АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Зборот “ОБРАЗОВАНИЕ”, започнува со “ОБРАЗ”. Лексички, зборот ОБРАЗОВАНИЕ не може без зборот ОБРАЗ, но во метафизичка или онтолошка смисла на зборот, може едно без друго.
Административното и дополнителното образование во текот на целиот живот е нужно и тоа како потребно, но тоа ни оддалеку не е гаранција дека ќе имаме “ОБРАЗ”. Образот (како таков), е колаж од многу животни ситуации, а можеби најголемо влијание врз чистотата на образот има генетската предиспозиција. Иако, во текот на целиот живот го “градиме” образот, сепак, човек со ОБРАЗ се раѓа. Зотоа ни треба образот, за врз него да го “накалемиме” образованието. Оти, нели, едно без друго – не можи ! Образот е визуелизација (слика) на нашата душа, транскрипција на табиетот. Тој (образот) не е нешто што се учи, нешто што може да се направи, купи или позајми. Образот едноставно, го имаме од памтивек, од дедо прадедо и така наназад, далеку во праисторијата.
Образот е пасош за образованието, а визата, е визата за тој пасош може да се заслужи (само) со постојана работа и постојана потрага по убавото. Не е важно дали се живее во мала средина или во голема метропола, околината наша секогаш ќе биде иста. Секогаш околу нас ќе има комшии, пријатели, лицемери, роднини, муви, пијаници, цвеќиња, улици, реки, небесен свод,...
А кога веќе околината секаде е иста и кога с'е е измислено, тогаш, наше е само како ќе ги составиме елементите, компонентите. Наше е само како ќе ја направиме композицијата. За неа (композицијата) вреди да се потроши цел еден живот, и не сум сигурен дека еден живот е доволно време. Потрагата по убавото е Боженствена работа и тука можеби се наоѓа нашата единствена и вистинска конекција со Севишниот, а тоа е - потребата да се твори. Господ Бог го створил светот и човекот, а ние како дел од таа Боженствена творба, ја имаме истата потреба – да твориме, да создаваме и на творбите да им даваме душа.
Мојот роден град Битола е токму таков град – град со душа и голема традиција. Но, тоа не значи дека во мојот град со ништо не треба да се интервенира, дека се' има и дека ништо не му недостига. Напротив, токму духот на овој град (и традицијата) не обврзуваат и апелираат на нас, да правиме убави работи, да градиме неповторливи нешта. А, потребата за нешто ново, убаво и неповторливо, или ја имате, или ја немате – нема трето. Потребата да се изгради нешто повеќе, не е нова и не е привилегија на денешното-модерно време. Потребата да се гради е многу стара. Таа е стара колку и ЧОВЕКОТ СО ОБРАЗ.
Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски