2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Политичка трагикомедија

Ноември 14, 2021

Пишува: Александар Литовски

 
 
Истражувањето, контемплацијата, прикажувањето на нашата политичка трагикомедија, пишувана во последната деценија од минатиот и првите две децении од овој милениум иако е напорна и, навидум, бесмислена работа, сепак значи разбирање и претставување на една политичка, државна и национална долготрајна криза, што може во идниот развој да помогне како поука - како не треба да се работи. Откривањето на минатото нам ќе ни покаже дека скоро сите главни актери на оваа наша буфонерија се живи и здрави, среќни и весели, без разлика на сите основани сомнежи за криминали и корупција. Тоа се оние политички профитери кои триесеттина години, без прекин, од под ловоровите венци кои им ги плетеа празноглавите партиски полтрони, неспособните медиокритети и ситните буржоаски профитери, не тормозеа со празни флоскули, меѓусебни кавги и досадни говори, а сите ние и нашата убава земја назадувавме и тоневме, сè подлабоко, во мизерија. Сите нивни фрази и сето нивно бесмислено пелтечење не траат повеќе од времето потребно за нивно изговарање, но токму тие ликови ја создадоа нашата трагична економско-политичка и општествена сцена на која повеќе нема перспективи, туку само магионичарски пропагандни илузии, само упропастена држава и мноштво сиромашни и несреќни поединци.
 
Сите оние кои неуко и навивачки пелтечат за парламентаризмот како „највисок стадиум на човековата политичка организација“, како „идеален политички и демократски механизам“, треба сериозно да го погледнат нашиот парламентарен развој, нашата парламентарна лакрдија, па да го споредат тој коруптивен и смешен систем со претходниот самоуправен делегатски систем и, сосема сигурно, доколку се чесни и искрени со самите себе, ќе разберат дека се во грандиозна заблуда. Оти неминовно, мора да забележат дека во последните триесеттина години се поткупуваат пратеници и се крши волјата на гласачите, дека непрестано се брмчи за слобода, правда и права, а истовремено им се копа најдлабокиот гроб токму на тие општествени категории. Впрочем, исто како што лесно ќе забележат дека поплукано е и деградирано е сè она што на македонските луѓе им е свето и значајно. Како, на пример, македонството кое порано беше на највисокиот општествен пиедестал, а сега со помош на нашите македонски анационални и антинационални партии е загрозено од бугароманскиот врховизам и големоалбанскиот екстремизам, па затоа е доведено во ситуација да се бори за голиот опстанок. 
 
Главната улога, улогата на кралско височество, во нашата трагокомична претстава, е променлива и најчесто ја глумат ликови со потпросечни способности и инвалидизирани морални ориентири. Овие владетели, им ги имаат поделено споредните улоги на дузина бедни, грди и неталентирани актери, кои лошо глумат политичари, а фактички се само лица со ограничени ментални способности и со сомнителни морални квалитети, исто онакви како што има и самиот режисер и главен актер. На политички перверзниот псевдодемократски мизансцен, кој наликува на вулгарен бордел, се мота цела булумента од интриганти, препредни мешетари, весели вдовици, проститутки и распуштеници, арлекини и дворски шутови, црковни марионети со бели бради, сиви еминенции кои наликуваат на американски мафиози, качаци и балисти, забрадени комити и војводи, валкани бандити и професионални џепароши. Празнозборноста и галамата која овие циркузанти ја произведуваат на сцената за меѓусебно да се застрашуваат и надмудруваат, ја праваат целата претстава истовремено смешна, дегутантна и морбидна. Секако, треба човек да е натпросечно глуп, за да не може да види и разбере дека, „на крајот на денот“, крв си пуштаат едни на други, во име на политичката патологија викана партизација, главно, „обичните“ луѓе. Тие, под разно-разните национални или партиски знамињата, меѓусебно се колат, и фигуративно и буквално, а полза единствено имаат нашите крупни олигарси и неморални политичари.
 
Што, на крајот, да се каже во врска со нашата актуелна трагокомична парламентарна и политичка претстава? Човек и тука може да остане, да твори и да се бори. Да биде креативен и пристоен. Но, тој секогаш одново и одново ќе треба да ги изживува истите денови и ноќи, наново и наново на своите плеќи ќе треба да ја носи тежината на политичкиот аналфабетизам, моралниот кретенизам и безвредниот културен снобизам, кои се присутни, исто како што се присутни водата и воздухот загадени со тешки отровни честички. Се чини дека македонските граѓани секогаш ја забораваат трагокомичната претставата што ја гледале и која ги влече во егзистенцијанална и национална провалија, па затоа е можно нашите финансиски и политички газди, одново и одново, до бесконечност, истата да им ја репризираат. Подобриот живот за сите ќе дојде кога мнозинството присутни ќе ја сфати измамата, ќе се побуни против репризите, ќе ги исвирка лошите режисери, ќе ги „бомбардира“ квазиактерите со расипани јајца и скапани домати, демонстративно ќе стане и ќе ја напушти салата во која се игра лошата претстава.
 
 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани