2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Проф.Трајковски - поставувањето партиски директори е мајка на сите корупции

Април 04, 2024

Став на универзитетскиот професорот Дејан Трајковски 

 

Размислувајќи за партиската, но и која било друга корупција, доаѓаме до заклучок дека поставувањето партиски директори е мајка на сите корупции. Но, да одиме со ред.
Се започнува со лепењето предизборни плакати и раздавањето флаери од страна на партиските членови, за што партиите им се оддолжуваат преку партиски вработувања. Тоа што изгледа како евтино завршување на работата, всушност е најскапо, бидејќи како краен резултат во институциите и јавните претпријатија влегуваат партиски неработници, кои таму остануваат долго, па и доживотно, ронејќи ги организаците одвнатре.
Доколку партиите искрено сакале да го решат проблемот со лепачите на плакати, едноставно би ангажирале млади луѓе за паричен надомест, кои подеднакво квалитетно би ја завршиле истата работа како и членовите. Веднаш би зеле по некој денар и би биле задоволни, а партијата не би им должела ништо. Чиста сметка - долга љубов.
Но, проблемот е што во партиите не сакаат да прекинат со клиентелизмот и партиските вработувања, за што споменатото платено работно ангажирање би било лекот. Тие повторно сакаат да вработуваат партиски членови, за да обезбедат по 15 сигурни гласачи на изборите!
Кој е тој што може да вработува по налог на партијата? Тоа е партиски поставениот директор, кој освен за склучување штетни и коруптивни зделки треба да изврши вработувања на оние што обезбедиле „сигурни гласачи“.
Бадијала би било партиското вработување да го прогласиме за кривично дело, бидејќи истото многу тешко се докажува, а освен тоа знаеме дека обвинителството исто така не работи како што треба и тоа од истите причини.
Така доаѓаме до единствениот логичен начин, а тоа е забрана за поставување партиски директори, што обично е првиот и најважен плен после освојувањето на власта на избори. Кој би поставувал тогаш директори во институциите и јавните претпријатија?
Тие исклучиво би морале да се избираат на јавен конкурс, врз основа на јавно објавени прецизни критериуми, од страна на посебна комисија. Во комисијата би можеле да седат претставници од разни политички партии (барем како преодно решение), коишто не би се надгласувале, туку само би вршеле бодување и рангирање според поставените критериуми. Од нив не би зависело практично ништо, односно дискреционото одлучување би било сведено на нула. Така би се воспоставил вистински мерит систем, односно систем базиран на способност и резултати, заслуги и вредности.
Како алтернатива, особено за избор на директорите на најголемите јавни претпријатија и државни акцинерски друштва би можеле да се користат услуги на рикрутори, особено странски. Тоа се професионалци кои не ја ставаат својата репутација на коцка, а коишто имаат знаење и искуство со наоѓањето на најдобрите кандидати.
Подобро е, на пример, во РЕК „Битола“ да поставиме врвен менаџер со докажани резултати, кој би бил платен и преку 100.000 евра годишно, отколку партиите да поставуваат разни свирачи, слаткари и слично, кои ќе прават штети од по 200 милиони евра годишно, а за партиските вработувања да не зборуваме.
Резултатите на директорот исто така би морале да се проверуваат. На пример, ако се постави задача рудникот „Брод-Гнеотино“ да проработи со сопствени работници и механизација во рок од 3 месеци, а производството на електрична енергија да се нормализира без увозен јаглен во рок од 6 месеци, овие бенчмаркови би се проверувале, а за неисполнување би следел отказ.
Однадвор поставен директор на болница пак, би можел бескомпромисно да заведе ред и дисциплина и да спречи неработење во текот на работното време, пренасочување на болните во приватните ординации или крадење на болнички лекови. Професионализмот и меритократијата можат да донесат само добри резултати.
Просто неверојатно е како сите политички партии немаат ништо против сегашниот начин за партиско поставување директори. Дури и кога се во опозиција, немаат ништо против ваквиот начин, туку стрпливо го чекаат својот ред. Немаат никаков срам, а веројатно и не сфаќаат колку таквиот систем е погубен за општеството, за нив и за сите нас.
На крајот, се се сведува на самото население, кое упорно гласа за истите партии кои постојано го повторуваат овој докажано погрешен начин. Големите партии се непоправливо извалкани и илузорно е да се очекува тие да донесат промени. Удел во оваа национална катастрофа има и погрешното образование и воспитување на цели генерации млади луѓе, кои во партиските вработувања не ја препознаваат корупцијата и криминалот.
Во едно идеално сценарио, би требало да се појават политички партии или макар невладини организации, кои на младите луѓе би им објасниле да гласаат и да ги доведат на власт луѓето кои пред се ќе се борат да обезбедат рамен терен за игра и подеднакви услови за сите. Младите луѓе да сфатат дека со постоечкиот систем губат повеќе, отколку ако под фер услови, со вреден труд стекнат знаења и квалификации со кое самите ќе се изборат за вработување или самовработување. Ниту една партија, колку и да е нова и мала, не би требало да се отфрли, туку внимателно да се проценат нејзините луѓе и програма.
Да се вратиме на почетокот - проблемот го знаеме, а го знаеме и лекот, така што од населението се очекува одлуката - дали ќе сака да ги промени луѓето и системот или ќе продолжи да се самозалажува, да им верува на тие што го довеле дотука и да се жали на лошата судбина.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани