АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Промоцијата на книга на Каракчанов за „историскиот лик и дело на Тодор Александров“ во Битола и тоа на покана на некакво профашистичко здружение на граѓани кое го носи името на Иван (Ванчо) Михајлов е можеби една од многуте антимакедонски провокации кои доаѓаат од Софија, но секако има подлабоки корени и јасни антимакедонски цели. Впрочем сето ова е дел од „Бугарската националан доктрина за 21 век“ која е изработена и публикувана во Софија уште во далечната 1997 година, а во овој контекст е и онаа скоро едногласно усвоена Декларација на Бугарскиот парламент од есента 2019 година, кога пред Македонија во најгруба форма беа поставени „невозможни и неспроведливи“ антимакедонски услови за напредување кон ЕУ.
Оттука, промоцијата на книга за Тодор Александров како бугарски национален борец од минатиот век не е воопшто за изненадување, но е, сама по себе, доволна причина некои „историчари“ и „политичари“ кај нас да се замислат на кого му градеа споменици и од кого правеа „македонски национален херој“ во последните десеттина години. Веројатно заради овој факт мнозина во Македонија „си го гризнаа јазикот“ и ја премолчеа промоцијата на Каракачанов.
И за Каракачанов и за сите „обожаватели“ на ликот и делото на Тодор Александров, добро е да се потсетат на ликот и делото на војводата и санданистот Атанас Спасов-Таската Серски, кој по налог на Александров беше убиен на операциона маса од „лекарот“ и големиот „македонски патриот“ Александар Станишев. Откако ќе се потсетат на оваа тажна и антимакедонска историска епизода, добро е повторно да се преиспитат за кого правеа пофални книги и документарни емисии во претходните години и чиј портрет им виси по партиските штабови.
Имајќи го ова предвид, но и ако погледнете кој беше присутен на промоцијата во Битола, тогаш станува уште појасно зошто реакцијата на битолската политичка јавност беше скоро никаква. Впрочем, со осуда на ваквата организација пред настанот, единствено се јави Битолската организација на Сојузот на борци, која преку нејзиниот претседател Александар Трајковски правилно го карактеризираше настанот, како јасно и недвосмислено спротивен на македонските национални интереси. И овој факт, фактот што македонската национална чест се јави да ја брани еден борец од над деведесет години, а молчеа општествените и политичките фактори од Битола и од цела Македонија и не превзедоа ништо да го осудат (па дури и спречат настанот) е она што треба да не загрижи.
Д-р Александар Литовски
извор: https://denesmagazin.mk
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)