2win800x200

Анализа на професорот Дејан Трајковски за успехот на запишаните студенти на УКЛО

Септември 11, 2023

Објавени се конечните ранг листи после првиот уписен рок на универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, па можеме да направиме кратка анализа на пополнетоста и успехот на запишаните. Накусо, просечната пополнетост на квотите изнесува одвај 27,4%, додека уделот на кандидатите со 93 или повеќе бодови од успех во средното образование, вклучувајќи ја и државната матура изнесува само 8,7%.

Границата од 93 бодови ја поставив врз основа на соспствено искуство, односно таа претставува некаков минимум знаење, т.е. способност за учење за да може студентот колку-толку успешно да следи настава и да полага испити на факултетот. Можеме да одземеме или додадеме 1-2 бода, бидејќи ова не е некаква егзактна граница, но сепак ни дава определена ориентација. Ова го кажувам бидејќи на факултетот имавме професор, кој како поранешен професор на воената академија во Загреб вршел испитувања и дошол до заклучок дека постои силна корелација помеѓу успехот во средно образование и успехот на факултетот. Така бодовите од рангирањето служат и како своевиден предиктор на идниот успех на кандидатот.
Границата од 93 бодови не е превисока, таа се постигнува со одличен успех во средно училиште и најмногу две четворки и една тројка на државна матура. За жал, последниве години гледам дека и студенти со повеќе од 93 бодови од уписот покажуваат незнаење на елементарна, а камоли виша математика, а за решавање елементарни задачи по физика не станува збор.
 
 
Табеларен приказ изработен од професорот Трајковски 
 
May be an image of text that says 'факултет технички факултет битола квота факултет за информатика компутерска техника битола запишани пополнетост 380 81 21.3% економски факултет прилеп 275 141 8.6% факултетза туризам угостителство охрид 51.3% 248 64 3.5% педагошки факултет битола 25.8% 302 84 14.1% факултет за безбедност Ckonje 27.8% 230 5 66 6.0% правен факултет кичево 310 107 13.6% 34.5% 365 11 10.3% 11.5% 10 120 факултет за биотехнички науки битола факултет за ветеринарна медицина битола висока медицинска школа битола технолошко-технички факултет велес вкупно укло: 29 4.8% 24.2% 45 2 6.9% 13.3% 215 68 0.0% 31.6% 75 11 14 16.2% 2565 18.7% 702 0.0% 27.4% 61'
 
Овие резултати од битолскиот универзитет практично ја претставуваат Македонија во мало, односно имаме слична состојба и на останатите 23 универзитети во државата. Единствен исклучок се неколку факултети на УКИМ, пред се медицинскиот факултет, каде сите од првиот до последниот запишан обично имаат над 93 поени, потоа некои насоки на Економски факултет во Скопје, како и на ФИНКИ Скопје. Накоро ќе бидат објавени и нивните ранг листи, па ќе направиме споредба и со нив.
Ќе ги разгледаме збирните резултати по факултети во прикажаната табела, а табелата со подетален преглед по отсеци, односно модули е поместена во коментарите.
Ќе започнам со мојот факултет, Технички факултет Битола, најстариот и најголемиот факултет на универзитетот, каде најголемо разочарување претставуваат вистинските инженерски насоки. На машинскиот и електро отекот нема ниту еден (!), а на отсекот за мехатроника на ТФБ има само еден запишан кандидат со најмалку 93 бода на рангирањето. Овие отсеци инаку треба да школуваат инженери - креативни луѓе кои утре ќе треба да бидат движечка сила на производствената индустрија, која претставува коњ за влеча на целото стопанство и нестопанство во државата. За жал, меѓу овие кандидати немаме ниту еден којшто знае математика и физика на потребното факултетско ниво. Тоа што тие утре со сила ќе дипломираат не значи дека научиле техника на инженерско ниво. Со давање едни исти задачи, евентуално со сменети бројки на испитите, со разни дополнителни колоквиуми (што е измама на ЕКТС системот!), лажирани комисиски полагања не се станува вистински инженер, туку одвај некаков слаб техничар. Ако пак техничари можат да работаат и да ја водат индустријата, тогаш за што служат факултетите, каде би требало да се учи инженерство на повисоко ниво?
 
Дали машински инженер може да се стане без научена математика, механика, механика на флуиди, автоматско управување и т.н. или пак да се стане електро инженер без теорија на електрични кола и електромагнетика? За сите овие науки е потребна сериозна математичка подготовка, што не ја гледаме кај запишаните кандидати. Мехатрониката и роботиката, која претставува кралица на инженерството, па и пошироко на науките, бара знаење од три факултети во исто време (машински, електро и компјутерски науки). Деца кои не знаат елементарна математика и физика едноставно не се дораснати за такво студирање. Уште отсега се гледа дека скакулците ја изеле и оваа учебна година. Ова не е резултат само на корона кризата, туку проблемот со слабиот успех на запишаните на ТФБ се влече подолго време, а за тоа самите сме најмногу виновни.
Слично разочарување претставува и отсекот за информатика и компјутерска техника на ФИКТ, од каде би требало да излезат идните програмери, особено барани во современата индустрија. Таму исто така нема добри коњи за трка. На овој многу важен отсек исто така нема ниту еден со барем 93 бода на рангирањето. Во најдобар случај така можат да се добијат некакви кодери (што денеска успешно го работи вештачката интелигенција), но без знаење на алгоритми, компјутерски хардвер и ембедид компјутинг (студентите би требале сами да знаат да изработат, интерфејсираат и програмираат сингл-борд компјутери) - нема вистински програмери и стручни лица за компјутерска техника. Изгледа дека сите квалитетни матуранти се запишале на скопскиот ФИНКИ, а тука заталкал само по некој од немајкаде. На ФИКТ, особено на неговиот отсек за информатика и комуникациско инженерство, има најголема пополнетост на факултетите од универзитетот (51,3%), но за жал со очајно слаби кандидати - само 3,5% постигнале најмалку 93 бода.
Економскиот факултет Прилеп, еден од најстарите факултети на УКЛО, факултетот на идните банкари, претприемачи и трговци, има пополнетост во рамките на просекот на универзитетот. Успеале да запишат 9 кандидати со најмалку 93 бода, од кои дури 6 на насоката за банкарство и финансии. Ова изгледа необично, ако се знае дека платите во банкарството последните години се катастрофално ниски, иако банкарството е најпрофитабилниот сектор во државата. Во секој случај, економијата и финансиите претставуваат широко поле за работа и докажување, па да се надеваме дека од нивните дипломци, особено оние понаклонети кон претприемништво еден ден ќе видиме успешни банкари, бизнисмени и трговци. Впрочем, времето покажа дека дури и без никакво образование, со трговија можат да се направат солидни пари.
 
На факултетот за туризам и угостителство Охрид (ФТУО) пополнетоста е околу просекот на универзитетот, со многу малку квалитетни кандидати. Интересно е што на нивната насока за туризам има двајца кандидати со 99,84 и 99,00 бодови, а на насоката за менаџмент во услужниот сектор (што и да значи ова) има уште тројца со најмалку 93 бода. На останатите 4 насоки нема ниту еден посолиден кандидат.
 
На Педагошкиот факултет Битола (ПФБ), кој израсна од поранешната Виша педагошка школа (познатиот ВПШ), годинава забележуваме извесно поместување кон подобро. Ако порано овој факултет ги привлекувал најслабите кандидати, оние коишто отпаднале од сите други факултети, годинава забележуваме дури 9 кандидати со најмалку 93 бода, од кои 5 на насоката за англиски јазик и книжевност. Интересот на насоката за македонски јазик е слаб и тука, како и на ниво на држава. На насоката за техничко образование е запишан одвај еден кандидат и тоа со многу слаб успех, па ќе биде чудо ако тој воопшто стигне до четврта година. Инаку пополнетоста на ПФБ е во рамките на просекот на УКЛО.
 
Факултетот за безбедност Скопје (ФБС), кој се приклучи на УКЛО како резултат на една поранешна кавга, секако е најнеобичниот факултет на универзитетот. Имаат натпросечна пополнетост после првиот круг (34,5%), но и најмногу кандидати со најмалку 93 бодови, вкупно 11, од кои дури 9 на отсекот за криминалистика. Изненадува оваа популарност, ако се знае дека работодавачот за нивните дипломци е само еден (МВР) и постојаните протести на нивните дипломци поради негрижата на државата за нивните кадри. Којзнае зошто, но на младите им е поинтересно да станат детективи или инспектори, дури и со мали шанси за вработување, отколку да завршат за инженери и да се фатат за работа во реалниот сектот, каде ќе имаат барем сигурен леб.
 
Правниот факултет во Кичево (ПФК) има убедливо најмала пополнетост (одвај 11,5%), во комбинација со многу слаби кандидати (само двајца со најмалку 93 бода). Со правните факултети во државата навистина се претера и младите ова веќе го сфатиле. Освен тоа, треба да се знае за што се школуваат правниците: тие треба да бидат идните судии, обвинители, адвокати и по некој нотар, а не секретари во училишта или претпријатија, за што порано постоеше посебен факултет (ФАМИС, сега веќе затворен). Ова „сваштарење“ со вработувањето на правниците пред се е навреда за правната струка, но и понижување на правниците, кои сепак се школувале за работа во правосудството. Но, како што гледаме балонот веќе издишува, па овој факултет избива на прво место на листата на кандидати за затворање. Струката, доколку се работи сериозно, не е лесна. Перото и јазикот на правниците треба да бидат поостри од мач, за што е потребна соодветна подготовка, што овие запишани кандидати со нивните ниски бодови сосема сигурно ја немаат.
 
Битола нема земјоделски или технолошки факултет, па Факултетот за биотехнички науки Битола (ФБНБ) е најблиску до нив. Имаат просечна пополнетост на уписот (24,2%), но многу слаби кандидати, одвај двајца со повеќе од 93 бода. На насоката за зоотехника има само еден запишан и тоа со најслаб успех на целиот универзитет, со одвај 20,2 бодови - практично сите оценки од средно и на матура му биле двојки. Ќе биде вистинско чудо ако студентот стигне до втора година, а ако му го допуштат тоа, би била невидена срамота за факултетот.
Ветеринарниот факултет Битола (ВФБ) има втора најслаба пополнетост (13,3%), односно се запишале само 6 кандидати, слично како на скопскиот ветеринарен факултет. Поради малиот број на запишани, сосема очекувано е што немаат ниту еден кандидат со повеќе 93 бода на уписот. Сепак и покрај тоа, кај нив завршуваат просечно по петмина (практично сите), што самото по себе зборува за нивниот квалитет. Вистинска штета е што состојбата и третманот на струката е ваков како што е. Ветерината можеби ја нема одговорноста како хуманата медицина, меѓутоа според тежината е на исто рамниште со неа - доволно е да се потсетиме дека ветеринарите мораат да изучат анатомија на четири животни и да лекуваат најрзазлични животни од најразлични болести, што го нема ни во хуманата медицина. Но, заедно со распадот на земјоделството и сточарството, оваа струка спаднала на ниски гранки и прашање е дали и овој факултет може да опстане.
 
На Високата медицинска школа Битола (ВМШБ) традиционално има најдобри кандидати (дури 11 со повеќе од 93 бода), при натпросечна пополнетост од 31,6%. Иако се работи за висока школа, дури 4 кандидати имаат преку 99 бода, што е повеќе од доволно за виши медицински сестри. Би сакал да можевме да видиме вакви кандидати и на ТФБ или на ФИКТ, но не можеме. На отсекот за физиотерапевти се запишал и најдобриот кандидат на универзитетот, со цели 100,00 бода. Вакви деца има само 4-5 во целата држава и вистинско чудо е што го довело токму на таа насока, која патем речено и не бара толкави предзнаења, за разлика да речеме од техничките струки или ветерината. ВМШБ запишува многу кандидати, а многумина и завршуваат, што секако претставува голем проблем, бидејќи за нивните кадри постои само еден работодавач, а тоа еМедицински центар Битола. За работа во приватните ординации тие се преквалификувани, слично како правниците во претпријатијата и установите.
 
Конечно, дојдовме до Технолошко-техничкиот факултет Велес (ТТФВ). Запишале само 14 кандидати (пополнетост од само 18,7%), со 0 (нула) кандидати кои имаат повеќе од 93 бода. Таму се изучуваат прехрамбени технологии и нутриционизам и има извесна сличност со Биотехничкиот факултет во Битола, а уште повеќе со Технолошкиот факултет во Скопје. Најверојатно поради близината со Скопје и скопскиот технолошки факултет, во Велес интересот за овие студии е многу слаб, што исто така го прави кандидат за затворање.
Што можеме да заклучиме од овој краток преглед? Бројот на квалитетни кандидати (8,7% од сите запишани) не се разликува многу од поранешните времиња, па и од времето на Југославија. Тогаш државата исто така им давала шанса на многумина да е запишат, но селекцијата во текот на студиите била немилосрдна, па на некои посериозни факултети завршувале помалку од 5% од запишаните. Веќе зборував дека во 1980-ите години на машинскиот отсек на ТФБ од 220 запишани во рок дипломирале по четворица, а вкупно до 15-мина и тоа со најмногу две изгубени години, колку што беше дозволено.
 
Првиот проблем денеска е што некаде завршуваат речиси 100% од запишаните, особено ако имало мал број запишани. Вториот и уште поголем проблем е што наместо два, денеска имаме 24 универзитети, а наместо 30 - имаме 135 факултети. На тој начин денеска квалитетните кандидати се распоредиле на безбројните факултети, некаде по еден, некаде двајца, а често ниту еден на факултет. Талентот се раводнил, конкуренцијата е уништена, бидејќи професорите ги спуштаат критериумите. Тоа го прават за да им завршуваат кандидати во доволен број, бидејќи некој ги убедил, односно самите си замислиле или се уплашиле, дека ќе им ги затворат факултетите, а самите ќе останат без работа, ако не пуштаат доволно на испити. Квалиетот никој не го гледа, важна е само проодноста.
 
Спасот е во затворање на универзитетите и факултетите, односно сведување на нивниот број од сегашните 135 на триесетина, колку што е логично и доволно. На тој начин на еден факултет ќе се зголеми бројот на квалитетни кандидати, па од сегашните 5-10 ќе имаме 50-60 такви кандидати. Со тоа ќе се воспостави здрава конкуренција меѓу кандидатите и борба за докажување со знаење, а професорите ќе се ослободат од стравот дека мораат да пуштаат без учење за да останат на работа. Затворањето да биде според принципот „последен отворен - прв затворен“, така што би бил оставен преоден рок од 4-5 години до целосното затворање, односно додека вработените не најдат нова работа.
Тоа би бил процес на контролирано, односно планирано затворање. Од друга страна, ако продолжиме вака, за неколку години безбројните факултети ќе затворат самите од себе, т.е. неконтролирано поради продуцирање неквалитет, носејќи го образованиерто во колапс и оставајќи ја државата со десетици илјади безвредни дипломи. Ова се болни и задоцнети мерки, но подобро е да се направат веднаш, отколку подоцна.
 
Ако расипаниот заб не се поправа на време, ќе мора да се вади, а тоа многу повеќе боли.
(Анализа на универзитетскиот професор Дејан Трајковски објавена на  ФБ)
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани