2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

МИСИРКОВ (пишува: проф. д-р Александар Литовски)

Април 09, 2023

пишува: проф. д-р Александар Литовски

Во историјата на секој народ има такви важни личности, кои се круцијални за опстанокот и националниот развој. Тие иако се вистински, сепак, се – легендарни личности. Нашиот, македонски, е – Крсте Петков Мисирков. Тој е ерудит и публицист, лингвист и филолог, етнограф и историограф и, над сè, македонски патриот, кој ја подготви и публикува книгата „За македонските работи“, и го издигна Македонецот на пиедесталот на автохтон и рамноправен национален субјект на Балканот.

Сознанијата на Мисирков беа преголеми за Македонците, негови современици. Се зборува и пишува дека појавата на „За македонските работи“ во Софија, е најјасен израз на македонскиот национален сепаратизам. Но, неговата македонска национална идеологија беше спротивна на сите дотогашни „егзархиско-македонски”, всушност бугаромански, сознанија и верувања. Беше, дури, спротивна на ситните, материјални, секојдневни интереси на „македонските револуционери“, кои беа „папочно“ поврзани со бугарскиот двор и бугарската националшовинистичка и антимакедонска политика. Со полно право може да се каже дека настаните од декември деветстотини и третата година, се и политичка ликвидација на македонската национална програма за долги години нанапред. Тие настани, запленувањето и уништувањето на македонската „книга на книгите“ и физичките напади и заканите по животот на Мисирков од страна на „македонски активисти“ од Организацијата, може да се сметаат и за политичка ликвидација на оној Мисирков кој, освен претходно, можеби, Ѓорѓи Пулевски, беше единствен човек што осмислено и бескомпромисно водеше научно-истражувачка дејност и национална политика против мистификациите на соседните големодржавни пропаганди и за конституирање и афирмација на одделниот македонски национален идентитет.

По тие настани, како што се знае, Мисирков се врати во Русија, а Организацијата, постепено, со одредени исклучоци, пред сè, во оној дел што се именува како „левица“ или „серчани“, се фузира со Врховниот комитет и директно се стави во служба на бугарската политика кон Македонија. Таа срамна антимакедонска функција најдобро беше видлива за време на Балканските и Првата светска војна, со директното вклучување во Бугарската царска армија и бесмисленото масовно гинење за туѓи царски цели и туѓи национални идеали. И ако македонската трагедија може со нешто да се илустрира во тој предасномски период, тогаш тоа сигурно е оваа епизода со Мисирков од декември деветсто и третата, оти таа е „идеално“ македонска во смисла дека е своевидна катарза на чистата македонската национална мисла преку печатењето на книгата која ќе го осветлува патот на идните поколенија национално-македонски борци, а истовремено и македонска трагедија во смисла дека нејзе и нејзиниот автор, кој попатно кажано, бугарските и пробугарските националисти де го присвојуваат како „македонски Бугарин“, де го обвинуваат како српски велеиздајник и платен руски конфидент, ги уништуваат оние кои, наводно, се борат за „слободата на Македонија“.

Во наредните години по Мисирковата книга, скоро, единствено низ санктпетербуршките и одеските улици се јавувало и егзистирало вистинското и неизвалкано македонство. Сето останато, (повторно, со одредени индивидуални исклучоци), што само себе се „продаваше“ за „македонски борци“ и „македонска борба“, до триесеттите години на дваесеттиот век, беше во интерес на соседните големодржавни проекции.

Судбината на ненадминатата „За македонските работи“, криена и уништувани од одроденици, е парадигма и за македонското себенајмување за туѓи интереси и уништување на најдоброто од својот, да ги употребам зборовите од Васил Тоциновски, „род и пород“. Сета таа македонска трагедија може да послужи како болна дезилузија, која нас Македонците ќе треба да не освести за да ги преживееме премрежјата кои ни доаѓаат.

Како ќе се бориме, е прашање кое е дел од нашата сегашна и идна национално-политичка свест и совест, односно нашата спремност конечното позитивно да го затвориме она што историски се нарекува македонско национално прашање. Се знае, на македонистичкото решавање на тоа прашање во минатото, соседните балкански држави на Македонија, заедно со нивните странски ментори, редовно одговараа со жестока националистичка пропаганда и вооружени конфронтации на македонска почва, но и терористички ликвидации низ европските и светските метрополи. Денес одговараат, повторно, со жесток антимакедонизам, со уцени и закани, со нови големодржавни пропаганди кои негираат сè што е македонско и со напрегање за нова денационализација и асимилација на Македонците.

Големобугарските експоненти од Бугарија и нивните проврховистички адепти низ Македонија, добиваат конторзија и напади на бесно лудило при средбата со ликот и делото на Мисирков. Во тој нивен несопирлив и нескротлив бес се обидуваат, час да го дискредитираат како „малоумник“, „одроденик“ и „национален предавник“, час да го направат „најголем Бугарин“. Тоа може, единствено, да се нарече нелогично и апсурдно пелтечење во националшовинистичко бунило. Секако, тешко може да се очекува од овие мортификатори на вистината и негатори на македонскиот национален идентитет, да ја повратат нормалната човечка памет, и да сфатат дека Мисирков и неговиот македонизам се дел од природниот процес на развојот на македонската нација и дека нив нема да може да ги уништи никакво оцрнување од големобугарски или големосрпски позиции. Македонската национална свест, ренановски кажано, е феномен што доволно долго се потврдува секојдневно и плебисцитарно кај Македонците, та затоа целосно илузорни се обидите таа свест да се одрекува и уништи.

Затоа, денес кога систематски и доследно се омаловажува и одрекува секое македонско национално чувство, во време на опасна македонска морална, интелектуална, политичка и национална омалаксаност, во време на јавно и непречено дивеење на македонскиот бандитски врховизам кој продуцира текстови „со крајно еднострани, нападно тенденциозни и отворено антимакедонски откритија.“ (Блаже Ристовски), нам ни е потребна, како што пишуваше во март деветстотини дваесет и петтата година, самиот Крсте Петков Мисирков, „беззаветна и безгранична љубов кон Македонија“ и потребно ни е „непрекинато мислење и работење за интересите на Македонија“, од страна на сите оние кои искрено се загрижени за македонската иднина, а се чувствуваат како Македонци. Особено нагласено од оние кои извршуваат јавни или политички функции.

 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани