2win800x200

Никогаш да не се повтори (пишува Валентин Груевски)

Декември 31, 2020

 

На крајот сме на  уште една година, завршува 2020 година, на која убеден сум дека многу малку луѓе ќе се сеќаваат по добро, а огромен број ќе сакаат да ја заборават што е можно побрзо и истата никогаш повеќе да не се повтори. Иако почетокот не навестуваше вакво нешто, сепак и на крајот, истата со последните потреси во соседството, не потсети на својата злокобна моќ, и ја зголеми нашата желба, никогаш повеќе во нашите животи да не ја спомнуваме по добро, туку  како нешто кое се случило само во нашите сништа.

Годината, на глобално ниво, ја одбележа најголемата светска пандемија, ја одбележа досега невидена здравствена, економска, туристичка, спортска и уште не знам каква криза, а загубите во човечки животи, работни места, здравствени проблеми ќе ги броиме и во наредните години, како последица од променетиот начин на живот за сите нас.

СКЕПСА И НЕВЕРУВАЊЕ

Скепса и неверување беше најкарактеристично во првите месеци од кризата, најразлични експерти за се и сешто, за измислен вирус, за неговата безопасност, за обичен грип, шиканирање на сите кои се заразиле. Кај нас, мислам дека дефинитивно разбравме дека ѓаволот ја однел шегата, некаде на почетокот на ноември кога почнаа да заболуваат, буквално сите, кога најблиските почнавме да ги носиме по болниците, кога пријателите се разболеа, и кога за жал почнаа и да ,,заминуваат“ блиски, пријатели, познаници, комшии.

Замреа повиците за сатанизација на заболените, ама истите кои зборуваа за безопасната настинка, сега велат до каде е вакцината, кога ќе дојди и кога ќе се вакцинираме. Доцниме , сите се вакцинираа, ама добро е што ја поткренавме свеста за опасноста и сега сме некако многу поодговорни од пред неколку месеци, иако се уште постојат некакви „експерти” кои се уште дрдорат за лажните вести и измислената опасност.

ПОЛИТИКАТА

Политиката ја имаше и во оваа година. Избори за нова влада со старо нов победник на истите. Коалицијата ,,Можеме“ со мала, ама голема победа на истите и нокаутирана опозиција, која пет месеци пред избори почна да ја прославува победата и да дели функции. Ама не за џабе, нашиот народ не рекол - прво скокни па кажи оп. Очигледно дека ги измешаа чекорите, ама и шест месеци после изборите, се ми се чини дека се уште не можат да ги погодат.

СПОРТ

Македонија на европско првенство во фудбал, остварен сонот на многу генерации вљубеници во најважната споредна работа на светот, еден од ретките добри настани оваа година, кога скоро цела година, стадионите, салите, останаа празни и жално е, без публика, да се гледаат тие настани. Нема спорт, нема театар, нема концерти, нема дружење,  имендени и родендени, нема новогодишни прослави, нема маалски дружења, се одделивме едни од други, се отуѓивме, се заборавивме едни со други.

Со надеж дека лудилото ќе престане во првата половина на новата година, со надеж дека ќе се нормализираат состојбите во 2021.

За новата што иде Ви посакувам само и единствено многу здравје, а другото мислам дека во овој момент е неважно.

Се читаме во Новата! 

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани