2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Битола на мојата младост

By Септември 24, 2017
Кога бев дете учевме во школи каде ѕидовите беа обоени во сива и бела боја, таблите имаа дупки, прозорците лепени стакла, а вратите често заглавуваа. Седевме во стари клупи, столчиња беа со излезени шајки на кои ги зафаќавме и киневме популарните фармерки „петсто кец“. Школските спортски сали беа тесни, паркетот излитен од гланцање, игралиштата со расипан асфалт. 

Но, училиштата беа тесни да го зберат големиот број на ученици. Сивите и долги ходници беа полни со детски џагор. Во социјалистичките училници се носеше столче плус за да имa каде да седне новиот ученик. Школските престои имаа мензи каде се служеше најубавото пире со колбавчиња и зелка салата во чингени садови. Просториите беа згреани од пет часот наутро. Наставниците со емоции не учеа да ги рецитираме „Денови“, „Т’ га за југ“, „Ленка“... Не се напредуваше со материјалот по хемија додека валенцијата не ја совладаше и последниот ученик во одделението, додека математика сите не научеа за дропки, го географија да ја читаат картата... И да, немавме хортикултурно уредени дворови како денешните, но затоа пак багремите најубаво мирисаа кога на пролет ќе расцутеа.
 
Денес школите кубурат со ученици. Ластовиците кои требаше да ги полнат училиците, одлетаа во странство. Одделенијата одвај бројат по 18 ученици. Наставниците се плашат дека од в година ќе им се укине паралелката, предметот. Бројот на ученици се намалува, а расте превработеноста со просветни работници. Партиските книшки станаа главниот критериум за вработување на наставници. На учениците им се сервираат различни програми како да се експериментални глувци, или немаат учебници или оние што ги имаат не одговараат на наставата.
Кога бев ученичка секоја година одев на летување во детското одморалиште на Пелистер. Домот беше нов, со широки соби, комотни кревети, балкони со поглед кон моликите, менза која собираше неколку стотици летувалци. Радиостаницата на утро не будеше со популарниот хит „Чукни во дрво“, а потоа со „Хеј Словени“ ја дигавме заставата. Од мали нозе учевме да се искачеме до Копанки, Јоргов Камен, Палиснопје. Учевме да ја сакаме планината. 
Денес детското одморалиште каде ги доживеавме првите симпатии и љубови, се распаѓа. Со години државата, во чија сопственост е, не стави ни една штичка за да го реновира. Веќе со години нема летувалци. Децата наместо на Пелистер денес на летна настава ги пуштаме во Струга. За викенд кога ќе ги однесеме на Пелистер за да ја поттикниме онаа љубов што ние ја имавме кон планината, ја гледаат грдата слика од изгорениот дом Копанки. Како да им објасниме дека Битола која има толку многу локалпатриоти, не смогна сила да го подигне од темели култниот Копанки?
Кога бев средношколка, на утро додека одев на школо, ме одминуваше армија работници кои итаа кон автобуските станици. Едни да стигнат на работа во „Иднина“, други во„ Фринко“, трети во „Битолатекс“. Денес низ улиците во седум часот на утро е штама. Никој никаде не брза. Фабриките се затворија. Може да ве одминат само група битолчани во маици со виолетова боја, кои итаат за „Кроберт и Шуберт“, единствената странска инвестиција која се оствари од многуте ветени во Битола. 
Кога бев млада Битола имаше неколку култни места. Се збиравме пред кафичот „Бел Ами“ кај Камен Мост. Беше место што би се рекло од две на две метри, собираше една рака луѓе. Но, околу се собираа уште илјада. Не мораше секој да седне на пијалак. Луѓето застануваа околу се дружеа. Јадевме компирчиња кај прочуената бутка спроти „Отекс“. Воведоа ХАСАП систем и бутката не можејќи да вложи толкава пара во росфајт опрема, се затвори. Широк Сокак немаше плочки, туку асфалт. Но, беше полн со луѓе. Немаше ресатврирани фасади, но се одржуваше Офицерскиот дом. 
Ја имавме чаршијата полна со кафулина за изгледување. Колку што се збираа битолчани на лето кај „Виктор“ и „Викторија“, сега на Широк Сокак нема ни во петок навечер. Денес чаршијата умира.  Умираат занаетите, а никој не се осмелува да отвори кафич во тој дел на градот зашто нема да има ни муштерии во полуиселен град. 
Во мојата младост Битола беше спортски град. Имавме новоизградена спортска сала во која се одржуваа натпревари од првата ракометна лига на Југославија. Имавме ракометен тим кој со секој натпревар толку многу ја полнеше салата што редовно десетици луѓе остануваа простум или надвор од салата без карта. Објектот не прокапуваше. Внатре беше жешко дури и во најструдените јануарски денови. Во изминативе години кога нашите деца имаа имаа потреба од спорт, салата прокапуваше, внатре од студ да врзиш куче не седеше.
Во мое време имавме стадион каде се играа фудбалски натревари на кои можеа другите градови да ни позавидат. Потоа стадионот со години се распаѓаше, фудбалот беше замрен, фудбалерите нередовно платени. Општинската власт по три мандати на заминување се зафати да гради една од трибините. 
Денес сум возрасна, но не можам да се гордеам со развојот на мојот град.Од втор по големина во земјава стана четврт, од втор по населеност сега е петти, го загуби приматот на спортски град, на градски, конзулски, град на планинари и скијачи. Денес во секое негово ќоше ја барам Битола на мојата младост, но се помаку ја има. 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани