2win800x200

Левичарска дезидеологизација

Февруари 20, 2022

Пишува: Александар Литовски

 

Во светот во кој врховното господство го имаат бесчуствителниот профит, суровата физичка сила и религиозното празноверство, човек со чувство за најосновнте форми на еднаквост, вистина и правда тешко може да живее и нормално да проживее. Многу луѓе опкружени од мрачиите сили на профитот, насилството и религиозниот фанатизам, се движат во границите на неолибералната и малограѓанска церимонијална догматика со самоцензура и самоограничување на својот разум и своите иманентно суверени човечки права. Тие, со својата кукавичка, нихилистичка и стоичка животна филозофија, практикуваат општествена и социјална мимикрија и, секогаш, се подготвени на понижувачки компромиси со неправедниот неолиберален систем и антилогичната и антихумана неолиберална филозофија. Во својата полжавска мудрост на лигавење и полтронизам, сметаат дека умот ги добива војните само во оние случаи кога е итар, понизен, недоследен и дволичен. 

Вообичаено е на денешната општествена сцена, и во светот и во Македонија, да не може, или тешко да може, да се разбере што претставува лево, а што десно. Особено заради тоа што, најчесто, е невозможно да се одреди ниту личната ориентација на сегашните политичари или општествено-политички мислители. Причините треба да се бараат во немањето на идеолошка определба, во историската традиција на класниот конфликт кој денешниве политички актери на смрт ги плаши, во дијаметрално спротивното идеолошко минато на денешните политички партии, движења и актери, во идејната конфузијата на барањата што се поставуваат, во мимикријата при дејствувањето, во флуидноста на дефиниции за „демократија“, за „национален интерес“, па дури и за „национална држава“, во отсуство на конзистентни идеи и програми на политичките чинители, односно во праксата што ги поништува запишаните декламации. Ако ги апстрахираме декларативните изјава на одредени политичари дека припаѓаат на левицата, бидејќи таквата нивна определба не може да се идентификува во праксата, особено ако ги апстрахираме демагошки барања за реализација на „социјална правда“ меѓу оние чија активност е евидентно обележана со неолиберализам и нацизам, клаустрофобија и милитаризам, политичкото поле лево останува пустина како Сахара.
 
За последната генерација „левичари“, апсурдно ама вистинито, идеолошката основа за решавање на општествено-економските проблеми стана неолиберализмот. Но, зборовите „неолиберал“ и „неолиберализам“, grosso modo, не само што не се еквивалентни на зборовите „прогресивец“ и „прогрес“, туку сосема обратно, тие се термини со кои се означуваат регресивните тенденции во општествено-економските односи, десничарските идеи и нивните носители во општествениот живот. Филозофско-социјалниот неолиберализам, економскиот неолиберализам, политичкиот неолиберализам, односно секој неолиберализам е во служба на интересите на малкуте богати, во служба на експлоатацијата, нееднаквоста и неправдата. 
 
Постојат неколку причини за недостигот на моќ за мобилизација на левицата, од кои најважни се неинвентивноста и недостатокот на идеи. Поинаку кажано, немањето на јасна идеологија. Дезидеологизацијата. Сосема е евидентно дека недостатокот од убедлива левичарска противприказна на неолиберализмот е нездраво за развојот на светот. Тој свет, порано или подоцна, нужно мора да пропадни. 
 
Левицата мора да изгради убедлив и посакуван став наспроти десничарскиот неолиберализам, мора како своја работна програма да преземе секојдневна борба за економско ослободување на поединецот, борба за правда и праведност и за ширење на најголема можна политичка слобода, во која, до максимум, ќе се почитува човечкото достоинство. Левичарите мора да зборуваат за она што ги интересира повеќето граѓани и да ги поддржуваат обесправените социо-економски структури. Само така левичарите ќе можат да се надеваат на опстанок и победа во идните политички битки.
 
Во секој случај, да се биде левичар значи да се биде човек кој се противи на економските, социјалните и цивилизациските антихумани неправди, да се биде некој кој во сеопштиот дремеж на духот ќе бара сеопшто достоинство, некој кој ќе пропагира разумност и мир, наместо војна и човечки жртви, некој кој ќе биде јавен застапник на сеопшта економска слобода и социјална правда, некој што ќе биде деклариран атеист што настојува да се одухови поимот Човек во време кога 'рчењето, гровтањето и врескањето на витезите на теологијата и неолиберализмот ги надминуваат децибелите произведени од стотици млазни авиони. Да се биде идеолошки левичар, денес, во овој криминален дваесет и први век, за жал, значи да се биде човек на кого судбината му носи многу борби, падови, страдања, шиканирања, етикетирања и анатемисувања.
 
 
 
  (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани