2win800x200

„МАЛИТЕ“  ПОБЕДИЈА (пишува Валентин Груевски)

Јули 23, 2020

 

Парламентарните избори завршија. Конечните резултати, иако се уште неофицијални, се познати и победникот е познат. Онака како што прогнозирав на почетокот на кампањата, мала, но значителна предност на коалицијата „Можеме“, во однос на опозицијата, доволно за да го дадат идниот премиер и  да бидат фаворити за составување на владата. Никако не ја разберам желбата на Вмро-Дпмне се уште да им продаваат магла на своите поддржувачи дека тие ќе состават влада и дека гласовите на БЕСА не треба да се бројат и дека тие се победници на изборите. Ама тоа е нивен проблем.

Некои ја нарекуваат пирова победата, ама за да се разјасни овој поим, треба да се знае дека пирова значи победа која нема вредност, победа која не можете да ја реализирате. Со спортски термин кажано, пирова е кога ќе победите ама друг е шампион, или пирова е кога ќе победите ама ќе испадните од лигата, а овде победникот е шампион, а тоа што победата е тесна ја прави послатка и  поубава. Ама во никој случај пирова.

МАЛИТЕ ЛУЃЕ

Малите луѓе на овие избори ја донесоа победата. Кога велам “мали“ не мислам на мали по раст или мали по обем, туку мислам на луѓе кои не се функционери, луѓе кои немаат никаква партиска функција, не беа на листа, не се во локалните или државните  раководства. Тоа се луѓе кои го почувствуваа моментот дека треба да помогнат, да ја задржат државата во вистински правец, да се  обидат да го донесат правото и правдата.  Неуморно работеа и за денот на изборите и неколку недели наназад. Се разбира не сакам да ги спорам квалитетите на кандидатите за пратеници, партиските програми,  целокупната кампања, успешноста на функционерите, меѓу кои сум и јас,  далеку од тоа,  ама овојпат ,,малите“  беа одлучувачките.

Тие луѓе направија се што можеше да се направи за да победи опцијата која ја избрале. Излегоа да гласаат, ги убедија своите роднини, пријателите, комшиите. Неуморно работеа на теренот  и веруваа во исправноста на политиката за која се залагаат и ја донесоа победата. За трудот нема да добијат никаква награда, единствено искреното чувство и сатисфакцијата дека биле на страната на победниците.

ПАРТИИТЕ

Партиите кои упорно некој ги нарекуваат мали, беа јазичето на вагата која го одлучи победникот. Сакате тоа да го видете на локално или пак на национално ниво. Разликата на национално ниво од 12.000 гласа, покажува дека која и да било партија од коалицијата „Можеме“ ја издвоевте, тогаш можеби и немаше да биди победа. ЛДП, БЕСА, НСДП и ДОМ  се партии кои тежат далеку над тие 12.000 гласови. Меѓутоа, математичката прецизност со која беше создадена коалицијата покажува дека секоја партија си донесе значаен дел во гласовите и си ги изработи своите мандати.

На битолско ниво, според мои проценки, што и не мора да се точни, покрај најголемиот товар кој го носи најголемата партија во коалицијата СДСМ (и организационо, и функционално и во гласови), сите останати партии ,,тежат“ околу 3.500-4.000, што никако не  е бројка за потценување. Можеби некој и ќе спори со бројките, или нема да ги гледа со благонаклонетост, но тие се реални бројки, кои се потврдени во минатото и секој кој барем малку познава и реално ја гледа  политиката, ќе ви ги потврди. ЛДП во Битола не  може да оди под 2.500 гласа, на какви било избори, НСДП под 1.200, ДОМ, Сојуз на Роми, Демократски сојуз, Вмро-Народна, Обединети и неколку други партии кои ја сочинуваа коалицијата, јасно е дека победата ја заокружија т.н ,,мали“ партии, кои овој пат беа Големи.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани