2win800x200

ВО ИМЕ НА ВИСТИНАТА, СЛОБОДАТА И МИРОТ

Јули 19, 2020

Пишува: Александар Литовски

Победата  на фашизмот во Втората светска војна е најголемиот настан во историјата на човештвото. Споменот, вистинитиот спомен за тој настан мора да се зачува. Заради милионите жртви, херојствата, вистината, мирот, иднината! И, затоа, нужно е тој спомен да се заштити од сите обиди за фалсификување и историографски ревизионизам. Од историографскиот ревизионизам кој е директна интервенција на политиката во историската наука и нејзина злоупотреба за постигнување на идеолошки и политички цели. Онаква интервенција како што се направи преку онаа антиразумска и профашистичка Резолуција на европскиот парламент од септември 2019 година, со која најголемата жртва на европскиот фашизам се прогласи за агресор и виновник. Историскиот ревизионизам е намерно и пристрасно искривување на претставата за минатото. Тој подразбира, како што е запишано во Декларацијата насловена „Да ја одбраниме историјата“ (https://pescanik.net/deklaracija-odbranimo-istoriju/), своевидно „прилагодување на минатото за современите политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостоечки податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сé она што не им одговара на политичките идеи и програми.“ Главната цел на десничарскиот ревизионизам во однос на Втората светска војна е да се дискредитира гигантската борба на антифашистите и комунистите и да се заборави или прикрие улогата на Советскиот Сојуз кој го понесе главниот товар на борбата и е, без никакви дилеми и без никаква конкуренција, главниот чинител кој ја скрши „кичмата“ на фашистичките сили.Денес, како и пред и за време на Војната, пропагандно се креира антикомунизам, русофобија и советофобија.

Во името на милионите искрени антифашистички жртви, не смее да се заборави дека наци-фашизмот и десничарско-аритократскиот милитаризам беа и се само надворешна манифестација на монополистичкиот капитал и ревизионистичкитата политика во првата половина на 20. век. Фашизмот е одговорен за почетокот на Втората светска војна и смрта на над 75 милиони жртви во неа. Од нив 27 милиони се советски граѓани и граѓанки. Реално загледна, историјата на Втората светска војна ни покажува дека таа за примарна цел ја имала елеминирањето на првата социјалистичка држава. Само на таков начин може да се објасни поддршката на фашистичките Италија и Германија од страна на САД, Велика Британија и Франција и нивната дипломатска попустливост што претходеше на Војната. Само на таков начин може плаузабилно да се објасни фактот дека САД и Велика Британија смислено и намерно долго време избегнуваа отворање на Втор фронт во Европа со цел истоштување или уништување на Советскиот Сојуз, што е само по себе најголемиот воен криминал во историјата на човештвото.

Денешниве стопани на светот не штедат средства преку десничарскиот ревизионизам да влијаат врз сеќавањето на луѓето во однос на Втората светска војна. Сосема очигледно е дека се настојува да се минимизира и криминилазира улогата на Советскиот Сојуз, да се заборави дека најголемиот геноцид, целосно неоправдан од воено-стратегиски аспект, е извршен со фрлањето на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки, дека веројтано најнепотребното масовно бомбардирање и убивање на цивили беше во Дрезден... Всушност, денес во историографијата, и на глобално и на локално ниво, помодното и трендовско толкување на историските настани и процеси е погласно и подоминантно од логичното и вистинотворното. Денешното пишување на историјата се оддалечува од суштината и вистината и денешното изрекување на оценки за одделни настани и личности од историјата е, или под диктат на глобалната идеологија, или папагалско повторување на сензационалистичките антикомунистички флоскули.

Победата над фашизмот е големо и славно историско наследство на прогресивното човештво, на левоорентираното движење на светско ниво, а најповеќе на натчовечките напори на советските мажи и жени. Затоа, нужно е, во името на вистината и правдата, што е можно почесто, да се изрази јавна благодарност на луѓето кои ги дадоа своите животи на разните војувалишта против фашизмот и да се одбележат сите позначајни датуми од антифашистичката борба. И денес, 75 години по Втората светска војна, нужно е да се застани во име на слободата и мирот, против фашизмот и војните за профит. Потребно е градење и негување на јасна политичката свест за борба против репресијата и неправдата, националшовинизмот и расизмот, економскака нерамноправност и експлоатацијата.

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани