2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Градската кооперација

Октомври 03, 2021

Пишува: Александар Литовски

 
Градот е претворен во „кооперација“. Тоа е онаа стара добра државна селска продавница, пред која катадневно седеа алкохолизираните локални дембели, па непрестано озборуваа и знаеа сè за секого. Денес, низ нашиот задрт град се создадени мноштво кооперации пред кои малограѓаните и потпросечните политичари катадневно седат, ждерат, пијат и озборуваат. И кројат некакви планови како да ги извалкаат, деградираат и уништат своите поспособни и чесни сограѓани. Затоа, без нималку да се погреши, може да се каже дека нашиот малициозен град е една голема кооперација. 
 
Она што е типично за градската кооперација е патолошката потреба да се има увид во сè. Желбата да се постигне „апсолутна јавност“ на сè, во нашата љубопитна паланка е издигнато на највисок пиедестал, па нашите „богобојажливи“ и „чесни“ малограѓани се ситат на туѓите несреќа, или злорадосно се смеат или гадат за туѓите животи, или се хранат со туѓите, вистински или измислени, љубовни афери и неверства... Таа тиранија на кооперацијата е единствената константа во историјата на нашиот градски живот. И, било најтешко да се победи и промени во минатото, и ќе биде најтешко да се победи и промени во иднината.
 
Кооперацијата се труди да наметне свои правила. Таа не дозволува „неказнето“ некој да отстапи од ограничувањата и нормите на животот кои таа ги воспоставува. Појавата на некакви „авантуристи со слободен дух“, кооперацијата ги казнува се потсмев, потценување, изолација, сопки, финансиско уништување и протерување. Тој нормативистички дух на кооперацијата е замена за вистинскиот живот, замена за исполнето и среќно живеење. Наместо тоа на граѓаните им овозможува единствено симулација на чувствувањето и доживувањето преку „живеењето“ на туѓи животи. А, при тоа егзебиционистичко живуркање во, од нив создадената, кал од озборување, афери, клетви, злорадосни коментари, плукања, потценувања и злоба, на нашите малограѓани најбитни им се нивните секојдневни маски, нивната фасада и театралната патетичност. 
 
Кај оние што ги зафатил духот на кооперацијата, а тоа се оние грозни типови кои, се чини, ги опрасила некаква свиња по полов однос со хиена, вредни се само оние нешта кои успеваат да создадат брзо и лесно доживување, брза и лесна возбуда. Оттука, кооперацијата ги наметнува рамнодушноста кон сè што не е во непосредниот видокруг на луѓето и разочарувањето од сè како нормални егзистенцијални категории. Од сето ова произлегува онаа секојдневна атмосфера на дефетизам и нихилизам што ја сведочиме во форма „не не бива“ и „најдобро е сите да се иселат од градот и државава“. Тој капитулантски дух, всушност, е произведен со систематска и долгогодишна „работа“ на кооперацијата и во неа заседнатите градски политичари на кои важен им е само личниот профит. Всушност, неспособните малограѓани, ситни буржуи и пакосни политичари, кои се најголемите активисти пред секоја наша градска кооперација, со дефетизмот и нихилизмот само ја покриваат сопствената неспособност, потпросечност, грдост, неморалност, религиозна затупеност, тесноградост, глупост, злобност... 
 
Кооперацијата кај нас како нуспојави произведува и мрзеливост, презир кон знаењето и стремеж за непрекината забава со секс, дрога и алкохол. Произведува, несреќници, глупаци и осаменици. Имено, кооперацијата смета дека нам ни е иманентна немоќта да промениме нешто, па оттука, произлегува нејзиното фаворизирање на хедонизмот, ништожноста и покорноста. Фаворизирање на полтронството и лигавењето. Дури, интересно, за кооперацијата, која е крајно и одвратно религиозна самата по себе, нема ниту светост на смртта. Таа, кооперацијата, е над смртта, односно смртта е само сензација која треба да го овозможи секојдневниот живот на самата кооперација.
 
Кооперацијата е екстремно завидлива. Особено се завидливи кооперациите пред дувлата на политичките партии. Тамошните аналфабети, полтрони и алхохоличари им посакуваат несреќа на сите способни, чесни, трудољубиви и доблесни луѓе. На сите кои не сакаат да седат на гајбата пиво и бесполезно да се „дружат“ со нив. Покрај тоа, никој од нашите градски политички „големци“ и од имотните и полуграмотни малограѓани, заседнати пред кооперацијата, заради својата џуџеста морална, интелектуална и трудова висина, не може да се ослободи од своето медиокритетство и, оттаму, не може да го прости туѓиот успех и морален квалитет, па таму, во тој сплет на политичка моќ, финансиски можности, злоба и потпросечност, лежи, веројтано, најголемата причина за постепеното одумирање на градското во градот.
 
Оттука, малограѓанскиот дух на кооперацијата кој е сочинет од завидливост, некомпетенцијата, нечесност и медиокритетство, треба да изумре како што изумреа титаносаурусите. Треба да изумре под налетот на модерната животна филозофија, во која, помеѓу останатото нашите граѓани ќе почнат пофално да зборуваат за нештата и доблесните луѓе, а не за предметите и мизерните луѓе излезени од кооперацијата.
 
 
 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани