АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Александар Литовски
Оваа година меѓународната заедница слави 75-годишнина од победата врз фашизмот. Поминаа и 70 години од пресудите на судот во Нирнберг. Сето тоа требаше да значи победата на цивилизираниот свет над фашизмот. Требаше да биде победа над идеологијата на десничарското, националшовинисничко и антикомунистичко, лудило, над идеологијата за расна супериорност и мизантропија. Впрочем, фашизмот произлегол од барањето за ревизија на резултатите од Првата светска војна и од стремежот да се уништи „болшевизмот“ и првата социјалистичка држава во светот – Советскиот Сојуз. Антикоминтерна пактот од 1936 г., обновен во 1941, бил амалгамот кој го држел споен големиот фашистички сојуз.
Денес, особено во евроатланските структури, намерно се заборава Антикоминтерната пактот, намерно се заборава антикомунизмот како погонско гориво на фашизмот и нацизмот, намерно се премолчува Минхенскиот договор, намерно се забошотува финансирањето на италијанскиот и германскиот фашизам од англо-американските концерни, намерно молчешкум се преминува преку империјалистичката природа на фашистичката идеологија, намерно се маргинилизира нападот врз Гливице, намерно скоро никој не сака да ја „популаризира“ изјавата за италијанските весници на конструкторот на „Студената војна“, Винстон Черчил дека „доколку би бил Италијанец би бил фашист, оти фашизмот се бори против ленинизмот...“ и „би носел фашистичкацрнакошула“. Целта на ваквото „програмирано“ заборавање, повторно, како и пред стотина години, произлегува од бесниот десничарски антикомунизам, од обидот денешниве потомци и идеолошки наследници на наци-фашизмот да ги рехабилитираат своите предци преку маргинализација и уништување на антифашизмот и, во крајна линија, од желбата да се затскрие актуелниот неоколонијализам и безмилосната експлоатација на луѓето и природните ресурси.
Но, вистинската антифашистичка историја не би смеела да биде заборавена. Не треба да се заборави дека денешниов светски меѓународен поредок се темели врз придобивките од антифашистичката борба и врз системот на Организацијата на обединетите нации. Никогаш порано државите поделени со идеолошки и политички противречности не се обединле пред заедничката закана, како што тоа во антифашистичката борба го направиле земјите-членки на антихитлеровската коалиција. На крајот на Втората светска војна, донесени се такви фундаментални документи, како што е на пример Универзалната декларација за човекови права, кои станаа функционален одговор на загрозувањето на светот од милитаризмот и на стремежот за масовно одземање на човечкото достоинство. Оттука, уништување на антифашизмот значи и уништување на воспоставениот меѓународен поредок на Обединети нации и постепено отворање на Пандорината кутија од војни, масовни страдања и еколошки катастрофи.
И покрај сето тоа, денес, во голем број земји е започната војна против споменот на антифашизмот. Се уништуваат спомениците во чест на борците против фашизмот, Европскиот парламет ја диригира историската меморија преку носење на антикомунистички и анти-антифашистички резолуции, а низ разни европски земји, оние што се бореа на страната на нацистичка Германија или фашистичка Италија се издигнат на рангот на националните херои. Станува збор за идеолошко и политичко фалсификување на историјата, што претставува отворен цинизам не само кон оние што во време на Втората светска војна го спасија светот од жалната и антихумана судбина подготвувана од фашистите здружени во Антикоминтерна пактот, туку и цинизам кон сите луѓе со минимални познавања од историјата и раска здрав разум.
Дека злосторствата против човештвото на фашизмот се антицивилизацики постапки би требало да е општоприфатено и преточено во универзално морално начело, но, како што се покажува, не е така за сите. Генералното собрание на Обединети нации минатата недела ја одобри Нацрт-резолуцијата за борба против величењето на нацизмот, неонацизамот, расна дискриминација и ксенофобијата. Таа беше поддржана од 133 држави. Ама, се спротивставиле САД и Украина. Американските сателити, 49 земји од Европа, меѓу нив и членките на Европската унија, оние наводно „независни“ земји како Норвешка, Исланд, Шведска, Швајцарија и, за жал, нашата Македонија, се воздржааа од гласање и индиректно се обидоа да го спречат нејзиното изгласување. Иако Резолуцијата била изгласана, поради американското вето, оваа Резолуција не е задолжителна и има само советодавна природа.
И оваа ситуација, само по себе, го дава одговорот на прашањето: Дали и колку светот е неофашистички!?
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)