Нa училиште се учи за знаења, а не за оценки, пишува Александар Адамовски

Октомври 20, 2021

Пред првото, училиштно тримесечие, обично се прават: тестови, писмени, испрашувања, затоа што учениците треба да добијат оценка за постигнатиот успех во изминатиов период. Период на проверка на наученото. Секој наставник знае, колку и како постигнал знаења неговиот ученик. Се разбира, тоа е период на многу активности во текот на целата учебна година, кои се следат и бележат во евиденциониот дневник на наставникот што е доказ, за предложената и напишаната оценка од наставникот. И секој ученик, добива можност да поправи, доколку се случи да не е задоволен од резултатот кој го добил. Но што е поважно? Оценката, или трајното знаење? Секако, трајното знаење. Оценката е само формална бројка на која не треба да се потпира ниту еден ученик. Знаеме дека единицата е лоша, а петката најпосакувана. Акцент, не се става на бројчаната оценка, туку на нешто поважно од неа - на знаењето!

Изминативе неколку години, оценката предничи, а знаењето?

Токму така, некако толку многу се придава важност и „големина“ на оценката, отколку на она правото, вистинско знаење, во секоја смисла на зборот. „Што ќе добијам?“ „Не ми пиша тоа и тоа“, наместо: Што научив? Многу погрешно! И тоа, некако се случува во континуитет. Не сакам да звучам парадоксално, но, зошто се оди на училиште? Одговорот е многу јасен и познат. Верувам и очигледно е, дека сега е друго време, технолошки напредно време, дури познато е, дека имаме специфични генерации на ученици, но сепак, мора да се издвојат и исклучоците кои уште од дома, тргнуваат со континуирано учење, повторување, начини на однесување, итн. и секако, нема да имаат никакви проблеми и забелешки, ниту со наставата, ниту со наставниците, ниту со околниот свет кој ги опкружува. Ги изделувам, бидејќи навистина се во многу мал, редок број. Кај тие деца, навиката за учење еднаш е стекната и ќе трае целиот живот. Не е придобивка да се учи напамет, ниту пак да се спуштаат од интернет, еве на пример, готови прераскажани лектири, и сл. (Каде е она реално читање на книга?) Толку ли, паметните уреди и социјалните мрежи, ја заменија книгата? – Штета! Штета, непоправлива, која остава и ќе остави трајни последици. Мислам дека е време, да се врати учењето и истражувањето од книгите. Не е касно, потребна е само силна волја. Наместо напамет, со разбирање и критичко размислување да се стекнуваат знаења и вештини, кои понатаму полесно ќе се надоградуваат и ќе може во пракса, успешно да се применуваат. Тоа е паметно и одговорно. Така треба да изгледа. Тука, се разбира, најголемо влијание на своите деца, имаат родителите (со ретки исклучоци), кои никако, не смеат да се мешаат во работењето и во одлуките на наставниците, за тоа како ќе ги оценат нивните деца. Тие, треба да си ја гледаат својата работа, и да им дозволат на своите деца да мислат со своја глава, односно, да ги натераат и кога ќе згрешат, самостојно да се поправат. Така, ќе имаме многу подруга и пореална слика во воспитно-образовниот систем. Таа промена тешко оди, но никогаш не е касно да се започне од некој почеток кој ќе се движи во вистинската насока. Со таа промена, се гради: поглед на свет! ДА, за реално стекнато знаење, НЕ, за врски и претерувања. Таа лекција, нека се научи еднаш!

Училиштето е свет храм, а не, играорна

Ред, принципи и кодекси на однесување и почитување, треба да постојат како во училиштната, така и во секоја друга работна организација (без разлика, дали се работи за државен, или за приватен сектор). Во таков среден и координиран систем, очекуван е секој напредок и просперитет. Интеракцијата, а паралелно со неа и социјализацијата: наставник-ученик, е незаменлива и се разбира дека се одвива во училница, исто како што разликата: онлајн/физичко присуство е голема. Но тоа, го видовме и насетивме во сите можни облици на одвивање. Столбот на писменоста во една држава е образованието. Без него, не би имале писмена нација. Училиштето е свет храм кое дава многу животни поуки и мудрости, тоа е извор на умеењата, интересите, етичките вредности во животот. Непроценливо искуство, кое постојано извира како вруток, и од кое може многу да се очекува. Наше е, да знаеме правилно да го искористеме. Училиштето, во никој случај не смее да наликува на: „играорна“. Се знае, кои се „главните играчи“ во школската средина, јасно е, кој стои пред тој млад и убав свет и сака од ученичињата, да направи прави ученици. Во таа суштинска врска, никој не смее да се меша, односно да создава неред и притисок. Во дамнешно време, многу дамнешно, петката беше незамислива, а денес? Денес, толку бурно се реагира за неа, крајно неконтролирано. Но, искрено, би сакал секој да размисли, и ученикот, и родителот, и колегата/колешката, кога се бара „надуена“ оценка, дали со тоа се прави добро на личноста на ученикот? Одговорот, нека биде и остане, еве со јазикот на стилистиката: реторско прашање. На крај, како наставник кој бескрајно ја сака и почитува својата професија, а со неа и сите во училиштната средина, посебно, најмилите, се знае, сакам да порачам: Учете за знаење, а не за подарени оценки! Добробитот и придобивката од првата цел, Ве градат во личности со интегритет и авторитет. Со втората цел, не се доловува правата суштина, ами се оди во незнаен правец. Наше е, да одбереме која цел сакаме да ја постигнеме! Играорната, се учи низ игри, училиштето се учи низ книги. Ако во тоа успееме, реформите ќе бележат раст и развој.

Ученици: Ви посакувам успешни резултати на првото тримесечие. Еве го, пред нас, уште некоја недела. Верувам во вашата интелигенција и посакувам паметно да ја користите. Поздрав до моите и до сите останати ученици!

Колешки и колеги, Вам, исто така, успешно низ маската и издржливоста во училница. Можеме, дури и повеќе отколку што мислиме гледајќи ја таа љубов и радост, пред која неуморно стоиме. Нашата мисија е одговорна и треба да ја браниме и успешно да ја продолжеме. Срдечен поздрав!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани