Традиционалните наставни вредности, наспрема современите (дигитални) алатки (пишува Александар Адамовски)

Јануари 22, 2022

Долгонајавуваните реформи во македонското образование, никако да се случат. Се тежнее кон некаква форма, а содржината постојано е изоставена. И понатаму, сметам дека се неопходни темелни промени во образовната сфера, почнувајќи од наставните планови и програми за работа, учебниците, помагалата и уште многу, многу други наставни потреби. Нешто се почнало, па делумно се реализирало, а останатото од предвидениот реформски процес... кога? Тоа прашање засега нема одговор. Веројатно ќе продолжи во наредниов период како цел и стремеж на новиот министер за образование и наука. Верувам со целосен оптимизам! Сепак, ќе видеме.

Зошто традиционалните наставни средства се укинати?

Да тргнам од основниот лик со кој се краси секој еден наставник - ликот на наставата и воопшто на образованието, а тој е книжниот Дневник. Наставникот го личи со дневникот во рака. Така се влегува, така се работи и така се излегува во/од наставен час. Замената на книжниот, со електронски дневник е апсурдна. И никако, не ја олеснува работата на наставникот. Можеби, делумно. Наставниците се учени на пенкало во рака и на хартија, а не, на електронски кликови. За мене лично, тој е незаменлив и многу е погрешно што е укинат во образованието. Секој, со свое мислење и толкување, да се разбереме! Трајно, архивско сведоштво, за реализирана една наставна година, кој се чува до 10 години. А вака, сега се нематнува потреба, ем да го пополнуваме електронскиот дневник, ем истиот да го печатеме и архивски да се заверува. Тоа, според мене е дупла работа. И прашање е: дали секој наставник, па и секој родител, умее толку вешто да се снаоѓа електронски? Треба да се согледаат и можностите, а не само нештото да се наметнува. Училиштните обврски се запишуваат во дневникот на паралелката, и тоа било така со години, отсекогаш. Не е голема промена, ако од книжен се премине на електронски дневник. И никакво оптоварување, а најмалку „папирологија“ плус, не претставува традиционалниот (книжен) дневник. Тој, треба да се врати во наставата. Дигитализацијата не започнува од дневникот на паралелката.

Паралелно со тоа, оди и зелената табла, на која со креда се пишува и работи. Немам ништо против белата табла, каде убаво се пишува со маркер, ниту пак против смарт-таблата која што одлично функционира и навистина е од голема корист и помош во наставата. Но, зошто да ги нема зелените табли, оние вистинските, училишни? Можеби, одговорот е: дека се стари, дотраени, па нели има и убави, зелени табли на кои со краснопис се пишува, ем читливо, ем разбирливо. Маркерот се троши и треба повторно да се купи. Кредата, исто се троши, но барем е заштеда. Зелена табла, во училниците, треба да има!

Порано, сите кои учевме осмолетка, имавме ученичка книшка - трајно сведоштво за постигнатиот успех на училиште. Денес, таа ученичка книшка е заменета со евидентен лист хартија, кој од печатен, сега се користи како електронски достапен и видлив за родителите. Ученичката книшка не бледнее, таа се чува целиот живот. Можеби, еден ден, повторно ќе биде актуелна. Е-учебниците, рето кој ги користи (скоро, никој).

Во наставата, има учебници, иако недостигот се чувствува скоро секоја учебна година. Настава, без учебници, без лектири, и без прилози литература, не ја бидува. Се знае како треба да се учи. Не знам зошто толку се инсистираше на електронски помагала, кога веќе во наставата имаме тоа што е потребно (колку-толку). Секој наставник, континуирано се снаоѓа на свој начин. Иако, секогаш може да се поднови и прошири книжниот училиштен фонд. И на крај, во училница се изведува настава и се учи, а никако НЕ, на Microsoft Teams! Во вонредни (пандемиски) околности видовме што значи електронско учење. Тоа, за кај нас, не е! На пример, не може општински, па и државен натпревар да се одвива електронски со вклучена камера и вклучен микрофон. Тактики и манипулации, има. Па каква ќе биде валидноста на резултатите од тој натпревар? Што ќе се оценува на тој натпревар? Ако сакаме децата да останат неписмени, и несоцијализирани, тогаш соодветна можност е електронската настава. Интеракцијата: наставник-ученик, во училница, мора да продолжи, како што ја личи. И секако, во минатиот текст пишував за тоа, а тука ќе повторам: читањето од книга, мора да се почитува. Таа навика не смее да се заборава и отфрлува! Наставниците мора да бидат поупорни во тоа настојување, да ги мотивираат учениците да читаат. Нема успех, доколку ученикот не прочитал ниту една книга (веројатно, има и такви).

Тежнеење кон дигитализација, или зачувување на традиционалната настава?

Не е лесно, а најмалку не е едноставно да се премине од книга, на компјутер, или на телефон. Тоа е дигитализација. Таа последица се носи во текот на целиот воспитно-образовен процес која што засега не дава некои завидни резултати. Секоја возраст не може да се навикне на дигитална настава, секој не е толку вешт да управува со дигиталните алатки, секој, нема толку дигитални можности... (и покрај многуте наставни обуки) и тука веќе се отвораат многу други прашања за дискусија. Со поглед, не се искачува ниту еден планински врв, ами со чекори, полека, ама сигурно. Така и со преминот и инсистирањето за дигитално образование. Чуму, таква промена, ако добро не се анализира нашето македонско образование (има ли можности, или нема за таква дигитализација). Со текот на годините, можеби и тоа ќе се случи, но дотогаш, нам ни треба реформиран образовен систем. Тогаш, веќе може да се размислува за премин кон е-технологија.

Треба да се зачуваат некои трајни и квалитетни вредности во македонското образование, да не се избрзува кон претходно неанализирана состојба и промена, затоа што тоа доведува до проблем и збрканост во наставниот процес. Било каква промена да се случува, сака и бара време. Оти, образовниот процес се учи, се анализира, па потоа се изведува. Можеби ќе звучи стереотипно, но мислам дека најголем дел од наставниците не можат да се одвикнат од некои значајни наставни средства (од кои се чувствува недостиг). Секој, спрема возраста и убавината на работењето го чувствува наставниот процес на свој, личен начин. И тоа, треба да се почитува (секоја чест на искуството, знаењето, ентузијазмот)!

За крај, најпрвин ги поздравувам сите мои ученици и секако, колешките и колегите, просветари. И, на сите ученици и наставници им посакувам: Среќно и успешно второ полугодие! Живи и здрави, со многу позитивни мисли и постапки!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани