АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кога шестиот ден, Господ Бог го создал човекот, тој го направил по обличјето свое, т.е. да личи на него. Го направил ист к`о него, ама (за чудо), човекот не мрдал, не дишел и изгледал како да е макета од глина. Тогаш Господ се сетил, и му дувнал во устата “Хуу,...” и човекот оживеал. Му ја пренел својата душа нему. Веројатно после тоа и Господ се израдувал на сработеното, па седмиот ден си го посветил себе си , за да се почине. Седмиот ден заминал на одмор....
Ете каде е мистеријата, ете каде е енигмата. Ете, каде се крие најголемата тајна во историјата на човештвото и творештвото. Тајна над тајните. Во човековата (ретка) особина, на околината да му дарува живот, да му даде душа, како Господ, нам: “Хуу,..” Длабоко во човековата душа, таму се крие необјаснивото, тоа што со зборови не можам да го раскажам. Оваа човекова особина е ретка појава и затоа луѓето “слични” на Бога, ја имаат најголемата обврска во едно општество – да градат, разубавуваат и да даруваат душа. Бидејќи ако не се искористи оваа особина, тоа претставува најужасниот грев пред Бога, освен, ако Ви е сеедно дали ќе го разочарате и изневерите НЕГО. Оти, ТОЈ не ја дава таа особина многу често, и не секому....
“Отворањето” на втората чакра т.е. биолошкото размножување (сепак), не е највисокиот дострел во животот. Да се “дарува живот”, тоа значи да се биде ненаситен од убавина, тоа значи постојано да се трча по идеалот, тоа значи постојано да се лета кон сонцето. Знам, (еден ден) ќе Ви се испржат крилата, ама тоа е цената – “Кој сее љубов, ќе жнее солзи”. Сепак, и покрај се, неописиво е чувството на среќа кога после Вас ќе оставите нешто неповторливо, нешто за паметење, нешто со “душа”.
Конечно, да се дарува живот, значи да се зборува за нас и нашата духовна оставштина, тогаш и кога нас нема да не има на овој свет. Оти, само напишаното, насликаното или изграденото останува после нас, за на век. Но, не се само уметниците привилегирани да даруваат живот. Живот се дарува и со благонаклонетост, внимание, добронамерност или убав збор. Затоа воопшто не е сеедно дали имате харизма на ЧОВЕК, или харизма на полнета пиперка.
Мојот роден град Битола е токму таков град – град со душа. Многумина, мојот град го “оживеале”. Но, тоа не значи дека во мојот град не треба да се интервенира, дека с`е има и дека ништо не му недостига. Напротив, токму духот на овој град не обврзува и апелира на нас, да правиме убави работи, да градиме неповторливи нешта, да даруваме “душа”. Потребата да се интервенира во околината, (да се гради и разубавува) е стара колку и светот. Потребата да се гради и разубавува, е исконска дарба од небото. Со неа се раѓаме, живееме и заминуваме од овој свет.... Потребата да се гради и разубавува не е популизам, таа е исклучиво - елитизам !
Затоа никогаш не треба да го заборавиме последниот - судниот ден, кога ќе започне одјавната шпица на нашиот живот, со нашите животни остварувања. Тогаш, воопшто нема да Ви биде сеедно, (во таа одјавна шпица), дали ќе бидат испишани неколку прости реченици,.......... или неброени раскази и романи..... C`est La Viе !
Со почит,
Архитект - Зоран Николовски