АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
350 деца од прво со петто одделение при основното училиште „Ѓорги Сугарев“ од Битола пред три години секој училишен ден беа сити благодарение на брачниот пар Мариа и Томас Росенгрен од Стокхолм, Шведска. Благодарение на нив, истото училиште доби сензорна соба по европски стандарди каде 40 ученици со посебни потреби ќе добиваат индивидуален третман.
Хуманитарката Мариа по потекло е битолчанка која пред 43 година се преселила во Шведска и таму се омажила за Швеѓанец со кого заедно започнале хумана мисија во Македонија. Овој брачен пар три години со ред обезбедуваше ладен оброк за учениците, меѓу кои имаше и повеќе социјални случаи од ромското население, но и деца со посебни потреби. Имаат остварено повеќе донации во битолските училишта во износ од 140 000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи.
„Подолго врме бевме на шетање низ светот. Увидовме дека не само Африка, туку и Европа има проблеми. Прво размислувавме да покренеме еколошки проект за класификација на отпадот во училиштата. Отидовме во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“. Додека ни ги покажуваа просторните услови јас ги гледав децата во дворот. Некои јадеа чипс, а други ништо. Многу се натажив и предложив да им помогнеме нив“, раскажува Томас Росенгрен.
Мариа вели дека ги водела мислата на јужно африканскиот претседател Нелсон Мандела дека моќта е во учењето кое може да го промени животот, дека најсиромашен може да стане доктор ако се школува или од земјоделец претседател на држава.
За да ја им помогнат на улилиштата и болниците во нашата земја формирале невладина организација „Од рака за рака“
„Годишно делевме по 121 000 ладни оброци за учениците. Нашите амбиции се да им се помогне на децата. Ако едно дете е нахрането тоа може да учи и да се развива. Прво донациите ги спроведувавме со наши пари, а сега донираат шведски организации како и наши иселеници во странство. Посебно ни помогнале семејствата Васко и Виолета Блажевски, Томе и Андријана Најдовски“, вели Мариа Росенгрен.
Само донацијата за сензорната сорба изнесува над 30 000 евра и таа е во соработка со германска фондација.
Инаку, сопругот Томас многу добро зборува македонски јазик, а го научил од сопругата и нејзината мајка Весела која на повозрасни години отишла во Шведска и не го знаела тамошниот јазик, па за да се разберат морале да ѝ зборуваат македонски.
Хуманата Мариа Росенгрен во Шведска се отселила кога имала 20 години. Таму завршила факултет за менаџмент и други едукативни програми за директор. Станала успешен менаџер, но и имплементатор на ИСО стандардите во цела Скандинавија.
Ж.З.