Пишува: Александар Литовски
Сведоци сме на тажно и грдо време. Време на религиозни неверници. Време на академска проституција. Време на криминализирана политика. Време на масовна беда, материјална и духовна. Време на масовен и „нормален“ неморал. Време на фашизоидна исклучивост, мизантропија и ксенофобија. Време на доминација на богатите кавгаџии и криминалци од редовите на крупната и ситна буржоазија. Време во кое светот е цврсто поставен на еднонасочни шини и се движи кон провалијата.
Во тој ветерничав, несугурен свет, малкумина се способни да гледаат и согледаат, а и од нив, големото мнозинство опортунистички помирливо – молчи. Само едно мало малцинството, составено од оние кои некогаш ги нарекуваат благонаклоно скептици, филозофи, просветители, утописти, фантазери, опозиционери, револуционери, а некогаш навредливо разбојници, рушители, десперадоси, еретици, пагани, значи единствено тие сè нешто зборуват, се бунат, критикуваат, бараат правда, смртно ја љубат вистината, се борат за достоинството на сите луѓе, изразуваат секојдневно незадоволство од „најубавиот и безалтернативниот капиталистички свет“ и се обидуваат да организираат некакви акции за промени. Но, најзагрижувачки е што огромното мнозинство воопшто не гледа дека овој несреќен свет е неправедно поделен на две класи: богати и сиромашни, и дека од тој очигледен и непореклив факт, од праисторијата до денес, произлегуваат сите проблеми и несреќи на човештвото – од војните и масовните помори од глад до еколошката пропаст на планетата.
Паринтетички кажано, посебен чин во оваа голема и крајно трагичена претстава на човековата егзистенција низ времето е – културата. Нашата, пак, градска култура не само што е една микроскопска раска од тој чин, туку е една ситна и неинвентивна провинцијална commedia dell'arte. Последните диви триесетина години како последица на процутот на потрошувачка култура, кичот доживеа триумф, а забрзано пропаѓаше голем дел од нашето значајно културното и природното наследство, пропаѓаше култивираниот литературен јазичен израз, се деформираше урбанизмот и градската архитектура, до тартарски длабочини опадна музичкиот и уметничкиот квалитет. Всушност, долгогодишното фаворизирањето на фискултуризацијата на општеството, во нашиот град како логична грда последица имаше создавање на малограѓанска културна свест во која културниот живот стана фамилијарен, опскурен, лажно елитистички и, скоро, без никаков одглас во јавниот медиумски простор. Културата беше претворена во обичен кичерај, најчесто финансиран од држаната или градската каса.
Цела една војска од ситни градски престапници, кавгаџии и кабадахии, секојдневно низ медиумите, бесрамно ни се претставуваат како општествени и политички фактори, а орда од неталентирани, полуписмени и неспособни полуинтелектуалци, полуписатели, полуглумци, полумузичари и полууметници го окупираат културниот простор, па токму заради сето тоа вистинските признанија и награди за мачно одработените научни монографии, концерти, уметнички изложби, театарски претстави се, или сосема ретки, или воопшто ги нема. Кичот царува, па затоа небото е секогаш бистро сино, птиците милозливо пеат, гласот на пејачите е секогаш ангелски, љубовта е безгрешна, Господ е праведен..., а лажно позлатените орнаменти и украси стануваат врвна креација. Така, всушност, ние запрепастено можеме да ја сведочиме мортификацијата на естетиката, на културата како најцелосно изразување на она што е човечно и убаво, на уметничкиот вкус.
Вистинските научни и културни творци се непрепознаени, игнорирани и занемарени. И додека никој не го забележува белкантото од виртуозно пеење и музицирање, никој не ја забележува урбаната еуморфија што ни е оставена во наследство од нашите неимари од втората половина на минатиот век, значи истовремено со тој естетски пад, нашите градски политички аналфабети и самобендисаните необразовани малограѓани, заслепени од набилданите светликаво мрсни мускули, од лажливиот сјај на барокниот кич, како врвна културна вредност ни ги пропагираат просечните пеачи на забавни и народни песни, лошите глумци кои лудачки врескаат на сцената, лажните сликари што цртаат петпарачки икони, потпросечните вајари кои градат грди и безлични споменици, полуписмените квазиписатели, квазипоети, квазисоциолози, квазиисторичари и останати квазинаучници. Впрочем, нималку случајно, умниот Лав Николаевич Толстој вистинито запишал: „Уметноста која има за цел да ја забавува богатата класа не само што личи на проституција, туку таа не е ништо друго освен проституција“.
Треба сите тие „културни“ претстави, сета таа масовна апеирокалија, сите појавни форми на малограѓанскиот недостаток од вкус за убаво и уметнички вредно, да се запишат и детално да се опишат, да се фотографират и документираат, за јасно да може да се издвојат од неправедната и бедна позадина на стварноста, бидејќи сами по себе се грандиозно медиокритетски и вандалски, а со својата плиткоидејност, трендовско лакејство и етнонационална зачауреност го влечат не само нашиот град, туку и нашата државотворна и национална супстанца во пропаст.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)