2win800x200

Време е за отчет (пишува Валентин Груевски)

Август 19, 2021

ВРЕМЕ ЗА ОТЧЕТ

На крајот на мандатот на оваа локална власт, во која и јас учествував како претседател на Совет, добро е да се направи еден осврт за работите кои беа ветени во кампањата пред четири години, од кои добар дел се реализираа, а еден дел останаа нереализирани. Мислам дека реализираните работи се многу поголеми отколку нереализираните, ама чесно и поштено е да се зборува и за едните и за другите.

Институцијата чиј претседател бев четири години, одржа рекорден број на седници во државата, ниту еднаш не прекина поради немање на кворум, се демократизира со воведувањето на директен пренос на седниците, секоја седница може да се погледне во кое било време, да се видат настапите и однесувањето на секој советник, па јавноста сама да го цени придонесот на секој еден поединец.

ШТО СЕ НАПРАВИ

Во овие четири години е најчестото прашање кое ми го  поставуваат и за кое одговорот е долг и опсежен. Ако зборуваме за инфраструктура беа асфалтирани и поправени скоро сите околни патишта. Кон Бистрица и Породин, кон Кукуречани, кон Братиндол, Нижеполе, кон Новаци, кон Трново-Магарево(на почеток), кон Могила, Барешани, Буково,Малоиште, Цапари, Кажани,  а и обиколницата доби сосема друг изглед. Во градот Илинденска (која сеуште не е завршена), Партизанска, Борис Кидриќ (Д.И.Мурато), буквално целата поранешна касарна, Широка, Радичевиќ и многу други.

Битола си го врати Офицерски, најубавиот дел на градот, и тој сега е наш битолски, добиваме и модерен стадион, ја реновиравме спортската сала, добивме нова модерна куглана, неколку реновирани школски спортски игралишта, илјадници квадрати реновиран простор по градинките, обновени детски занимални со многу нови играчки.

За неупатените сакам да нагласам дека, за секоја од овие работи да започни, првата одлука ја носи Советот, како еден од органите на Општината и тој ги одредува улиците кои ќе се градат и ги одвојува средствата за нивна изградба. Реализацијата на проектите, потоа е на градоначалникот и на општинската администрација.

ПРОМЕНИ

И тоа доста значајни се направија во јавните претпријатија. Битола во Пазари го има првото јавно ,,зелено,, претпријатие кое произведува струја за сопствени потреби, градскиот пазар има сосема друг лик, го има претпријатието кое прво, по не знам колку години, од сопствени средства гради Управна зграда, имаме заменети ЛЕД сијалици низ целиот град, а Нискоградба конечно излезе од финансиската криза, наметната со ненаменските кредити и задолжувања.

Ако за нешто, жалам што не се реализира, тоа е Копанки, за кој тврдам дека, ако имаше барем малку желба од страна на планинарите, да си достојат на предлозите кои сами ги дадоа, досега ќе беше направен и ќе се користеше. Како совет ги направивме сите предуслови и ги донесовме сите одлуки, за жал решение не се најде. Рефлекторите на стадионот не светнаа(иако започнаа да се градат), не започна да се гради пречистителната станица, и уште некои други поголеми или помали работи за кои виновници можеби има, ама решението треба да се бара во идниот мандат на општинската власт.    

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на  Либерално-демократската партија  

  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани