АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кога шестиот ден, Господ Бог го создал човекот, тој го направил по обличјето свое, т.е. да личи на него. Го направил ист к`о него, ама (за чудо), човекот не мрдал, не дишел и изгледал како да е макета од глина. Тогаш Господ се сетил, и му дувнал во устата “Хуу,...” и човекот оживеал. Му ја пренел својата душа нему. Веројатно после тоа и Господ се израдувал на сработеното, па седмиот ден си го посветил себе си , за да се почине. Седмиот ден заминал на одмор....
Ете каде е мистеријата, ете каде е енигмата. Ете, каде се крие најголемата тајна во историјата на човештвото и творештвото. Тајна над тајните. Во човековата (ретка) особина, на околината да му дарува живот, да му даде душа, како Господ, нам: “Хуу,..” Длабоко во човековата душа, таму се крие необјаснивото, тоа што со зборови не можам да го раскажам. Оваа човекова особина е ретка појава и затоа луѓето “слични” на Бога, ја имаат најголемата обврска во едно општество – да градат, разубавуваат и да даруваат душа. Бидејќи ако не се искористи оваа особина, тоа претставува најужасниот грев пред Бога, освен, ако Ви е сеедно дали ќе го разочарате и изневерите НЕГО. Оти, ТОЈ не ја дава таа особина многу често, и не секому....
“Отворањето” на втората чакра т.е. биолошкото размножување (сепак), не е највисокиот дострел во животот. Да се “дарува живот”, тоа значи да се биде ненаситен од убавина, тоа значи постојано да се трча по идеалот, тоа значи постојано да се лета кон сонцето. Знам, (еден ден) ќе Ви се испржат крилата, ама тоа е цената – “Кој сее љубов, ќе жнее солзи”. Сепак, и покрај се, неописиво е чувството на среќа кога после Вас ќе оставите нешто неповторливо, нешто за паметење, нешто со “душа”.
Конечно, да се дарува живот, значи да се зборува за нас и нашата духовна оставштина, тогаш и кога нас нема да не има на овој свет. Оти, само напишаното, насликаното или изграденото останува после нас, за на век. Но, не се само уметниците привилегирани да даруваат живот. Живот се дарува и со благонаклонетост, внимание, добронамерност или убав збор. Затоа воопшто не е сеедно дали имате харизма на ЧОВЕК, или харизма на полнета пиперка.
Мојот роден град Битола е токму таков град – град со душа. Многумина, мојот град го “оживеале”. Но, тоа не значи дека во мојот град не треба да се интервенира, дека с`е има и дека ништо не му недостига. Напротив, токму духот на овој град не обврзува и апелира на нас, да правиме убави работи, да градиме неповторливи нешта, да даруваме “душа”. Потребата да се интервенира во околината, (да се гради и разубавува) е стара колку и светот. Потребата да се гради и разубавува, е исконска дарба од небото. Со неа се раѓаме, живееме и заминуваме од овој свет.... Потребата да се гради и разубавува не е популизам, таа е исклучиво - елитизам !
Затоа никогаш не треба да го заборавиме последниот - судниот ден, кога ќе започне одјавната шпица на нашиот живот, со нашите животни остварувања. Тогаш, воопшто нема да Ви биде сеедно, (во таа одјавна шпица), дали ќе бидат испишани неколку прости реченици,.......... или неброени раскази и романи..... C`est La Viе !
Со почит,
Архитект - Зоран Николовски
“Кога го прашале сиромавиот што сака да јаде, леб или млеко, тој им рекол: – Попара !”.
(Народна мудрост)
Цел живот живееше сам на врвот од еден рид, и цел живот ги гледаше своите браќа, другите камења во долот. Тие беа големо друштво, и поголеми и помали, одбрана екипа, и секогаш заедно. Последните денови, к'о за инает, само на нив размислуваше. Тешко се живее сам без никого. Им завидуваше на нивниот живот, на нивната сплотеност, на нивното заедништво. Не можеше повеќе да издржи. Самотијата стана неподнослива, просто неиздржлива. И се реши - пресече ! Еден ден со сета сила се напна колку што можеше, и оп, се стркала долу по стрмниот рид. Слезе долу. Го смени местото на живеење, го смени домот, го смени животот. Му беше малку чудно и необично, но мислеше дека тоа брзо ќе го пројде и дека ќе се навикне. Се запозна со своите браќа, а со некои од нив и многу заживеа. Среќни денови минуваше во нивно друштво....
Но, не измина долго време, по патот каде што “слезе” каменот, поминаа некои луѓе и го згазнаа. Почувствува неподнослива болка. Тоа чувство му беше непознато. Потоа, една запрежна кола со задното тркало помина низ калта што беше во негова близина и го испрска, го напрај јок. Но, тука не завршуваа маките и страданијата на младиот камен. Најнеподносливиот момент му беше кога кучиња скитници, ќе го “почастеа” со физиолошки исцедок. “Ова е веќе неподносливо !”, си размислуваше каменот….......
Долго време седеше така како “скаменет”, конфузен и во мислите, и во чувствата........
Од тогаш неговиот поглед се “скамени” на врвот од ридот од кај што дојде и којзнае уште колку време не можеше да се помири со непромислената идеа, да слезе долу. Се караше сам со себе. Гледаше така горе и тагуваше, а солзите не можеше да ги скрие. Во неговата “камена” глава му навираја сеќавањата за едно минато време, кога беше свој на своето, кога беше неприкосновен, кога беше слободен. Пред да стане - НЕНАСИТЕН....
Парафразирана басна на Леонардо Да Винчи.
... Наситноста и ненаситноста се чудни чувствства, необјаснети појави. Тие се и благодет и проклетство. Природни појави. Наш е само изборот, која страна ќе ја одбереме, кој пат ќе го фатиме. Едниот или другиот. Како црвенкапа или волкот, како Салиери или Моцарт, како Битлси или Ролинг Стонси - како СЛОБОДА или СМРТ. Нама трето ! Изборот е личен и длабоко интимен. Кога Александар Македонски го прашал својот учител: “Што сакаш да ти подарам учителу мој ?”, учителот му одговорил: “Тргни ми се од сонцето”. А, кога попот го прашале: “Попе, што ќе пиеш, пиво или вино ?”, попот му одговорил: “И ракија !”. Учителот имал наситка, попот - не ! Триста луѓе, триста табиети, што би рекол нашиот народ.
И наситноста и ненаситноста ги имаме во нас, ги носиме со нас. Тие се нераскинлив дел од нас. Како два екстремитети. Само прашањето е на која од двете ќе и дозволиме да исплива, на која ќе и дозволиме да преовладее. Ненаситноста е секојдневие, наситноста e искушение. Ненаситноста е овоземна, наситноста е Боженствена. Не може, и едното и другото – НЕ ! Или едното или другото. Или СЛОБОДА или СМРТ ! Конечно, изборот ќе зависи само од едно - од воспитувањето што сме го “спечалиле” во домот кај што сме се родиле и пораснале. С'е е од дома, од родителите. С'е е генетика. Ако го сочуваме “детето” во нас, тогаш сме наситни. Доволно ни е. Наситни сме. Ако не, ништо нема да ни е доволно и ќе немаме наситка, или што би рекол народот наш : ”Пците со маст н'е не јадат“ ! Да се биде наситен е во ред, но воопшто не е грев и да се биде ненаситен. Разликата е во тоа за кој вредности ќе бидеме ненаситни. На кои вредности ќе им се поклониме – на Божјите заповеди, или на златното теле. За кој вредности ќе живееме и за кој вредности ќе умреме. За идеалот се живее, за него и се умира. С'е останато, е празно множество.
Целата човечка популација на земјината топка, избира помеѓу единствените ликови; Благородникот и поет Дон Кихот и селанчето Санчо Панса. Едниот како синоним за ненаситност од возвишена љубов и пустоловини, и другиот како синоним за ненаситност од овоземни богатства и ниски страсти.
Пишува Зоран Николовски,Дипл. Инг. Арх.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)