АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На 28 април, во четврток, Битола на точак ја организира 62 критична маса и ги повикува сите граѓани кои се засегнати, се сложуваат и се залагаат за вело инфраструктура да се вклучат на протест со заедничко возење од 18 до 19 часот. Овој пат мотото е „8 години Битола на точак 0 километри вело инфраструктура“
Во мај 2014 граѓанската иницијатива Битола наТочак ја поттикна првата Критична маса. Tогаш за прв пат ги повикаа граѓаните да излезат и недвосмислено да упатат порака до јавните функционери дека „сообраќајот во Битола е практично насилие на асфалтот кое се негува и храни со политиките кои се верглаат со децении, а посебно последните години“.
Сето ова, според Битола на точак, резултира со истиснување и бркање на граѓаните кои се движат на алтернативни начини (пешки, на точак , со помагала поради физички попречености, родители со мали деца и сл.) од градските улици и нивно принудување на премин кон движење со кола како единствен начин кој е безбеден во дадениве услови.
„Еве и по осум години, градот не само што се соочува со истиот проблем туку почнува немилосрдно да се бори со наглото зголемување на бројот на возила, што создава дополнителен загушлив сообраќаен метеж, а граѓаните кои сакат да бидат активни и да се движат на алтернативните начини, да бидат фрлени во оган заедно со тешкашите на коловозот“, нагласуваат од иницијативата.
Според нив, од локалните јавно избрани функционери се очекува да покажат елементарен осет за безбедност за движење низ градот и да инвестираат во одржливи начини на движење преку безбедна и удобна пешачка и велосипедска инфраструктура.
„И покрај тоа што граѓаните еве 61 пат излегле на улица со јасни пораки, сепак влијанието на Општината останува 0 километри изградена вело ифраструктура. Во меѓувреме се градат бројни проширени и новоотворени улици без планирање на велосипедскиот сообраќај. Бројни ветувања за конечен пресврт и планирање на инвестициите, за Битола да стане пред се град за луѓе, а не град загушен во моторни возила“, велат од Битола на точак.
На последниве локални избори сите партии и групи кои го сочинуваат градскиот Совет беа едногласни дека нивните реакции се оправдани и дека ќе се залагаат за промени во планирањето на сообраќајот.
„Кога веќе го имаме тој консензус не гледаме причини за дополнителни одлагања. Битола може да стане вело град во еден мандат доколку тоа се постави како стратешка цел. Засега тоа не го гледаме. Додека цел свет инвестира во одржливи начини на живот, ние остануваме заглавени во минатото. Затоа апел до сите носители на одлуки за про-активност и ажурност оти најдоброто време за инвестирање во вело инфраструктура беше вчера, рекоа од иницијативата.