АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
“Наведната глава, сабја не ја сечи”
(Македонска народна поговорка-
Има голема вистина во оваа поговорка. Главата е физичка димензија, и неа само “сабја” може да ја пресече. Но, со наведнатата глава, (а со тоа и телото), во голема опасност е Вашата НЕВИНОСТ т.е. ЧЕСТА. И сега повторно, секој од нас треба да се “исправи” пред големата дилема ! Што ни е поважно, што ни е подрагоцено ? Главата или честа ? Одговорот е во секој од нас поединечно. Проблемот не е колективен, проблемот е крајно персонален, личен и интимен. Со исти драмски контраст, се имињата на двете страни на монетата: “Писмо или Глава” Во главата е материјалниот свет, во писмото се емоциите...
Сепак, мислам дека (можеби) полесно ќе ја разрешиме големата дилема, доколку му дозволиме на Леонардо да Винчи, со неколку пишани реченици во форма на басна, да ни одговори на некои прашања, на кои многумина не можат сами да си одговорат,......
.....Тој ден беше врнежлив и тмурен, како ретко кога. Длабоко во шумата беше таков мрак, чиниш, се споиле небото и земјата. Само светлината од силните громови, покажуваше дека мракот има и друго лице. Но, без разлика на с`е, и на таков ден треба да се јаде. Физиологијата (како таква), не признава климатски пореметувања. Младиот Хермелин, ја извади главата од дупката, која беше негов дом, го забележа невремето, но сепак, излезе надвор во потрага по храна. Шеташе така наоколу, намокрен “до гола кожа”, и одеднаш, во непосредна близина забележа двајца ловџии. Веднаш, инстиктивно, го смени правецот на движење и сета сила, се упати назад кон неговиот дом. Таму, само таму во домот е неговиот спас. Трчаше толку силно, небаре душата ќе му излезе на носот, а околу него се слушаа само фучењата на ловџиските куршуми. Стигна едвам до неговиот дом, и само уште еден миг да рипне, и да се пикне во дупката, и да се спаси и, .............Како гром да го удри ! Забележа дека, неговиот дом, (како последица од силниот дожд), се наполнил со кал и нечистотии,.....Застана пред дупката исправено и гордо, како пред свежо ископан гроб за мртовец. Тој, Хермелинот, не е како другите животни. Тој не смее да го извалка своето крзно. Крзното му е аманет. Крзното нему му е с`е во животот. Стоеше така исправен, ко препариран, и свесно го “пречека” првиот куршум, во своето мало срце...
Ќе се сложиш драг читателу, дека ова е (можеби) една од ретките басни со тажен крај. Така е. Но, имајќи ја во предвид темата на оваа басна, нормално е, и природно е, да има ваков завршеток. Најчесто вака завршуваат и многумина во човечкиот род, на кои “крзното” т.е. честа, им е поважна од с`е друго на светот. Тоа што не се купува, не е за продажба. Само стекнатите “вредности” во животот, можат да се изнесат на берзите за продажба. Се продава физичкото, материјалното. Духовното и емотивното – НИКОГАШ !
Честа е синоним за најголемата човекова доблест, најдрагоцената човекова особина. А особини, к`о особини; Некои се стекнати, некои се наследни. Наследените особини се генетика, а генетиката не познава единица мерка. Наследените особини се најскапоцени, затоа се непроценливи. Тие се аманет ! Некому му е наследена тапијата, некому други богатства.....а, некому само “хермелиновото крзно” т.е. ЧЕСТА. Знам, некои ќе речат: “С`е си има своја убавина”. Точно ! Се согласувам ! Но, сепак и покрај с`е, кога ќе останете сами со себе, во најтемниот дел од ноќта, во најдлабокиот Ваш сон, сами (и никако поинаку), ќе треба да си одговорите на прашањето: “Што е поважно ?” ГЛАВАТА или ЧЕСТА.
Пишува Зоран Николовски,Дипл. Инг. Арх.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)