Реакција на министерката за култура и потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска

Април 19, 2022

Деновиве моето име и името на мојот дедо Пецо Гудовски го изговараат оние кои, во едно не така дамнешно време, не смееја, а и не сакаа да го спомнат. Тоа се истите оние кои борците од НОБ и НОВ ги избркаа од своите простории, а сега ги „позајмуваат“ нивните имиња за еднократна и провидна употреба.

Како горда внука на Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941, јас пораснав со раскажувањето на настаните и подвизите на партизаните, за нивната херојска борба против фашистичкиот окупатор. Веројатно затоа, за мене борбата на партизаните е најсилната асоцијација на борба за слободна и народна Македонија.
Во однос на бугарскиот културен клуб, кој во саботата беше отворен во мојата родна Битола, ќе кажам - немам намера да се мешам во изборот на друга држава кого ќе чествува. Oсобено не за лик кој самиот се впишал во историјата како соработник на тогашниот фашистички режим.
Јас го чествувам ликот и делото на мојот дедо и на неговите соборци, кои и по цена на сопствените животи, беа и останаа на вистинската страна на историјата. Ниту еден коментар, ниту една колумна, ниту еден статус по социјалните мрежи не можат да ја променат свежата вистина за тоа кој го чествуваше, кој му отвораше музеи и го вајаше од восок анти-македонецот, бегалец во Рим.
Моето семејно стебло има длабоки и цврсти корени. Ниедна лага не може да ги заниша ниту гранките.
Историјата никој не може да ја промени, но иднината можеме. Тоа е мојата заложба како член на оваа Влада, но и на останатите членови на Владата. И уште еден факт. Социјалдемократите никогаш и никаде не работеле против својата држава и против интересите на своите граѓани. Напротив.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани