2win800x200

Безвредни халуцинации

Март 21, 2021
 
Пишува: Александар Литовски
 
Целиот наш денешен социо-економски метеж, треба да се гледа од пристојна далечина, од некаква птичја перспектива, не само од хигиенски причини, туку зашто само така ќе можеме да согледаме дека она што ни се случува е перверзно, гнасно, антихумано, карикатурално. Така, овие наши мафијаши, папопчно поврзани со политиката и судството, ќе ги видиме во нивната вистинска „големина“, ќе ги видиме како едни мали локални силеџии, како едни самопрогласени и самоповикани локални „величини“, кои во еден релативно краток временски исечок, се обиделе и, во голема мерка успеале, да искрадат поголема сума на пари од државата и народот. Ќе го видиме и тоа дека сите транзициони политичари нè уназадиле и нè оштетиле, и материјално, и морално, и национално..., а сето нивно „владеење“, ќе ни се покаже како една, мала и кратка, несреќна епизода од историјата на Македонија и македонскиот народ. Сите нивни фрази, сета пропагадна конструкција за „евроатланските перспективи“, сè тоа ќе ни се покаже како безвредни халуцинации. Впрочем, скоро и да нема поглупав фетишизам од неолибералната „светлата иднина“ обезбедена преку агресивни, антихумани, неоколонијални и експлоататорски воено-политички конгломерати. 
 
Нашата сурова стварност, нашиот див капитализам, алчноста кон пари и имотност како безалтернативен modus vivendi на нашата буржоазија, ја компромитира и ја згадува секоја, дури и најневината, помисла да замислиме некаква повисока, племенита, социјална или национална, човекова животна цел. Пред наши очи, нихилистички се уништува не само материјалната база на нашето идно постоење, туку и сета човечност, па луѓето околу нас се привидно живи и, сè повеќе, наликуваат на восочни фигури без крв и месо, со стаклени очи преку кои беземоционално и безидејно го набљудуваат светот околу себе. 
 
Оваа наша триесетгодишна хорор-транзиција, која правилно треба да се именува како општествена, економска и национална инволуција, ни „осветли“ многу нешта со вистинско светло, па тие ни се прикажаа во сета своја беда и злоба. Политичката глупост не преплави како апокалиптичен потоп и ни ги уништи сите „социјалистички“ максимгорковски илузии за „човекот како гордо и убаво нешто“. Неолибералната илузија, крајно кретенска и блесава, ни сервираше приватизација на сè, на фабриките, образованието, здравството, па дури и на животопотребните природни ресурси, под изговор дека сите ќе добиеме повисок стандард и подобар живот, дека ќе завладее сеопшта среќа и благосостојба. Но, денес, и најслепиот од сите слепци, може да „види“ дека овие декламации на неолибералните биготи, се само празни флоскули, кои се толку наивни и глупави, што не заслужуваат никакво демантирање со некакви контра аргументи. Наместо наука, развиток, знаење, слобода на мислење, просвета, напредок, толеранција, хуманизам, денес на Светот му се понудија војни за нафта, бомбардирања на невини цивили, масовна глад, игнорантност за масовните болести и природните катастрофи, бесмислени молитви, општа непросветеност, сеприсутна неправда, бесмислени житија на преподобни великомаченици и пустиножители, погроми на инакумислечките, нови клади за спалување на еретиците... А, најфрапирачки е што ниту грандиозната антиразумска очигледност на неолибералните лаги и верските глупости, воопшто не ги спречува идеолозите на социјалната неправда и модерните идеолошки инквизитори, папагалски да ги преповторуваат, до изнемоштеност, истите мегаломански фрази и флоскули. 
 
Кој умее мирно и трезвено да мисли, може да заклучи дека оваа бркотница по гласовите и „душите“ на разните идеолошки и национални конвертити што се влечкаат низ нашата партиско-политичка крчма, не нè води никаде, или поправо, нè води во политичка, социјална, еколошка и национална бездна. Глупавите партиски страсти со крајно пакосните поделби и омрази, разните национални знамиња кои се веат во слава на шовинистичките митови, националистичките возбуди од квазипатриотските триумфи, крајно исклучивиот догматизам во евроатлатските политички програми, сето тоа навестува дека еден ден ќе ни пламне покривот над глава и од Македонија, од оние кои во неа живеат, или нема ништо да остане, или ќе останат само некакви бедни гламносани остатоци. Вистина е дека не треба да се биде особено надарен пророк за да се сфати дека и „лисицата еднаш може да го изеде стапот“. Впрочем, за вистинитоста на ваквото тврдење сведочат лисичките кожи и крзна обвиткани околу ликсузните дами кои шетаат по улиците на „најцивилизираните“ американски и европски градови. На таа стара мудрост, никој од нашите „генијални“ политичари, не помислил ни во еден единствен миг за овие триесет години, па сосема е извесно дека ќе бидат крајно изненадени кога сите ќе ја загубиме државата и нацијата, а и тие ќе загубат сè што имаат. 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани