2win800x200

ОДГОВОРНИ НАСТАВНИЦИ – УСПЕШНИ УЧЕНИЦИ (пишува Александар Адамовски)

Февруари 19, 2024

Една изрека гласи: „Какви родители, такви деца“, па истата оваа изрека, важи и во образование, само што би гласела вака: „Какви наставници, такви ученици“. Прво и основно правило, што мора да си го поставуваме во секоја работа, а јас пишувам за образованието, е дека, мора да бидеме одговорни кон тоа што го работиме, затоа што одиме на работа со некоја цел, односно добиваме платен надоместок за егзистенција и за тоа што го работиме. И тоа, треба најсериозно да го сфаќаме и гледаме. Во последниве години, посебно во училиштата се навработени еден куп неработници, со секоја чест и исклучок, за вистинските работници. И не треба многу време, за тоа да го согледаме, веднаш се „чита“ нововработениот. Или го бива, или не! Толку! Повеќепати сме кажале дека целиот живот учиме, се надградуваме, односно треба да покажуваме интереси, соработка, меѓутоа, тоа не важи за сите кои се во работен однос. Сепак, таа тема ќе ја оставам за некоја следна прилика. Одговорноста, е чест и принцип во животот, на оној, што умее вистински да ја цени и соодветно да ја покажува.

Одговорни наставници – успешни ученици!

Познавам колеги – наставници кои со многу знаења, умеења и вештини, споделуваат квалитетно работно искуство со учениците, па и со останатите во колективот, и кои никогаш не се штедат да го дадат најдоброто од себе, односно би рекле, тие се редок, а стар „ков“ од просветари. Токму тие најодговорни колеги, треба да бидат пример за сите останати. Кога кажувам пример, тука ќе го споменам и кодексот на однесување и дрес-кодот итн... оти, денес, излегуваме од контрола со некои навики, без притоа да имаме во предвид дека работиме со жива материја. На пример, пристојна облека, внимателен и контролиран речник на изразување, воздржаност од пушење цигари пред деца, и што не, ете тоа мора да се поправи. Полека бре, тро разум, никогаш не е на одмет. Оти, како кажуваме: „децата се сунѓер“, нема што не впиваат во него. Прво се тргнува од личните навики (ако воопшто постојат), кои понатаму се одразуваат на нашата одговорност, да стоиме и да работиме со тој убав и млад свет, во кој треба многу да се вложи за да се научи и извади на прав пат од училиштните клупи. Не сакам погрешно да бидам разберен, само сакам да кажам дека прво се тргнува од себеси, за потоа да се премине на останатото. Ако постои лична одговорност, ќе постои и колективна. А кој друг, може да ни кажува како треба да постапуваме, ако самите тоа не сме го научиле?! Никој, нормално! Тоа е лична совест и свест. Лекција, која што еднаш во животот се чита и се применува секогаш, секаде, со секого... Дома си е дома, работата си е работа, па да водиме сметка каков пристап имаме кон училиштната работа, би било многу паметно и корисно. Кога одговорноста во работата се покажува на најдобар можен начин, тогаш кај децата ќе постои интерес да соработуваат, односно, да напредуваат и да чекорат по патот на: истражувања, дилеми, критики, па се до конечниот резултат, кој би донесил некаков успех. Тоа уште се нарекува, мислење со своја глава, што денес, претставува исклучителна реткост. Кога ученикот ќе согледа, дали неговиот наставник покажува одговорност да го научи, тој целиот живот ќе може да смета на него, во смисла да му помогне во студирање, во работа итн. Ете тоа се нарекува и стекнување заемна доверба. И така треба! Така, најдобро се памти, кој те научил, а кој не те научил. Работиме со многу интелигентни ученици, технолошки зависни и напредни, меѓутоа, треба да имаме во предвид дека кај секое дете се крие по некој талент и дар, даден од Бог. Нашата одговорност е да го откриеме нели, тој потенцијал, и да му овозможеме поддршка и напредок на ученикот. Така, ќе ги бележиме успесите, скалило по скалило, чекор по чекор. Повторувам, дали ќе се однесуваме одговорно, или не, зависи лично од нас, самите и од никој друг, нормално, за доброто на децата, на колективот, па и пошироко. Кој разбира, разбира, кој не, нека се потруди да учи и да научи да биде одговорен. Придобивка е, во секој случај.

Може ли, кој ќе стигне, да работи во образование со деца?

Кратко и јасно, секој не го бидува да биде просветар и да работи со деца. За просветарската професија, потреба е љубов, а со неа: волја и желба за работа. Тие емоции, треба како вруток да извираат од душата и целиот живот да се носат во срцето. Штета која не се поправа е, да оставете неписмени генерации, односно генерации кои не ја стекнале навиката за читање, оти од неа, тргнува вокабуларот и речникот на изразување, а потоа и останатите вештини. Незаинтересираноста за работење на работа, лесно се воочува: доцнење на часови, мобилни на часови, народски: тантара-пантара по ходници, кафиња на катедра наместо во кабинет итн... и уште многу други работи кои се одраз на неработење и неквалитет, односно одраз на неработници! Реалноста е таа, не може да се заобиколи. Токму таа штета на денешното образование, а ги има уште многу други штети, не дава/даваат волја за напредок. Не може кој ќе стигне, што сака да прави. Ова посебно важи за помладите, кои треба да бидат иднина а не, рушевина на образовниот систем. Можеби, навистина треба да постојат казни за несериозен однос кон работата. Белки ќе се научиме на строгост и ред во работењето. Напишав погоре во текстот, а ќе повторам: чест на одговорните наставници, колеги, кои ја заслужуваат сета почит и среќа на светов, а јас еве, им ја посакувам од срце, оти за нив наставниот час е задоволство, максимално „трошење“, со цел да се пренесе најдоброто за учениците, односно да ги научеме правилно како што треба. И ова, го тврдам без исклучок и сомнеж. Како кажуваме: си се познаваме, односно знаеме кој колку работи и што работи и тука дилема нема. На крајот, учениците се најмеродавната и најискрена вистина, за тоа од кој час, излегуваат со насмевки и знаења, а од кој час, би рекле: досадно, ништо не правиме и сл. Оти, учениците се наше, чисто огледало. Нека се вработуваат, меѓутоа прави и квалитетни наставници (ако ја сакаат наставната насока и ако воопшто ги има), кои професијата: учител, наставник, професор, ја носат во душата и живеат со неа, а не, колку само да се прошетаат на работа. Има разлика помеѓу: солиден наставник и несолиден наставник. Нека има што повеќе квалитетни и разумни наставници, кои ги личи во професијата што ја работат, кои ќе бидат пример и за учениците, за колективот, за општеството, воопшто. Со многу почит, кон одговорните, супер наставници!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани