениците. Има една убава мисла: најважен е, првиот чекор! Затоа, ајде да го направеме да биде пријатен и среќен!
Со предизвикот, паралелно оди и првиот впечаток!
Секогаш се кажува: „како ќе се поставиш со некого, така ќе бидеш запаметен“. Јасно е, што тоа значи во самата настава: ученик, кој сериозно и континуирано пристапува на учењето, никогаш нема да има проблеми, ами секогаш ќе остава позитивни впечатоци. Затоа, најважно е, докажувањето уште на самиот почеток кое треба успешно да трае. Првата слика, создава и прв впечаток. Ако во тоа успееме, тогаш сме ја постигнале саканата цел (до која не се доаѓа така едноставно). Тековната година е предизвик, ќе се случуваат многу активности..., учества..., проекти... што значи, потребна е соработка, потребен е интерес и најважно – волја без која ништо не се прави. Секој наставник е задоволен и излегува во пресрет кога ученикот ќе покаже интерес, оти само така се открива дарот и потенцијалот во детето, т.е она што го носи во себе. Верувам и посакувам успешна соработка и помош меѓу сите ученици и наставници, многу повеќе читање, истражување, одење напред, а не, стоење во место. Технологијата е на завидно ниво, ајде, сите ние да се движиме во нејзиниот правец! Ученици: трудете се и вложувајте во себе, оти тоа се исплаќа и наоѓа во животот (кога-тогаш)!
За крај, ја испраќаме старата учебна година, па да ѝ посакаме успех на новата учебна година, во која знаењата ќе бидат приоритет, а не, оценките! Да има: слога, разбирање, љубов, оти навистина, многу е потребно во денешно време!
СРЕЌНО, ДРАГИ НАСТАВНИЦИ И УЧЕНИЦИ!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик