2win800x200

Директорката на ученичкиот дом со државни пари плаќала пензионер за советник

Февруари 05, 2024
фото фејсбук фото фејсбук

Битола-Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола исплатил неколку илјади евра на сметка на пензионер, поранешниот правник-секретар во домот, Менде Петровски, ангажирајќи го како советник, особено во втората половина на 2022 година, по пензионирањето.

Во Средношколскиот дом, години наназад, директорка е Елена Спасеновска, кадар на СДСМ за која „Независен“ деновиве пишуваше дека заедно со пензионерот Петровски, во неколку наврати патувале со службеното возило „голф“ во Албанија и Србија, а во еден наврат пензионерот сам го управувал службеното возило, што остава простор за сомневање за  користење на јавните ресурси за приватни цели. 

Така, само за период од околу шест месеци, од летото до крајот на 2022 година на контото на пензионерот легнале околу 5.000 евра. Според порталот „Отворени финансии“ на Министерството за финансии, кој и овозможува на јавноста увид во податоците за реализација на трансакциите во државните институции, се гледа до кога земал плата, а од кога пензионерот почнал да добива значителни суми на пари од Средношколскиот дом, според наши извори за да ги советува вработени околу правниот и воспитниот дел. 

Во установата има вработено шест воспитувачи кои се носители на дејноста на домот каде се згрижени триста деца, средношколци, редовно вработен правник и плус месечно ангажиран адвокат, додека пензионерот правник, делел совети.  Во овој случај не е дилемата дали законски ги земал парите, дали имал договор или не, туку дали тоа било неопходно, оправдано, морално и етички, што го ангажирале да дава совети на воспитувачи, што се стручни за работата, па и правни совети покрај правник и адвокат?!

Според, „Отворени финансии“, на (07.07.2022) пензионерот Петровски бил исплатен со значителна сума 103.989 денари, а нашите извори велат дека и ако била „опремнина“ за пензионирањето е премногу, зашто останатите што се пензионирале во тој период добивале околу 70.000 денари, или две просечни месечни нето плати.

Советувањето на екс правникот продолжило од август до Нова година 2022 година, за што за советодавните услуги се исплатени над 3.300 евра.

Дури има и месеци евидентирани во „Отворени финансии“ кога пензионерот- советник по два пати месечно земал хонорари. Така било во август 2022 година, кога на први во месецот добил 15.200 денари, а пет дена подоцна плус 63.050 денари. Значи за август месец кога Домот бил празен и децата биле на летен одмор, советникот добил 1.270 евра. Исплатите продолжиле и во септември и во октомври, за да во ноември пак да добие две исплати во вкупна вредност од 550 евра. Последната  исплата за советникот-пензионер била непосредно пред Нова година и тоа во висина од 60.000 денари.  

Бидејќи податоците за исплатените хонорари се јавни и достапни до граѓаните, испративме прашања до ученичкиот дом за детали за ангажирањето на пензионерот, кои биле придобивките во установата од неговото советување?

„Поради обемот на бараната информација потребно ни е подолго време за да ви одговориме на вашето барање и дополнителните прашања“, ни одговорија од Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Битола на поставените прашања.  

Ги  очекуваме одговорите од Средношколскиот дом и за службените патувања со службеното возило на директорката Спасеновска и пензионерот Петровски во соседните држави, како и  за процедурата како ја примиле бугарската донација од фитнес сала во домот и на кој начин отстапиле цела една просторија за справите.

 

А. Блажевска

новинар за Апла.мк и Независен.мк 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани