АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Секоја подарена слобода е всушност ново ропство“
„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“
Во спомен на Идеологот
Се навршуваат 148 години од раѓањето на човекот кој остави најдлабок печат и стана најсилен симбол на македонската ослободителна идеја. Гоце Делчев е роден 1872 година на 4 февруари во еден од културните центри и револуционерни жаришта на Османлиска Македонија, во градот Кукуш. Неговиот краток, но богат животен пат стана обележје на целокупното македонско револуционерно движење во крајот на XIX и првата половина на XX век се до создавањето на современата македонска држава. Од тој момент, па сѐ до денес, тој се трансформира во најсилен темел на нашата современост. Неговата мисла и идеја не е само бела политика, туку една длабока филозофија на себепронаѓањето, храброста, одлучноста, пожртвуваноста за својот идеал. Неговиот идеал беше пред сѐ Македонија со храбри и самосвесни граѓани.
Делчев во една прилика напишал:”Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата; – или ќе водиме говеда на касапница”. Суштината на неговата работа беше пред сѐ да го разбуди духот на човекот, од нем роб тој да стане предводник и предвесник на идните дни. Да стане борец кој неуморно ќе се бори. Единствено самосвесен човек може да работи и да ја креира иднината на своето опкружување.
Втората етапа од неговата борба беше „ Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“.Размислувајќи за идеалниот човек, запишал: “Труд и постојанство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива”, односно ја дал основата на онаа исконска и секогаш актуелна мотивациска филозофија.
Делчев не е само лик од едно време, од една борба, Делчев е човек чија идеја се оствари и чија филозофија одекнува во современоста. Тој се вброи во великаните на човештвото и неговото значење никогаш не се намали, напротив се повеќе се зголемува. Неговит бит е жив, жив е во оној кој е свесен граѓанин на општеството, оној кој мисли, дејствува,се бори за подобро утре, за подобар свет. Неговот дело не е предмет што би требало да се дели, напротив Делчев претставува фигура, кој носи белег на една универзална филозофија на бунтовноста, себеистакнувањето, и борбата за општ напредок на човештвото. Труд и постојанство тоа е аманетот кој ни остави и столб од кој не смееме да се откажеме.
„Ќе бидете глупави ако ни верувате на зборовите а не ни ги гледате делата“
Подготвил Васко Гичевски, објавено http://vnatresenpatnik.fzf.ukim.edu.mk/