Неопходноста од реорганизација и трансформација на институциите во државната управа и јавната администрација е забележана во поновите извештаи на ЕУ, вклучувајќи го и последниот, каде што се укажува уште во првата реченица во делот на отчетност на администрацијата, при што се наведува дека е неопходно донесување на нов Закон за организација на работата на органите на државната управа (ЗОРОДУ), кој последен пат бил сменет во 2019 година. Ова, меѓу другото, се наведува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во јавната администрација насловен како: „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, во кој се прави пресек на состојбата со реформскиот процес од 2021 година, заклучно со 31 март 2022 година
Едно од полињата за реформи на јавната администрација, се отвореноста и транспарентностa. Може да се каже дека напредокот на ова поле е започнат уште веднаш по промената нa власта во 2017 година во јуни, иако позначителен напредок е сторен по спроведувањето на мерките и активностите од акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 и повторното донесување и функционирање во пракса на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и подобрување во однос на проактивното информирање на јавноста.
Ова е констатирано и со истражувањата што се правени од „Метаморфозис“ во рамките на регионалниот проект во соработка со партнерите од регионалната мрежа на Граѓанската организација Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE). Новото мерење „Метаморфозис“ веќе го има завршено, но поради сложеноста околу проверката на податоците, треба да биде објавено некаде во јуни 2022 година.
Дека работите одат добро во ова реформско поле можеше да се забележи уште во 2021 година, најпрво од полугодишниот извештај за степенот на реформските зафати, каде што се наведува дека во тој период се бележат 53 отсто реализирани активности, 13 отсто се во тек и 34 отсто доцнат, но и од Извештајот на СИГМА (види референца 3), иако во овој извештај оценките се построги во однос на отчетноста.
Всушност, со отчетноста има проблеми кои се нотирани и во извештаите на СИГМА и на ЕУ.
Реорганизацијата на органите и институциите сè уште само на хартија
Неопходноста од реорганизација и трансформација на институциите во државната управа и јавната администрација е забележана во поновите извештаи на ЕУ, вклучувајќи го и последниот, каде што се укажува уште во првата реченица во делот на отчетност на администрацијата, при што се наведува дека е неопходно донесување на нов Закон за организација на работата на органите на државната управа (ЗОРОДУ), кој последен пат бил сменет во 2019 година.
Во споменатиот Извештај на СИГМА (стр.91), пак, се наведени забелешки во однос на поставеноста на повеќе институции и се сугерира дека Владата треба да ја прифати реорганизацијата на тие институции како што се сугерира во заклучоците од Проектот спроведен преку ИПА – „Поддршка на државната реорганизација“. Главната забелешка е дека постојат тела и институции чија отчетност реферира кон Собранието, а би требало да бидат отчетни кон матичните министерства, т.е. кон оние министерства што ги покриваат областите на тие тела. Поради тоа се сугерира дека Владата и Собранието треба да ги идентификуваат тие државни тела.
Повеќе за ова барање за реорганизација во рамките на институциите од државната управа може да се види од Записникот од 9-тата седница на Секретаријатот за реформи во ЈА. На таа седница одржана во јуни 2021 г., странскиот експерт што раководи со проектот ИПА 2 „Поддршка на државната реорганизација“, во наодите и заклучоците при донесување на нивниот предлог за реорганизација, на состанокот ги изнел следните податоци:
– не постои единствен хиерархиски систем, повеќе органи се формирани со lex specialis (82), отколку согласно Законот за организација на работата на органите на државната управа (ЗОРОДУ) – 62 органи
– има 100+ буџетски корисници од прва линија
– има нејасни критериуми за статус на правно лице
– хиерхаријата на отчет е збунувачка, не се поднесуваат извештаи
– нема назначување, раздвојување за функциите: планирање политики, спроведување, надзор и контрола
Основните поенти од презентацијата беа: помалку институции преку нивно спојување и укинување, извршни функции во рамките на извршната власт, јасна хиерархија во поднесување извештаи во областа на политиките, поделба на функции: облик, реализација, контрола и поврзаност со процесот на буџетирање. Во самото излагање експертот посочи кои институции би се споиле, а кои би се укинале, како и која управа би потпаднала под кое министерство… (Записник од 9-тата седница на Секретаријатот за реформи во ЈА, стр 2 и 3)
Од овој Записник може да се види дека едно од главните тела преку кое потоа ќе оди реорганизацијата, би било формирање дигитална агенција, а потоа под неа да прејдат низа самостојни институции, како што се Управата за водење матични книги, Централниот регистар, Агенцијата за кататстар на недвижности, МАРНЕТ и Националниот регистар за одговор на компјутерски инциденти, Агенцијата за електронски комуникации итн. Од расправата се гледа дека претставниците од МИОА и од Секретаријатот за законодавство, на пример, имаат прашања и нејаснотии од предложената реорганизација, но странскиот експерт останал на два става – дека добар дел од предложената реорганизација била од самото МИОА и дека, ако Советот за реформи со кој претседава премиерот, има поинакви идеи за реорганизација, нема да било проблем експертот да предложи и да се прилагоди со нов план за реорганизација.
Патем, оваа седница на Секретаријатот за реформи на ЈА е одржана непосредно пред последната седница на Советот за реформи, на која во два дела од седницата се разгледувале овие прашања, во јули 2021 г. Нема соопштение по втората седница, така што не е познато каква е судбината на овој план. По првата, да потсетиме, беше соопштено дека:
Во наредниот период Предлогот за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво, ќе биде финализиран и доставен на седница на Влада.
Но, имајќи ги предвид локалните избори од октомври 2021 и имајќи го предвид споменатиот Извештај на СИГМА од ноември 2021, оставката на Владата од декември и формирањето нова, јасно е дека работите се закочени, па оттаму и препораката на СИГМА планот да се прифати и да се направи таквата реорганизација.
Сомневање дека политиката е главна пречка во реорганизацијата и донесувањето на самиот нов ЗОРОДУ имаат и експертите.
И првиот ЗОРОДУ некаде пред дваесет години беше донесен со помош на ЕУ и нивни експерти. Бидејќи овој закон е двотретински, односно се носи со две третини од пратениците во Собранието, не бил менуван често. Последен пат во 2019 година, кога требаше врз база на политички и коалициски договор да се формира Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, едно целосно непотребно министерство со 35 вработени административни службеници и од кое плата примаа над 2.000 вработени надвор од сите критериуми на мерит системот, а врз основа на примена на правичната застапеност на припадниците на малцинствата во земјата, пред сè, албанското, вели експертот.
Дел од овие лица потоа со програмата К-5 се вработија во дел од 1.300 институции, но дел, неколку стотини нераспределни и натаму примаат плата од буџетот преку ова министерство.
Примерот од експертот беше даден како едно од прашањата за кои немало поголем проблем меѓу партиите интервентно да се смени ЗОРОДУ, но сега кога навистина треба вистински да се смени поради обемна рорганизација, експертот очекува дека тоа можеби нема да се случи, барем не во брз рок и не сеопфатно. Тој додава дека сегашната преобемност на институции што се формирани надвор од ЗОРОДУ со негово заобиколување преку посебни закони (lex specialis), што е недозволиво, е направена токму како резултат на меѓукоалициски договори за да добие секоја од партиите „на тежина“ дека управува со институции или вработува нивни членови и симпатизери.
За да профункционира ЗОРОДУ, ќе треба повеќе стотици вработени да останат без работа, а повеќе институции да бидат укинати или претопени во други, но на ниво на сектори, управи, одделенија… Токму поради меѓукоалициските договори и „мир во куќа“, овој дел од реформата е многу тежок –заклучува експертот.
Но, друга експертка од фокус-групата децидно тврди дека не е само до политичката волја. Според неа, станува збор за проблематични предлози како да се изврши таа реорганизација, кои засегаат стратешки политики во повеќе министерства, а како пример беше наведено Министерството за труд и социјални политики и спроведувањето политики во однос на правата на жените и родовите политики.
Она што е неподелена оценка на експертите од фокус-групата, е дека е неразбирливо зошто целиот процес е затворен и нетранспарентен. Само дел од ГО имал увид во планот предложен од експертскиот тим на проектот, а последната средба и контакт поврзан со овој проект бил некаде во септември минатата година, но ни тогаш не биле споделени детали. Она што може да се разбере од експертите е, дека ЕУ што го поддржува проектот преку ИПА 2 програмата, од првичното траење од 2 години, минатата 2021 година го продолжила траењето и финансиската поддршка на овој проект и за во оваа 2022 година.
Истражувањето околу тоа каде се заглавени работите беше расчистено со два податока. Владата веќе го има разгледано статусот на овој проект на својата 23 седница, во март 2022 г., како 139 точка од дневен ред под наслов: Информација за статусот на реализација на активностите во рамките на ИПА 2017 проектот „Поддршка на државната реорганизација“. На последната прес-конференција на МИОА, надлежниот министер соопшти дека тогаш била донесена и одлука со која се задолжуваат три министерства, МИОА, за земјоделество шумарство и водостапанство и за економија, да почнат со подготовки за примена на новата организација како пилот-министерства, откако ќе биде донесен законот.
https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар