2win800x200

Идеја за победа! (пишува Валентин Груевски)

Август 13, 2021

ИДЕЈА ЗА ПОБЕДА

            Се наближуваат изборите, и како и на секои избори, така и на  овие, безбројни се коментарите, предвидувањата, очекувања за победникот на овие избори, без разлика дали се работи за локален победник или сеопштиот победник на ниво на држава. Се разбира, овие избори се најважните досега, овие избори се пресвртница, овие избори се суштинските за развојот на државата и на општината. Секако дека не е така, а овој вокабулар  сме го слушале многу пати досега.

            Изборите како избори ќе бидат и ќе поминат, а наредното утро, обичниот граѓанин ќе се разбуди со секојдневните свои проблеми, победниците ќе бидат мамурни од прославата на победата, а поразените, можеби, ќе почнат да си ги бараат грешките, ако се реални во своите редови, а ако не се, ќе најдат илјадници причини за да се убедат себеси, дека кај нив е се добро, ама  „учителката“ не ги сака и затоа ги загубиле изборите.

            ПОТЕШКО

            Секогаш, на сите избори потешкото е да се смени власта, отколку истата да се задржи. Опозицијата е секогаш во подредена улога, затоа што ги нема владините институции и на неа и е задачата да анимира што поголем број на гласачи, да ги извади на гласање, и тие да гласаат за неа. Мора да убеди дека е подобра алтернатива, дека нејзината понуда е подобра во секој аспект, истата треба добро да ја спакува и да ја продаде на гласачите. Тоа е првиот услов да ги добие изборите.

            Вториот услов е да понуди идеја, да понуди визија за развој и таа идеја да им ја доближи и да им ја претстави на граѓаните. Без голема идеја нема победа. На почетокот на плурализмот во Македонија се судрија две големи идеи, една за независна Македонија, испомешана со традицијата на старото ВМРО и  Македонија членка на ЕУ и НАТО, и другата малку попретпазлива и со измешани чувства и кон државата која се распаѓаше и кон Евроатлантските сојузи. И гласачите беа така поделени и во тие првични години, двете идеи имаа речиси подеднаков број на гласачи.

            2016

            Во 2016 година опозицијата ја  пласираше  идејата за Едно општество за сите, и таа идеја покрај бомбите кои секојдневно ги слушавме, огромните афери и криминали на претходната власт, беше според мене, еден од клучните фактори за победата на изборите на коалицијата „Можеме“. Голем дел од гласачите препознаа во таа реченица нов импулс, нов поттик, нова надеж за животот во државата. Не навлегувам во успешноста или неуспешноста, иако мислам дека идејата беше одлична, и беше клучна за пресвртот и на тие избори и на изборите во 2017 година.

            Денес опозицијата нема идеја. Освен секојдневните закани и бесмисление хаштаци по социјалните мрежи од типот „Ќе одговарате“, „Криминалци“ и уште нешто друго, безмислените прес-конференции и промашените теми на истите, опозицијата и локалната и државната нуди една огромна НУЛА. Наместо промоција на кандидати за градоначалници и советнички листи и програма за изборите, нивната активност се сведува на посета на гробовите на паднатите борци, панихиди, прослави околу спомениците (да не бидам грешно разбран, немам ништо против помените, ама тоа не би требало да е главна политичка активност на опозицијата).

            Времето на колнење пред камата и пиштолот, бакнувањето на знамето, непризнавањето на Рамковниот договор можеби беше модерно во 1990, 1995, 2002, ама во  2021 година, не врват и нема да врват.  Модерно време, модерни идеи. Нема друга формула.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на  Либерално-демократската партија  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани