АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
Во редовните мои пишувања за порталот Апла, сум пишувал за многу работи, сум пишувал најчесто за локални предизвици и проблеми, за локални решенија, многу помалку или скоро никогаш за државни состојби и проблеми, сум се осврнувал и на изборите и мои прогнози за резултатот од нив, а се разбира и дека неминовно било и да се каже збор-два за здравствената криза, која полека навлегува во втората година и нема намера за брзо да си отиде.
Никогаш не сум пишувал за институцијата која ја раководам или ја водам, односно само сум прв меѓу еднаквите, а тоа е општинскиот Совет. После прочитан еден коментар дека советниците со прст не мрдаат и дека само си земаат паушал, а со цел да расчистам неколку дилеми ( се надевам дека ќе успеам во таа намера), решив да напишам неколку реченици се со цел на јавноста да им стане појасна улогата на Советот и на советниците во него.
ВОЛОНТЕРИ
Волонтери се сите советници во државата, вклучувајќи ме и мене. Тоа значи дека за советничкиот мандат не течи стаж, нема здравствено и пензиско осигурување, дел од советниците се вработени на друго место, имаат други професионални обврски, а дел од нив и не се вработени. Паушалот им се исплаќа само ако во текот на еден месец одржат седница, и е ист, утврден со закон, врзан со просечната плата, и не може да оди ни нагоре, ни надолу.
Советниците не се експерти за локална самоуправа, некои имаат сосема различно образование и поле на интерес од она што се среќаваат во Советот. Затоа не е лесно да се подготвите за одредена тема и на истата да дискутирате. Неумесни се коментарите и не ги прифаќам дека Советот ништо не работи, се чека „сатот“ да помини седницата, само пари се земаат. Тоа апсолутно не е точно, без разлика дали се тоа советници од власта или од опозицијата. Ако се знае дека на секоја седница му претходат барем 6-7 подготвителни комисии и расправи кои се надвор од очите на јавноста, тогаш седницата не е ни неколку саати, ниту пак само еден ден во месецот.
БИТОЛСКИОТ СОВЕТ
Советот досега има одржано 71 седница и никогаш во ниту еден момент не се соочил со немање на кворум. Според одредени статистики, тој е втор веднаш после Советот на Град Скопје. Тоа зборува за волјата на мнозинството да носи одлуки, ама и за конструктивноста на опозиционите советници, кои никогаш не ја искористиле можноста да прават проблеми со кворумот, иако затоа имале можности во неколку наврати. Горд сум што во овој мандат се обезбеди директен пренос на седниците, што беше и лично моја и заложба на опозицијата во претходниот период. Секој кој сака може да ја следи работата на советниците, ама и одговорноста е поголема за секој советник.
Безброј одлуки, препораки, заклучоци, програми донел Советот на Општина Битола во овој период. Многу од нив директно насочени кон подобрување на условите за живот на граѓаните, за олеснување на секојдневните проблеми и грижи. Некои биле едногласни, некои само со мнозинството, ама никогаш не се оставило ниту една одлука да остане надвор од дневниот ред, да се задоцни, да биде заборавена во фиока, некој да трпи штета поради неажурност и неефикасност.
Се разбира политичките дискусии, надмудрувања, бранењето на сопствените ставови се неизбежен декор. По некој „удар под појасот“, а и по некој чист удар ќе го „украсат“ и целокупниот амбиент, понекогаш и по некој непотребен излет и злоупотреба, ама сето тоа е нормално во едно политичко тело.
А, она што сериозно треба да се размисли и да се вклучи во наредниот процес на децентрализација е законско зголемување на надлежностите на советниците и поголема контрола врз работењето на градоначалниците. Со тоа сите ќе добијат, а најмногу граѓаните.