2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Баш чаршија ни војната не ја збриша, а Дембел чаршија ја снема и без војна

Јануари 04, 2019

Сараево денес како да е метропола на бившата Југославија иако врз неговите плаќи како домино се сруши братската држава. Таму на Баш чаршија, кај Гази Хусрев- беговата џамија како конгломерат се испреплетуваат јазиците на Балканот. Од една страна се слуша босанскиот со развлечени самогласки, милозвучно, како да е песна, па се преплетува со македонскиот зашто нашите се редовни туристи, па од некој сокак ќе се чуе словечекиот зашто Словенците обожуваат да прошетаат до Босна, а пак, хрватските возила низ улиците ги има на секој семафор... Српски се слуша најмалку зашто во главниот град на Босна денес најмал е процентот на жители Срби.

Сараево е град на минатото и иднината. Дел од градот упадливо сведочи за четиргодишната опсада, жртвите, разорувањата, последиците, а другиот дел со зачудувачка брзнина се подига како никогаш да не бил зафатен од војна. Собранието на Босна е сместено во објектот каде некогаш била универзитетската библиотека, на чиј влез пишува дека за време на војната биле изгорени над 2 милиони книги. И на други места има табли со текст против некој од народите наречени агресори. Спроти парламентарниот дом, мирно течи Миљатска, за која хитот на Халид Бешлиќ, поддеднакво го пејат и Босанци, Срби, Хрвати... Во населбата Илиџи подигнати се ултрамодерни хотели, а во следната Добрене зградите ги зачувале дупките од гранатите. Тука свои работни погони имаат месната индустрија за паштети Аргета, фабриката за тоалетна хартија Виолета, групацијата Аса за производство на автомобилски делови, осигурувањето Граве и многу други брзорастечки компании кои според некои истражувања на територијата на БиХ ги има 667, најмногу вконцентрирани во Сараево.

По целиот виор на војни, крварења, загуби, трауми, сепак Сараево го зачувало своето срце. Баш чаршија како да останала недопрена од кушумите и гранатите. Она што однесе војната е реновирано, реставрирано, а низ градот се почесто може да се чујат информации дека влегува арапски капитал и се обновува архитектурата. Чаршијата воодушевува со старите дрвени дуќанчиња на еден кат, занаетите, рачните изработки, љубезноста на продавачите. Опоменува на се она што можеше да се стори за битолската чаршија. Да се зачува автентичната калдрма, ниските дуќанчиња, дрвената дограма, занаетите, па макар и преку продажба на сувенири, акчилниците со по некоја масичка пред вратата, па и кебапите. Таму ни војната тоа не го уништи, а ние го изгубивме и без војна. На пример Дембел чаршија, Пекмез пазар, а сега и останатото.

Таму во чаршијата се раскажува дека секој посетител штом се напие вода од чешмата на Беговата џамија се враќа повторно во Сараево. И навистина се враќаат по духот, убавината кои ги зачувал градот и по сите премрежија. Тоа го покажа концертот на популарниот босански пејач Хари Мата Хари за Нова година на Марин довор во центрот на Сараево. Меѓу повеќе илјадната публика имаше родители со мали деца ,па се до возрасни лица по шеесетина години дојдени од сите краишта на пораншена Југославија да го слушнат балкански славеј. На родното Сараево, Хајрудин Варешановиќ му посвети три часа концерт на темепратура под нулата без ниедна пауза. Публиката во еден здив ја испеа и песната „Сарајево љубави моја“ во спомен на уште еден сарајлија, Кемал Монтено. Кога е музиката во прашање, овој град беше и остана музичка метропола на Балканот. Локалците додека се шетате на Баш чашија ќе ви кажат дека Хари живее од левата страна, а Дино од десната. И листата продолжува, тука се родени Здравко Чокиќ, Горан Брговиќ, Саша Лошиќ и други врвни музичари. Не попусто на некои од сувенирите градот е исцтан на гитара. Од поранешните ју простори имало многу музичари, но на новодишната вечер почест му оддадоа само на Тоше Проевски пеејќи негови песни.

Велат дека Сараево е загаден како и Битола. Тоа не е чудо ако се земе во предвид местоположбата. Двата града се котлини. Битола, опколена со Баба, Кајмакчалан, а главниот град на Босан со Романија, Бјелашница, Јахорина, Игман и други. И таму знае да падне магла како во Битола, што Дино Мерлин го опеа во една од своите хитови. Но, таму функционираат градските тролејбуси и автобуси. Младите ги користат како некогаш порано кога секој немаше по два автомобила во својата гаража. Автобусите стигнуваат 15 минути порано на станицата и чекаат до последната минута од договорениот термин, но ни една повеќе. Потоа заминуваат. Патниците се научени да доаѓаат на време зашто градскиот превоз не доцни. А внатре сѐ уште стануваат младите за да седнат постарите. Месечно Сараево и Мостар го посетуваат над 50 000 туристи, во главниот град денес има околу 270 000 жители, а низ улиците нема расфрлено ѓубре, ни наоколу диви депонии како кај нас.

Ж. Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани