АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Постоеше непишано правило кај учениците од Средното ветеринарно училиште во Битола на кој било лош професор да му се избушат гумите. Во исто време, имаше правило никогаш да не се наштети на велосипедот на Владимир Костов, зашто беше толку добар, но и многу опседнат со литература, па не би знаел да си го поправи“, раскажа писателот Божин Павловски една од многуте анегдоти за неговиот поранешен професор, писател и почесен член на МАНУ, Владимир Костов (1932-2023).
Павловски и негови поранешни соученици од Средното ветеринарно училиште деновиве во Битола се поклонија на гробот на нивниот некогашен професор по македонски јазик. Меѓу нив беа и Никола Јорданов – хирург во пензија, Борис Ангелков – еден од првите ветеринарни доктори во Пелагонија и универзитетски професор во пензија и Цане Пејковски – поранешен директор на Ветеринарниот институт на Македонија.
Павловски потоа студираше книжевност и вели дека за тоа заслуга има и Костов.
„Цел живот го сметав за свој учител во литературата. Цело време додека живеев во Битола бев опседнат со Градската библиотека, таму бев од утро до мрак. Бев упатен во литературата, но Костов го разви тоа до перфекција“, кажа Павловски.
Ова се едни од првите ученици на Костов. Тој бил испратен да предава во стручно училиште, а успеал да направи силна литературна дружина.
„Го нарекувавме Бајрон, оти предавањата за него му беа извонредно убави. Неговиот баритонски глас ги освојуваше учениците, сите бевме редовни на неговите часови. Го викавме уште и Владо Македонецот и Момчичо, оти ни велеше ‘Момче, биди пристоен’. Го сметав за постар брат, иако беше десетина години повозрасен. Поради него ја засакавме литературата. Ни даваше за летниот распуст да прочитаме илјадници страници и кого да читаме од француската, руската и светската книжевност“, се присети Борис Ангелков, кој беше професор на Високата земјоделска школа и Факултетот за биотехнички науки.
Никола Јорданов вели дека редовно ги читале лектирите и не препишувале еден од друг како што се случува денес. Неговите ученици го паметат и како голем педагог.
„Никогаш не преземаше казни и санкции, не пишуваше единици. Професор со високи интелектуални квалитети и човек со интегритет. Имаше капацитет да прости, имаше ученици кои правеа палавштини, а тој само ќе ги опоменеше. Не ги казнуваше и така содаде авторитет“, се присети Цане Пејковски.
Костов почина во јануари на 90-годишна возраст. Има објавено 17 романи, 11 збирки новели, 10 книги за деца и млади и збирка на драми „Декалог”. Автор е на романот „Свадбата на Мара“, чија драматизација во режија на Љубиша Георгиевски беше поставена во Народниот театар во Битола во 1976, па беше забранета со судска одлука. Сепак, таа стана култна и освои награди на повеќе југословенски фестивали.