Webp.net gifmaker

Поуки од срамот: како се создаваше фашизмот

Мај 30, 2021

Пушува: Александар Литовски

 
 
Секој нормално морален човек може треба да се срами од она што денес се случува околу него. Слично, како што се срамел Димо Хаџи Димов кој пишуваjќи за тодоралександровите врховистички убијци на внукот на Гоце Делчев, запишал: „На подлите џелати не им затрепери раката кога го стегаа јажето околу вратот на Тодор Чопов... И со такви крвави раце тие ќе ја ослободуваат Македонија! Да се срами човек што живее во денешново подло време.“
 
Фашизмот се создаваше во името на државата и нацијата кои се стремат кон територијално и популационо зголемување. Целта му беше да го  зачува грабачкиот систем од оние кои сакаа да го заменат со некаков похуман и поправеден. При таа „света фашистичка мисија“, редовно морално поддржана и „благословена“ од неморалните клирици, фашизмот, попатно, ги исправуваше, наводните, историски неправди. Кон остварување на вака базично концепирани намери и цели беа насочени сите фашистички политики пред Втората светска војна. Од „Голема Италија“, преку „Lebensraum“ и ариевската нордиска раса, па до „Обединета Бугарија“ и барањето на животен простор од јапонскиот експанзионистички милитаризам. Тогашната „меѓународна заедница“, одвратно слична со денешната, по „Договорот од Версај“ преку кој се прекрои картата на Европа, заедно со пропагирањето и поддржувањето на бесен милитантен антикомунизам, фактички ги создаде предусловите за спојување во цврст амалгам на милитаризамот, ксенофобијата, етнонационализмот и антиболшевизмот во – фашизам! 
 
Преку Италија и фашистите на Мусолини, започнаа да се создаваат никулци и сериозни фашистички движења низ Европа, во Австрија, Унгарија, Словачка, Бугарија, Шпанија, Норвешка, Финска, Германија..., но и насекаде низ светот. Сите тие беа изразито антикомунистички ориентирани и бараа свој дел во новата геополитичка прераспределба. Нацистите, тие видливи антисемитски исклучоци меѓу европските фашисти, во својот, основен политичко-програмски документ наречен „Манифест“ од 1920 година запишале: „Ние сакаме сите Германци да живеат во Голема Германија“. Тоа беше реактуелизација на онаа стара националистичка идеја за потреба од обединување на „сите Германци во една држава“. Звучи познато? Со која идеја пристигнаа бугарските војски во Македонија? Зарем царот Борис не беше именуван како „Обединител“? Дали истото не го работеа балистите со „Голема Албанија“? Дали тие не ги „обединуваа“ сите Албанци во една држава? А денес, што заговараат идејните наследници на големобугарските и големоалбанските фашисти?
 
Значи, идејните основи на фашизмот се во етнонационализмот и антикомунизмот! Оној ист национализам кој беше керозинот со кои беа полевани кладите за време на Првата светска војна која гламноса над петнаесет милиони луѓе и илијадници села и градови. Оној ист национализам кој ја распарчи австриската империја како казна за отпочнувањето на војната и кој создаде вештачки државни конструкции со мноштво потчинети, обесправени и непризнаени народи. Оној ист антикомунизам на „меѓународната заедница“ која ја организираше воената интервенција против советска Русија за „демократски“ да ги собори болшевиците од власт. Со други зборови, фашизмот е хибридна, популистичка и националистичка идеологија, која лесно се прилагодува на даденото историско и социо-политичко опкружување, а се стреми кон постигнување на десничарска доминација со политички и воени средства. Затоа, мора да се разбере дека фашизмот не се само нацистите што маршираат и поздравуваат во Нирнберг во филмовите на Лени Рифенштал, ниту, пак, тие се само издрогирани неонацистички скинхедси кои поздравуваат со „Zig hajl“ на концертите и фудбалските стадиони и кои испијанети ги малтретираат немоќните Роми. Фашистите се идеолозите, приврзаниците и „војниците“ на антикомунизмот и идејата за голема држава и моќна нација, со неприкосновеност на приватната сопственост и буржоаскиот профит.
 
Старите срамоти се секогаш поучни, запиша умниот човек Крлежа. Затоа, да ги изостриме нашите радари и да научиме да ги препознаваме фашизоидните политики и експоненти во нашата околина и на светската политичка сцена. Да ги научиме и разбереме некогашните подеми и падови на фашизмот, за да можеме, совреме, да го препознаеме повторното оживување на ова есенцијално политичко зло во нашето општество. Да ги потсетиме денешниве властодршци од Вашингтон и Брисел до Париз и Берлин на евидентната и непореклива културно-цивилизациска срамота која светот ја доживеа со фашизмот во минатиот век, за на таков начин да ги предупредиме и нив и нивните сателити низ светот за денешните, најблаго речено, антицивилизациски и антидемократски политики кои ги практикуваат.
 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани