2win800x200

МАЈКА СО МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА ОД БИТОЛА ЧЕКА СТАН ОД ДРЖАВАТА ЗА ДА МОЖЕ ДА ЖИВЕЕ ЗАЕДНО СО СИНОТ

Февруари 22, 2018

banermost

35 годишната битолчанка Мери Тошевска, болна од мултиплекс склероза, живее под кирија во стан во зграда на улицата „Партизанска“ во Битола, каде нема пристапни рампи и лифт за да излезе надвор. Бидејќи тешко се движи, доколку сака да вдише свеж воздух мора родителите со помош на соседите да ја кренат заедно со инвалидската количка и да ја пренесат преку единаесет скали.

Станот пак, иако е двособен има тесни одаи и таа одвај со количката се движи низ нив. Поради нерешеното станбено прашање морала да прифати петнаесет годишниот син, кој според Центарот за социјални работи требало да остане со неа, да биде даден на делумно издржување кај нејзиниот сопруг од кого се развела по споболувањето. Сепак, Центарот донел решение детето кога и да посака да може да биде со мајката. Но, во сегашните станбени услови таа не може ни него да му го пружи потребниот комодитет.

Мери Тошевска
Мери Тошевска

 

Сите досегашни барања одбиени

Мери во повеќе наврати барала социјален стан од државата, за да не заспива со страв дека следниот месец сопственикот ќе ги остави на улица, да го опреми по своите потреби и конечно да живее заедно со петнаесетгодишниот син.

„Да ми се реши станбеното прашање, да не легнувам веќе со грижа, леле што ќе се случи ако газдата ни речи станете, леле каде ќе одиме.Се прашувам кога ќе можам и јас со синот да живееме во стан според нашите потреби? Друго е во туѓ стан, се плашиш да не чукнеш нешто, да не оштетиш, а ако станот е твој е друга работа. На ѕидовите ќе си ставам држачи за да можам полесно да се движам, а во туѓо место не можам да дупам дупки каде што ќе ми текне. Тоалетот е тесен и неприкладен за капење за мене. Тесно е за тука да живееме со синот“, вели Тошевска.

Досега сите нејзини барања за да добие стан од државата, биле одбивани од надлежните служби со образложение дека немаат таков стан на прв кат или во зграда со лифт. Воедно, нејзините потреби нема да се задоволат со доделување на еднособен стан зашто заедно со неа треба да живеат и нејзините родители кои ѝ помагаат зашто тешко се движи.

„Во изминатите години имавме поднесени барање до Владината комисија за станбени прашања, ни пуштија контрола од Битола, ја видоа состојбата , па го пуштија делото Скопје и од таму не одбија дека нема таков стан каков што бараме за неа. Три пати сме одбивани. Веќе не знам кај да се обратиме. Неколку пати бев во ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор да побарам барем да ни дадат барем некој кат од државните куќи со кои располагаат. И оттаму имам добиено неколкупати одговор дека немаат такви простории“, вели мајката Валентина Китевска (53).

„Дајте ми стан на прв кат, рампата ако треба сама ќе ја направам“

Кога пред две години живееле во друг стан под ќирија, на втори кат, поради скалите со месеци Мери била затворена дома. Попусто располага со електрична количка кога не може да ја користи зашто само таа тежи 90 килограми,па по скали ќе треба некој на раце да ги крене двете за да ги пренесе.

„Доколку државата ми обезбеди стан на прв кат или во зграда со лифт, ќе најдам доброволци кои сами ќе ми направат пристапна рампа.Сакам да си ги остварам сите права на самохрана мајка, зарем тоа е грев? Несакам никој да ме сожалува. Ја повикувам државата да не прави ревизија на документи, туку на терен да види кој од издадените социјални станови навистина се користат зашто од нив има празни, па се прашувам каде се сопствениците“, додава Мери.

Во голготата што ја минува вели се движи сама, борејќи се, читајќи и толкувајќи закони. Ни една институција самата не ѝ се понудила да и помогне, да ѝ каже што ѝ следува.

„Благодарение на интелигенцијата, усовршувањето сама некои работи си ги доведувам во ред. Ја пуштам мајка ми секаде каде што треба, ајде да пишуваме писмо, ајде да го однесиш барањето таму. Се мама. Другите никој ништо не ги интересира“, раскажува Мери.

Се споболила во 2010-та, а една цела година им била потребна на лекарите за да ја откријат дијагнозата. Потоа ја изгубила работата, а се развела и од сопругот. Вели дека поголемиот дел од луѓето не ни знаат што значи нејзината болест.Зборот мултиплекс не го разбираат, а за тоа склероза секој си дава свое тумачење како што ќе им текне, а не знаат дека таа тешко се движи со нозете, а сите останатти функции ѝ се беспрекорни. Синот, сега има петнаесет години и може да живее заедно со мајката без никакви проблеми, доколку таа добие стан.

„Добивам нега, мобилност и инвалидска пензија. Живеам под кирија со родители и секој месец плаќаме кирија од сто евра. Татко ми една година не е на работа, а ни мајка ми не може да работи зашто ме гледа мене. Немаме пари за учество за да купиме стан според мерките што ги даваше државата“, вели Мери.

скали од зградата кои Мери Тошевска не може да ги помини па мораат со количката да ја креваат на раце

 

Во март нов оглас за социјални станови

Од Владината комисија за станбени прашања ни одговорија дека во март ќе биде објавен јавен оглас со сите расположливи станови по градови, па Тошевска ќе може да виде кој ѝ одговара за да може повторно да конкурира, по што со сигурност ќе биде разгледано нејзиното барање.

Од Центарот за социјални работи не известија дека во врска со решавање на станбеното прашањето кај нив улогата е само во делот на утврдување на категоријата самохран родител , додека за таа работа одлучува Комисија за станбени прашања при Владата ,а доделувањето и постапката оди преку јавен оглас кој го распишува Министерството за транспорт и врски при Владата.

Од Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор ни рекоа дека дел од државните куќи со кои располагаат немаат услови за во нив да се сместе семејство, а некаде има и диво вселени семејства.

Се обративме и до Здржението на трудови инвалиди, од каде ни беше кажано дека располагаат со станови во таканаречената Пензионерска зграда, каде има и лифт. Поголемиот дел од становите им се издадени, имаат уште еден слободен. Тоа се гарсониери со една соба, кујна и тоалет наменета за живеење на едно или две лица. Тоа е претесно за заедно со Мери да можат да бидат синот и нејзините родители кои ѝ помагаат. Воедно родителите не се трудови инвалиди , па да можат да го користат уште еден стан во истата зграда доколку би се ослободил, а секојдневно да патуваат од местото каде што сега се под кирија до Пензионерската зграда, ќе ги чини прескапо.

Државата е на потег за животот на Мери конечно да го огрее сонце, по бројните бури што ги преживеа до својата триесет и петта година.

Ж.ЗДРАВКОВСКА

„Оваа сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на сторијата  е единствена одговорност на Организацијата на жени од Битола и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани