Градот да станe Град

Октомври 17, 2021

Пушува: Александар Литовски

 
Треба меланхолично, со наведната глава да се запати човек по улиците на нашиот мрачен град. Тоа треба да го направи едно утро, кога над градот небото е оловно, а стаклата на прозорите се зеленотемни и заматени, па сосема неизбежно ќе добие впечаток дека сè тука е безнадежно потонато во просечност и бесперспективност. Треба да се посетат оние приградски фавели каде е валкано и усмрдено, па оттаму да се стигне до центарот на градот каде се е кичерајски сјајно, вештачко и еклетистички грдо, па дури потоа човек, сосема сигурно, интезивно ќе почувствува искрено гадење од лажната и перверзна капиталистичка „приказна“ за животот во „најдобриот свет, од сите можни светови“, ќе ја почувствува колективната морална и естетска катаклизма и ќе ја разбере длабочината на антиинтелектуалната и антиморалната бездна во која е пропаднат градот и неговите жители. 
 
Треба да се посетат и луксузните ресторани низ самиот град и неговата околина, каде се готват разни специјалитети од „националната кујна“. Тука ќе се види како се испоседнати разно-разни локални политички функционери, директори на јавни претпријатиа, ситни приватни сопственици и мноштво маскирани, машки и женски, проститутки кои се надеваат дека ќе извлечат некаква полза од главешините. Некои, од тукашните „дами“, ја имаат и плитката надеж, дека ако имаат доволно среќа, ќе стигнат и до „успешен“ брак со некој глупав политичар или бизнисмен. Тука, ќе се види и како, неуко и фалбаџиски, се шепоти и брбори за историјата, уметноста, спортот, политиката и перверзниот разврат... Тука најдобро може да се разбере сета беда и површност на филозофијата на паланката, сета морална дисторзија, сета провинцијалност и интелектуална испразнетост, сето медиокритетство на нашата градската политичка и интелектуална „елита“. Овие прогласени и самопрогласени екселенции и возвишени господа, ја разбираат историјата како трач, филозофијата како досетка, а ги читаат обраќањата на „големите лидери“ и ги коментираат политичките состојби како да се работи за секојдневно подготвување на ручек. Притоа, со неподнослива леснотија плукаат и го деградираат сè она околу нив што е умно, патриотско, напредно и трудољубиво. Тука, во разните градски кафеани и ресторани, може да се види сета бесмисла на нашата оштествена реакционерна, антимакедонска и профашистичка, политичка сцена, сета апсурдност на парламентаризмот, сета нефункционалност на трибалистичката државно-административна поставеност, сета „демократска“ лакрдија за правда и правичност.
 
Треба да се дојде тука, пред некои од такаименуваните „избори“, за да се погледнат  партиските дувла од неморал, митинзите соѕидани од празно блебетење и демагогија, да се видат прелажаните граѓани и глупавите малограѓани како бираат власт и дури тогаш можеби некој ќе може да разбере зошто и како се случува саморуинирањето на еден град. Треба да се дојде во оваа нашата зафрлена и заборавена паланка, која, сè уште, се наоѓа некаде меѓу градот и селото и меѓу минатото и иднината, за да се почувствуваат нејзиниот конзервативизам, фолкоризам, снобизам, суеверна средновековна религиозност, митологизам, инфантализам, завидливост, пизма за ближниот и соседот... Само така денес може да се сфати како, многу често, станува бесмислен и безуспешен секој обид да се урне тукашниот парохијален поредокот заснован на ситносопственичкиот дух на мнозинството малограѓани населени во морално засмрдената паланка. За да исчезне таа идеологија, за да го снема тој воспоставен „ред на нештата“, истиот мора до крај да ја исцрпи сета своја историска енергија. Во тоа исчезнување и уништување на ретроградниот ситносопственички дух, најповеќе, треба да помогне ангажманот на припадниците на вистинската градска интелигенција. Секако, доколку такви, сè уште, има останато во нашиот нискообразован град.
 
Се разбира, во некоја „светла иднина“, наспроти таа малограѓанско-профитерска идеологија на нашата темносива паланка, треба да се започне со изградба на систем кој ќе го вреднува трудот на поединецот, кој ќе востанови социјална етика во која „успешни“, славни и вредни за награди ќе бидат некомпромитираните, чесните, трудољубивите... Систем на социјална селекција во која доблесните и способните ќе бидат еталон за идните генерации, а не, како до сега, „светлата на рефлекторите“ да бидат свртени кон црвениот тепих на кој парадираат „славните“ криминалци, измамници, тепачи, „навивачи“, бескарактерни додворувачи на градските политичари и буржуи... Систем кој ќе ја поништи постојната, веќе со децении присутната, морално рахитична, некритична и анархична атмосфера, во која страшното, мрачно, сурово градско подземје севезден мрмори гнасотилаци, мами, подметнува, поткупува и корумпира. Систем кој ќе ги пеплоса оние алчни буржуи кои не само што урбанистички го уништуваат градот заради нивниот профит, туку заради тој профит газат и преку живи луѓе. Систем кој ќе ги маргинализира оние малограѓански угурсузи кои го презираат и мразат вистинско знаење, вистинската вредност, вистинската традиција. Систем кој ќе ги отстрани од јавниот живот оние политичари кои во сојуз со малограѓаните и забрадени црномантијашки проповедници ги стигматизираат како еретици и вештерки најдобрите и најчесните свои жители. Систем кој ќе ја оддува доминантната атмосфера во која единствено реална вредност имаат само парите и оргијастичкиот неморал, а тотално обесценети се убавината, достоинството на духот, срцето, трудот, знаењето и значењето. За градот да станe Град!
 
 
 
 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани