АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
пишува: Александар Литовски
Градот, како да има задача да произведува несреќни луѓе. Несреќата и тагата кои и до сега, во различен вид, ги среќававме насекаде околу нас, во наредниот период, се чини, сè повеќе ќе се разлеат по улиците и сокаците, по куќите и становите, на овој наш темен и тмурен град. Несреќното чувство, она обично секојдневно несреќно чувство кое ги следи мнозинството луѓе во овој наш град се должи на погрешниот поглед врз светот и животот, на уништувањето и протерувањето на чесните и трудољубивите, на градењето погрешен, суеверно-религиозен и малограѓански морал, кој води кон директно, систематско и темелно уништување на разумот и природните потреби и страсти од кои, всушност, зависи целата среќа. Нарцисоидните градски политичари, во тесна соработка со полуписмените локални тајкуни и простите религиозни фанатици облечени во црно, сè повеќе ќе произведуваат малограѓанска класа составена од глупаци, насилници и пуритански моралисти, односно од луѓе кои ќе имаат крајно вулгарно-материјалистичка неолиберална филозофија, која, впрочем, е најсоодветна за нивната мајмунолика природа. Кај овие орангутани во човечки облик, атавистичкиот инстинкт е, и ќе биде, поголем и поважен од умот и разумот, но за да биде несреќата уште поголема, дел од нив, пред сè политичари и крупни буржуи, ќе бидат промовирани во парадигма за успех и слава.
Затоа, во нашиот медиокритетски град малограѓаните ќе се натпреваруваат во некаква нивна илузорна „борба за успех“, која подразбира „да се има повеќе од соседот, колегата, сограѓанинот...“ и „да се уништи подобриот, поубавиот, поспособниот, поработливиот, почесниот...“ Впрочем, како што самобендисаните и прости политичари, деновиве тоа и го прават. Таквите, си мислат и ќе си мислат, дека профитот, алхохолот и сексот се портите кои водат до царството на неизмерното задоволството и на ненадминливата радост. Не знаат дека овој нивен „радикален хедонизам“, умниот Ерих Фром одамна го разнебитил како вистински извор на среќа, а уште помалку слушнале за оној голем англиски писател Александер Поуп, кој уште во осумнаесетиот век, забележал дека „забавата е среќа само за оние кои не знаат да мислат“. Имено, сосема е очигледно, дека и богатите, многу често, се несреќни, а најчесто тоа доаѓа од нивната алчност, од нивните очекувања парите и имотот да им донесат уште повеќе пари и имот и да им ја купат среќата, за да може да ги надминат оние околу себе во раскалашеноста и вештачкиот козметички сјај. Така, и во иднина може да се очекува дека под влијание на грандоманската алчност на ситната и крупната градска буржоазија и суетната завист на неспособните политичари и малограѓани, несреќата ќе биде претворена во неизбежна придружничка на градскиот живот.
Во нашиот град, разликата меѓу поимот цивилизација и секојдневната стварност сè повеќе ќе станува евидентна, а успех е, и ќе биде, да се остане свој, достоинствен и морално чист и, истовремено, доволно разумен и смирен за да не се наседне на ниедна лага, на ниедно озборување, на ниедна измама и подметнување, од завидливите малограѓани, суетните и искомлексирани буржуи и криминогените политичари. Таквиот „успех“ ќе биде сосема доволен за секој градски чесен и скромен политичар, интелектуалец или човек да се чувствува задоволно и среќно и да биде секогаш почитуван од своите сограѓани. Впрочем, одамна е утврдено дека honesten fama est alterum patrimonium (добриот глас е втора татковина). А, се чини дека оние кои владеат, никако не можат да научат дека нивното време ќе може да се смета за успешно и ќе се памети како такво, само ако успеале да ги поддржат чесните неимари во разните области од градскиот живот, ако направат мнозинството нивни сограѓани да се чувствуваат добро и среќно и, ако заради тоа, направат „добар глас“ за себе и своите семејни наследници.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)