АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На почетокот, сакам да кажам дека содржината на овој текст е малку подолга, бидејќи сметам дека има што да се прочита а ја пишувам во еден здив. Впрочем, таа беше и моја, лична желба.
Човек, во својот живот, професионално се определува и се ориентира, еве да кажам, уште од најмала возраст. Не е исклучено, тој пат и таа возраст, со текот на годините да се промени и да фати друг правец. Кај мене таа определба, започнува од многу мала возраст, некаде 8-9 годишна возраст. Да се биде свесен што точно се сака од мали нозе и како тоа се гледа, следи и учи низ годините, за мене претставуваше, не само огромно задоволство, ами и исклучителна чест на која што сум благодарен до ден денес. Првата слика во која најмногу се вљубив уште во училиштните денови, беше училиштниот Дневник. Односно, Дневник за работа на паралелката, гледајќи ја мојата учителка, а потоа гледајќи ги и наставниците и професорите, како го носат во рака, па како работат во него, и тоа, глетки и интерес до детали... И бев многу среќен на тие црвени книжни корици кои со текот на годините, беа и сини. Тоа за мене претставуваше посебно воодушевување. Ја сакав наставата, ги сакав моите соученици, ги почитував и сакав и моите претпоставени кои ме учеа и научија на прави вредности во животот. Така денес, исто ги сакам и почитувам и моите ученици и моите колеги. Низ училиштните лавиринти сум научил многу активности поврзани со наставата, како и надвор од наставата кои со текот на образованието се промениле и секако дека се надоградуваат. И за тоа, потребни се интерес и волја, за да се биде во тек со случувањата. Училиштниот живот е загатка, која секогаш открива и донесува нешто ново.
Моето прво учителствување
Паралелно, уште како ученик, следуваа и моите први наставни часови, односно се случуваше и моето прво учителствување во еден чикмак во Битола, каде што живееја моите баба и дедо. А тој беше чикмак, да речам улица полна деца, малку помали од мене. Тие деца, вклучително и мојата сестра, и мои братучеди, ми беа мои ученици. Јас бев тој, кој ги учеше (ама по многу наставни предмети) и воедно им правев тестови, па дури и сум ги оценувал. Ги собирав сите и во дворот, дури и во куќата кај моите баба и дедо, одржувавме часови. Си ги чувам сите писмени докази (вклучително и дневникот кој го водев). Можеби ќе чуев: „уште си дете“, „роден си за даскал“, да, ама бев подготвен да бидам наставник. Во тоа бев силно убеден и уверен. Тоа потсвесно сум го совладал и веќе останало во моите мисли. Убаво време беше тоа, навистина. Имаше многу желба да се чита и учи. Во гостувње, на една утринска емисија со Утринците на ТВ Телма, ја споменав и мојата тетка Даница, наставничка по биологија која сега е веќе во пензија, а повторно ќе ја споменам и тука. Таа е исто така, многу заслужна за мојот интерес кон наставничката професија. Кај неа, редовно кога одев на гости и го барав бележникот (нотесот) со нејзините ученици и го разгледував, односно гледав како и што таа оценува. Денес, си разменуваме мислења и ставови: како било, а како е. Убава и најблагородна професија е работењето со деца, а уште поважно - најодговорна, бидејќи се работи со убав, безгрижен и млад свет, жива материја која што треба да порасне и созрее, да се описмени и да научи да мисли со своја глава. Односно, од ученичиња, треба да прераснат во ученици, кои еднаш засекогаш ќе совладаат животни навики и вештини како од образовен, така од социјален карактер. Таа е мојата страст која што живее од мал, па до денес и понатаму во иднина. Моја животна определба, за која точно знам зошто ја сакам и работам со волја и интерес (без разлика, какви промени носи денешното образование).
Патот до професионалното оформување
Уште додека бев во средно, гимназиско образование, општа струка, знаев каде ќе продолжам високо образование. Тоа што низ годините го сакав, го изведував на некој начин, не ми претставуваше тешкотија и да го студирам (освен во одредени години и периоди) кога факултативните политики малку ги измешаја брзините, а тоа се случува и денес (секако, од некои недоволно разјаснети правни работи и насоки), но за тоа, не би сакал да должам. Два факултети со желба и многу посветеност, со солиден просек ги завршив, еден факултет во Битола (Педагошки Факултет, јазични насоки), а другиот факултет во Скопје (Филолошки Факултет „Блаже Конески“, македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик). И драго ми е што, како наставник и професор, можам да предавам и во основно, и во средно училиште. Впрочем, таа беше и мојата желба. Иако, имам и постдипломски студии, исто, на филолошкиот факултет во Скопје, сепак не магистрирав од економски причини. Којзнае, можеби еден ден, иако не ми е тоа во план (барем засега). Мојата љубов и волја за работа е училницата, а во неа, најмилата радост – учениците. Факултативната пракса, воопшто не ми предизвикуваше страв и несигурност, кога требаше да реализирам наставен час, односно, да застанам пред ученици. Методиката ми беше само помош како да се искористат тие наставни форми, методи итн..., на часот. Самиот изградив, своја методика, како треба да започне еден наставен час и како тој да се одвива и да заврши. Веќе друг воспитно-образовен кодекс, е пристапот кон учениците и кон колективот, воопшто. Секој изоден пат по факултетските ходници и амфитеатри е предизвик и на свој начин тежок, не така едноставен. Тоа го знам, бидејќи навистина сакав да го постигнам тоа за што сум се посветил од најмала возраст, и навистина така се случи. Благодарен сум на класата професори од кои многу научив и кои ми оставија трајни, позитивни впечатоци. Само ќе го споменам мојот проф. д-р Венко Андоновски, кај кого имав прилика и да му асистирам на факултет, но тоа траеше само одреден период, благодарение на довербата која што ја имаше во мене. Се случи и тоа, застанав и во факултетска предавална, пред студенти и имавме подготовка за колоквиум. Прекрасно чувство. Денес сум наставник, кој безмерно ја сака и почитува својата професија, а со неа и учениците.
Чест е, да се биде во секое училиште (и основно и средно)
После завршувањето на факултативните студии и оформувањето на професионалниот профил, првата работа, која што многу сериозно ја сфатив, беше моето одење по училиштата во Битола, и како секој млад и надежен човек кој ја гледа егзистенцијата во она што го постигнал и што треба да го работи, јас отворено се интересирав и прашував каде има слободни часови, па макар биле и замени, итн... Бев многу свесен и затоа тоа го правев. Точно знаев што сакам. Имав прилики, да одржувам волонтерски часови и тоа многу, многу, кои ми помогнаа во практикувањето на мојата професија (тоа ретко кој го прави), па со текот на годините се јави потреба и од замена на мои колеги и колешки (се разбира, кога ќе имале потреба за отсуство, јас со задоволство, како нивен колега, излегував во пресрет), па потоа следуваше работата со договор на дело на определен, подолг временски период (замени). Денес, останува уште конечно да се трансформира и реши мојот работен статус. Останатото, сум го завршил во предвиден рок (мислам на приправничкиот стаж) и сметам дека треба да бидам скрасен со работно решение. Мојата одговорност и доследност кон професијата, никаде и во ниту еден миг не покажала слабост, напротив, секогаш навремено, среќно и со многу љубов и разбирање сум се однесувал во секој колектив и на секој наставен час. Оние кои ме познаваат, знаат дека е тоа така. И тоа, се уште трае (макар и онлајн). Оти, еднаш се учи, и цел живот се практикува. Навика на која треба да се биде верен и принципиелен. Ја имав честа да бидам дел од скоро, сите училишта во Битола, со исклучок на едно, две. И тоа навистина многу ми значи. Тоа никогаш не се заборава. Тоа е трајно искуство. Да се работи со многу ученици (од најмала, до најголема возраст), привилегија е! Денес, со учениците се сретнуваме, муабетиме, се грабиме, се сеќаваме на училиштните денови... Благодарам и на почитуваните колеги, кои секогаш ми излегувале во пресрет, па затоа има и по што да ги паметам.
Наставата со учениците, активности и предизвици
Единаесет и пол, скоро дванаесет години сум низ училиштните ходници и училниците. Период, исполнет со посветено и успешно работење со учениците (иако, се повеќе училишта во прашање), сепак одговорноста кон работата, не смее да се менува. Барем кај мене, не. На голем дел од учениците, сум им бил и класен, покрај предметен наставник, и тие се посебно драг спомен за класниот. Ја сакам таа одговорност. Треба да се има во предвид дека: прво и основно, кога се работи со деца е, да се покаже љубов и внимание, насмевка и позитивни мисли кон нив. Тоа децата го сакаат и прифаќаат. Наставникот, покрај втор родител на учениците, воедно е нивен најдобар другар. Така многу полесно се работи и се одржува непречена комуникација: ученик-наставник-родител. Како еднаш ќе се постави наставникот спрема учениците, така засекогаш ќе биде запаметен. И обратно. Тука се и признанијата, сертификатите, пофалниците... Тука, да ги споменам и дебатите во учебните: 2018 и 2019 год. кои ги организирав во основните училишта во Битола со полуматурантите на тема: „Мојот иден средношколски избор“. Дебати кои наидоа на позитивно мислење и успех со полуматурантите (на еден начин, им помагав во изборот на нивната идна средношколска ориентација, преку дебата, да ги искажат своите ставови и размислувања). Задоволството да се работи со ученици отсекогаш ми претставувало посебно доживување исполнето со многу радости и воодушевувања. И никогаш, не сум имал некаков нерешлив проблем во наставното работење, иако имало и има такви проблематични ситуации. И тие се решаваат. Секогаш, ме носела и ме носи позитивната мисла и волја во работата која што бескрајно ја сакам и која што живот ми значи. Затоа и не се штедам во професионалната ориентација. Можам, и ја работам. По предметите: македонски јазик и литература и француски јазик, кои што ги предавам, има многу наставни активности и предизвици. Колку што се можело и се може, толку сме биле и сме активни со учениците. Така е и денес, иако морам да признаам дека интересот на учениците да земат некое литературно учество или да речеме на некаков натпревар, е многу мало, односно без некој посебен интерес. Тоа се чувствува, претпоставувам и по другите наставни предмети. Драмската секција, на пример е одлична можност учениците да го покажат својот надарен потенцијал, да ја отворат слободата на „сцена“ и навистина да бидат „совршени“ глумци. Јас, неколку години ја водев и се уште имам волја да ја водам драмската секција. Сум имал беспрекорно одлични и креативни драмски претстави, со солидни „глумци“. Но за тоа, со учениците драматурзи, потребно е време и трпение за солидна подготовка. Сепак, јавно се настапува и треба да биде интересно. Ако јас, како наставник, умеам и знам како да ги научам учениците да мислат и да не брзаат, да бидат свои, а со тоа и напамет да не ги учат лекциите, ами со разбирање, тогаш навистина сме постигнале значителен успех, кој не зависи само од оценката или од домашното, ами од многу други активности во кои учениците земаат учество и ги изработуваат. А за нив, секако дека е потребен - интерес. Рака на срце, тоа одлично се одвива и не знам за поинаку. Треба, како наставници да имаме: и заеднички јазик и паметно разбирање со учениците. Така ќе воспоставеме учтив дијалог, а ќе постигнеме и секаков можен договор, и нормално, ќе бидеме успешни (во наставата, па и надвор од неа).
Ја имам честа да бидам: одговорен, посветен и добар наставник. Таков и ќе останам во иднина. Моите ученици, се моја Енциклопедија, и секогаш, и секаде, освен во нотесите, во срцето и душата ги носам.
Ги поздравувам сите мои ученици на кои сум им предавал, каде и да се: Германија, Словенија, Австрија..., некои од нив се и фамилијарни луѓе, а поздрав и до сите ученици, на кои им предавам. Бидете живи, здрави, среќни. Вашиот наставник и професор е секогаш среќен и задоволен кога мисли и се сеќава на Вас.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик