2win800x200

Златна кокошка-хумореска на Панде Петровски

Април 14, 2023
Автор на карикатурата: Панде Петровски Автор на карикатурата: Панде Петровски

Афоризми

За храброста наша, гаќите ќе кажат.

Колку помали пензии, толку поголеми тензии.

Младите ни станаа чудни: дење спијат. а ноќе се будни.

Хумореска

ЗЛАТНА КОКОШКА

Пред миграцијата работев во селската работна задруга или СРЗ како што ја викаа. Потоа ја викаа ЗЗ – Земјоделска задруга, но имаше и име и презиме. Имавме и механизација, малку тешка повеќе лесна. На земјоделските парцели со кои располагавме, главно одгледувавме разни житарици: пченица, 'рж, јачмен и хибридна пченка, за воловите и кравите што ги чувавме во шталите. Ние ги храневме, а Млекарницата ги молзеше. Кога се отвори фабриката во градот почнавме да садиме и шеќерна репка. Садевме и сончоглед за масло „кристал“ или „витал“, но не секогаш, туку само понекогаш, во зависност од условите на сезоната.

Со развојната политика направивме и живинарска фарма за кокошки. Заградена со жици, со стражари со лесно оружје наоружани. За потешко немавме ни пари, ни потреба, а тоа и потешко се носи.

Во фармата петли имаше колку што беа потребни според бројот на кокошките, а кокошки, и самиот број не им го знаевме.

Работата беше тешка, особено заради смрдеата, ама ние бевме задоволни. Јајцата се продаваа, плати земавме скоро редовно, а понекогаш по синдикална линија ќе ни дадеа по поевтина цена, или по некоја влошка јајца („софија“) или по некоја кокошка од оние постарите за кои нико-гаш не се знаеше дали нема да пцовисаат додека ги однесеме дома.

Одеше така работата некое време, а почнаа да се мешаат времиња–невремиња, мислевме на добро, а гледаме задругата се распаѓа. Се формираат посебни озетиња. Почнува некоја приватизација. Некои раководители стануваат половина или цели газди. Во нашата живинарска фарма ние работниците се збунивме затоа што никој не не прашува и покрај тоа што имавме свои вложувања. Почна производството да опаѓа, кокошките остареа. Почна и броjчено да се намалуваат. Магационерот ели – лисиците ги крадат.

Кога видоа раководителите дека нема со што повеќе кокошките да ги хранат, почнаа и нив на ангро да ги продаваат и на краjот решиjа и половината фарма на некоjа странска фирма да ѝ ja продадат. Пак почнавме да скокаме, да рипаме ние работниците, ама пак никоj не не слуша иако на цел глас викаме. Како што решиjа така и сториjа. Не знам како заслепевме со старите ќори кокошки, искубани, со црни кикиритки, во нозете крастосани, ни една цента што не вредат, а не камоли долар. Си ja продадовме и една голема, убава кокошка. Златна кокошка што си ja викавме, не само заради тоа што несеше редовно големи убави jajцa со две жолчки, жолти како злато, туку тоа и навистина несеше златни јајца.

Jаjцата ги продававме – злато ни се враќаше. Откако ни ja зедоа странците, ни злато видовме – ни jajцa видовме. Ни за каjгана, ни за на око. Само сматци.

 

 

Панде Петровски фото 1

 

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

По избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани