АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Димитар Пипилевски - професор по германски јазик и член на СДСМ
Идниот лидер и идната СДСМ
На повидок е составувањето на новата Влада која ќе ја предводи ДПМНЕ и потенцијалните коалициски партнери. Граѓаните го изразија својот став преку непосредни избори, кои мора да се напомене дека поминаа во најдобар ред, а новата влада ќе го има целосниот легитимитет и легалитет.
Но овде, како социјалдемократ, ќе се осврнам на другата страна од оваа изборна приказна, односно казната и пораката која граѓаните ја испратија кон СДСМ. Според резултатите се покажа дека најголемиот дел од политиките кои ги спроведуваше СДСМ беа погрешни, а најголемата грешка, евидентно, беа кадровските решенија кои ја спроведуваа таа политика. Во овој напис ќе го дадам своето мислење за идното делување на мојата партија и профилот на лидер, вклучително и раководство, кои ни се потребни за СДСМ да се врати на правилната насока, односно повторно да биде препознаена како државотворна партија и партија која во блиска иднина ќе биде конструктивна опозиција, а понатаму и успешна власт.
Партијата
СДСМ, а тоа го потврдија и граѓаните, направи капитални грешки во многу сегменти со своето владеење. Иако сето ова што ќе го набројам е веќе илјадници пати посочено и повторено досега, сепак е битно да се спомне. Очекувањата во однос на правната држава, квалитетно здравство, квалитетно и функционално образование, справувањето со злоупотребата на службените положби и еден куп други делувања на владеачката структура беа „трн“ во окото на граѓаните и тоа доведе до казната која ја доживеа СДСМ.
За надминување на оваа ситуација, прво и суштествено е да се направи дисконтинуитет на досегашниот правец на делување, а тоа нема да биде можно без лоцирање на вината за резултатот. И не е тешко воопшто да се лоцира вината-граѓаните тоа добро и јасно ни го покажаа. Виновниците се лица со име и презиме, па ако е потребен дисконтинуитет, тогаш сите амбиции и апетити на досегашните членови на владата и партиското раководство се неосновани и секоја нивна понатамошна вклученост во раководството на партијата само ќе донесе до дополнителен удар врз самата партија. Така што, ниту Венко ниту Заев ниту Оливер ниту никој од вклучените во извршната власт досега, не може да биде олицетворение на „преродбата“ на СДСМ, бидејќи граѓаните ја лоцираа винната токму кај нив, а и членството во најголем дел.
Лидерот
Новиот лидер и новото раководство ќе значи и лицето на идната СДСМ. Според тоа, новиот лидер треба да биде човек кој го нема политичкиот багаж од претходните години на нашето владеење (ч. да не бил дел од извршната власт и партиските раководства), човек кој ќе биде необременет од политички и коруптивни скандали, но пред сè, ќе биде човек кој ќе знае да го одбере правецот и правилните кадровски решенија во партијата. Под правилни кадровски решенија мислам на луѓе, стари и нови кадри, кои докажале или имаат потенцијал и волја да понудат решенија кои ќе бидат од интерес на државата и партијата и лица кои ќе бидат следбеници на социјалдемократските постулати (бидејќи во изминатите години избегавме и од сопствената идеологија врз која се темели партијата). Потоа, новиот лидер и новото раководство ќе го променат Статутот во насока на целосна демократизација и децентрализација на партијата (партијата во сопственост на членството), односно сите избори на кадровски решенија за претседатели на општински организации, кандидати за градоначалници, советници и пратеници да бидат реализирани преку непосредно гласање на членството.
Да состави комисии во кои членовите ќе бидат врвни експерти во своите области, односно ќе бидат составувачи на понудата на СДСМ кон граѓаните.
Исто така е важно формирањето на добар аналитички центар кој најголемиот дел од делувањето ќе го посвети на испитување на јавното мислење за сите сфери на општественото делување, односно ќе биде врска помеѓу потребите на граѓаните и понудата на СДСМ.
Сето ова што го набројав е само стартната позиција, но и темел, како треба да се изгради партијата во следниот период.
П.С. Иако задоцнета, ја поздравувам оставката на досегашниот лидер Ковачевски и апелирам до останатите да ја следат и да се охрабрат.
Пишува Димитар Пипилевски - професор по германски јазик
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)