2win800x200

„МОЖЕМЕ“ во игра, „ОБНОВАТА“ на резервна клупа - (пишува Валентин Груевски)

Јули 16, 2020

 Ден после предвремените избори и резултатите кои се случија, јасни се неколку работи и тенденции во гласачкото тело во Битола и во Македонија. Во рамките на очекувањата и она што го напишав пред месец дена на ова место, гласачите го препознаа прогресот, иднината, евроинтеграциите, желбата да се направи правна држава, мотивот да има повеќе средства во џебот и да биде на исто ниво со другите европски народи. Загуби злобата, омразата, желбата за освета, немањето став за групните работи во државата, заканите кон сите, кон секој, за сешто, загуби политиката чија главна реченица беше ,,ќе видете после 15-ти“. Загуби и една политика на постојано обезвреднување, омаловажување, негирање и не гледање на вистинската реалност.

МОЖЕМЕ

Покажа дека една ваква, мултиетничка, повеќепартиска, мултиконфесионална, коалиција може да функционира и може да дава резултат. Истата како да беше правена по модел, во кој секој ќе си го донесе делот, секој ќе си го истрча својот дел од патот, и секој ќе има заслуги за победата. Ако најголемата партија го понесе најголемиот товар, мора да се каже дека без коалиционите партнери, победа немаше да има во Битола, во Прилеп, во Штип, во Струга, во Кочани, во Новаци и на многу други места.

Во Битола „Можеме“ извојува кристално чиста победа. Над 1000 гласа е разликата, без ниту една замерка на изборниот процес и бројот на гласовите. Ниту голема, ама ниту мала победа. Сепак место за некакви силни еуфории и радувања нема, затоа што локалните избори се веќе наредната година, а уште денес треба да се почнат подготовките за истите. Ако разбереме дека тимот ги добива изборите, дека победи „Можеме“, а не поединци, тогаш шансите на наредните локални избори се големи.

ОБНОВАТА

Уште ,,малку“ а можеби ,,малку повеќе“ ќе си поседи на резервната клупа. Се што можеа во оваа кампања погрешија. Ги потценија малите партии од десниот блок кои силно грабаа од нивното гласачко тело. Наместо таму се насочија кон црна кампања против кандидатот за премиер и кон пратениците од листите. Со друг јазик кажано, наместо да си ги чуваат своите, ги бараа туѓите гласови. Невозможна мисија во старт. Не успеаја во Битола ниту една тема по која ќе бидат препознатливи и по која ќе ја туркаат кампањата. Не слушнавме ниту една теза, која ќе предизвика внимание, ако тука не се брои незграпната изјава на носителот кој тешко можеше да се сети на името на местото, до кое треба да води патот од Битола. Премногу самоуверени, премногу арогантни и со веќе поделени функции уште од месец декември , со прогноза дека ќе победат од 2500 до 5000 гласа во Битола, се изненадија од суровата реалност која ги снајде вчера. Реформите таму почнуваат допрва, а за нивниот исход рано е да се прогнозира.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани